Целе
Целе
Celle | |
Замокот во Целе | |
Управа | |
Земја | Германија |
---|---|
Покраина | Долна Саксонија |
Округ | Целе |
Градски единици | 17 |
Градоначалник | Јерг Ниге (ДХС) |
Основни податоци | |
Површина | 176,01 км2 |
Надм. височина | 40 м |
Население | 70.138 (31 декември 2022)[1] |
- Густина | 398 жит/км2 |
Други информации | |
Часовен појас | CET/CEST (UTC+1/+2) |
Рег. табл. | CE |
Пошт. бр. | 29221–29229 |
Повик. бр. | 05141, 05145, 05086 |
Портал | www.celle.de |
Местоположба на градот Целе во рамките на округот Целе | |
Координати | 52°37′32″N 10°04′57″E / 52.62556° СГШ; 10.08250° ИГД |
Целе (германски: Celle) — град и административно седиште на истоимениот округ, во сојузната покраина Долна Саксонија, Германија.
Градот важи како јужна порта на Линебуршкото Поле и поседува стар град со повеќе од 400 куќи во фахверк, како и замок во ренесанса и барок. Изграден е на бреговите на реката Алер, притока на Везер.
Од 1378 до 1705 година бил официјална резиденција на Линебуршката гранка на војводите на Брауншвајг-Линебург, кои биле протерани од нивното првично седиште од тамошните жители.[2]
Географија
[уреди | уреди извор]Целе се наоѓа во долината на Алер, притока на реката Везер. Од главниот град на Долна Саксонија, Хановер, е оддалечен околу 40 километри на југозапад, од градот Брауншвајг околу 65 километри југоисточно и од градот Хамбург околу 120 километри на север. Целе претставува втор најголем град по Линебург помеѓу Хановер и Хамбург.
Површината на градското подрачје изнесува 176,05 км². Во рамки на градот, во реката Алер на исток се влева реката Лахте, а на запад реката Фузе.
Соседни општини
[уреди | уреди извор]Следниве општини се граничат со градот Целе. Почнувајќи од север на десно, сите припаѓаат на округот Целе: градот Берген, Ешеде, Беденбостел и Лахендорф (обете во општинската заедница Лахендорф), Винхаузен (општинска заедница Флотведел), Нинхаген и Аделхајдсдорф (обете во општинската заедница Ватлинген), Хамбирен и Винзен.
Градски единици
[уреди | уреди извор]Градот е поделен на следниве градски делови: (податоци од 31 декември 2016 г.[3])
Градски дел | Жители | Површина во км² |
Жители по км² |
---|---|---|---|
Алтенцеле | 4.804 | 24,280 | 198 |
Алтенхаген | 856 | 7,102 | 121 |
Блумлаге/Алтштат | 8.374 | 4,011 | 2.088 |
Бостел | 602 | 5,359 | 112 |
Боје | 841 | 8,449 | 100 |
Гарсен | 2.725 | 32,891 | 83 |
Грос Хелен | 2.846 | 14,950 | 190 |
Хелентор | 7.746 | 3,530 | 2.194 |
Хуштет | 558 | 14,198 | 39 |
Клајн Хелен | 5.795 | 4,997 | 1.160 |
Лахтехаузен | 642 | 7,461 | 86 |
Нојенхојзен | 7.951 | 2,970 | 2.677 |
Нојштат/Хезе | 10.728 | 10,216 | 1.050 |
Шојен | 1.047 | 13,093 | 80 |
Форверк | 3.185 | 3,894 | 818 |
Вештерцеле | 6.936 | 7,967 | 871 |
Виценбрух | 4.837 | 10,671 | 453 |
Вкупно | 70.473 | 176,045 | 400 |
Клима
[уреди | уреди извор]Годишниот просек на врнежи изнесува 692 mm, што претставува пониско од просекот на Германија. Најсув месец е февруари, додека најмногу врнежи паѓаат во август.
Годишната просечна температура изнесува 8,9 °C. Најтопли месеци се јули со просечни 17,5 °C и август со 17,1 °C, додека најладни се јануари со 0,6 °C и февруари со 1,1 °C.
Историја
[уреди | уреди извор]Среден век
[уреди | уреди извор]Целе бил првпат споменат во документ од 985 година како Келу (Kellu[4]; што означува „населба на река“[5]). Му било дозволено да кова сопствени монети во текот на XI век и неколку монети биле пронајдени во Сандур на Фарските Острови. Во 1292 година, војводата Отон II од Брауншвајг-Линебург (1277–1330), кој го водел Кнежевството Линебург од 1277 до 1330 година го напуштил Алтенцеле, каде имале ѕидини во облик на прстен од X век и основале правоаголна населба до постоечкиот замок (Burg), 4 километри на северозапад. Во 1301 година му ги доделил градските права на Целе,[6] а во 1308 година ја започнале изградбата на градската црква.
Во 1378 година, Целе станал резиденција на војводите на Саксо-Витенберг, а во 1433 година принцовите на Линебург ја пренеле резиденцијата во замокот (Schloss). Војводскиот замок бил сместен на триаголник помеѓу Алер и нејзината притока, Фузе. Ендек кој ги поврзувал реките бил изграден во 1433 година, претворајќи го градското јадро во остров. Во 1452 година, Фридрих Пиј од Линебург го основал францисканскиот манастир. Во 1464 година, монополот за жито поттикнал стопанско чудо за градот.
Ран нов период
[уреди | уреди извор]Во 1524 година била воведена реформарцијата во градот. Во 1570 година, војводата Вилхелм Помладиот изградил капела во замокот, која била осветена во 1585 година. Од 1665 до 1705 година, Целе доживеал културно издигнување како резиденција на војводата Георг Вилхелм. Ова особено било засилено поради неговата француска сопруга, Елеонор д’Олбрес, која ги донела сонародниците хугенотските христијански и италијански архитекти во Целе. Во тоа време биле поставени француски и италијански градини и бил изграден театарот во замокот.
Во 1705 година починал последниот војвода на Брауншвајг-Линебург и Целе, заедно со Кнежевството Линебург, поради што градот преминал на хановерската линија на Велфската династија. Како надомест за губењето на статусот на војводска резиденција, во градот биле основани бројни административни установи, како што бил Високиот апелациски суд (Oberappellationsgericht), затворот и Државното ергеле. Со тоа градот се развил во административно и судско средиште. И денес, во градот е сместен Покраинскиот социјален суд за Долна Саксонија и Бремен и Високиот покраински суд, еден од трите во покраината. Исто така, во Целе уште се наоѓа затворот (Justizvollzugsanstalt Celle). Во минатото, граѓаните на Целе имаат одбрано да имаат затвор во градот наместо универзитет.
Во август 1714 година, Георг, војвода на Брауншвајг-Линебург (крал Џорџ I) го наследил британскиот престол. Оттогаш до 1866 година, кога градот станал пруски при Австриско-пруската војна како дел од покраината Хановер, Целе бил во посед на британската хановерска линија.
Во 1786 година, Албрехт Тер го основал првиот германски земјоделски институт во ливадите на Дамаш (денешни градини Тер).
Нов период
[уреди | уреди извор]Во 1842 година биле изградени касарните „Кембриџ-Драгонер“ (Cambridge-Dragoner-Kaserne) за истоимената единица именувана по хановерскиот војвода Адолф Фридрих. Откако биле проширени во 1913 година и делумно обновено по пожар во 1936 година, биле преименувани во „Гудвуд“ (Goodwood Barracks) во 1945 година, а од 1976 до 1996 година биле седиште на бригадата 33 на германската војска. Во 1989 година повторно биле преименувани во касарни „Кембриџ-Драгонер“. Од 1996 година биле користени како младински центар, еден од најголемите во покраината Долна Саксонија.
Од 1869 до 1872 година биле изградени касарни за 77. бригада, по која била именувана и главната улица, која поминувале пред касарните. Во 1938 година биле преименувани како касарни „Хајде“ (Heidekaserne). По Втората светска војна, касарните биле користени од британската војска до 1993 година. Во нив била сместена Кралската артилериска бригада повеќе од 25 години, а потоа кратко биле сместени и 14. сигнална бригада, која била преместена од Шојен додека касарните не биле вратени на локалните власти. Денес, Новото Градско собрание (Neue Rathaus) и градските власти се сместени во обновената тулна градба. На остатокот биле изградени станбени згради и градски парк.
Во 1892 година - со помошта на бројни донации од граѓани - бил основан денешниот музеј „Боман“ (Bomann Museum) со своите важни фолклорни збирки и збирката за градската историја. Во 1913 година била изградена камбанаријата на градската црква во висина од 74 метри, која била обновена во 2008 година. Локалната фабрика за сапун во 1932 година се споила со таа во Пајне. Овој концерн се проширила во текот на нацизмот. Подружница основана во 1936 година работела за војската во повеќе германски градови. Нејзин производ била свилата за падобрани потребна на Вермахтот.[7]
Во септември 1929 година, Рудолф Карштат го отворил трговскиот центар Карштат во центарот на Целе, чија фасада била идентична со онаа на Херманплац во Берлин. Истиот бил срушен во 1960-тите години и заменет со контроверзна нова градба, чија алуминиумска фасада требало да ги претставува фахверк-куќите во Целе.
Нацистичко време
[уреди | уреди извор]Во текот на Кристалната ноќ, антиеврејскиот погром во Нацистичка Германија ноќта на 9 ноември 1938 година, синагогата во Целе била единствено спасена од целосно уништување, бидејќи била ризик за блиската фабрика за кожа и другите делови од историскиот Алтштат.
На 1 април 1939 година, Алтенхојзен, Клајн Хелен, Нојенхојзен, Форверк и Виценбрух биле припоени кон Целе. На 8 април 1945 година се случиле единствените сериозни сојузнички напади на градот во текот на Втората светска војна. Само 2,2% од градот бил уништен, особено индустрискиот дел и станицата за товарниот железнички сообраќај. Воз, во кој биле пренесувани 4.000 затвореници до соседниот концентрациски камп Берген-Белзен бил погоден. Во нападот загинале стотина, но некои од затворениците успеале да избегаат во блиската шума. Подоцна, војниците од одредите СС и граѓаните на Целе тргнале во т.н. „лов на зајаци“ (Celler Hasenjagd).[8] Во „ловот“ биле убиени стотина и траел до 10 април 1945 година и претставува најтемниот дел од историјата на Целе.[9] Точниот број на жртвите не бил утврден. Неколку од виновниците подоцна биле обвинети за овој воен злостор.
Градот бил поштеден од понатамошно уништување откако се предал без борба со напредувањето на сојузничките трупи на 12 април 1945 година, така што историскиот дел од градот и замокот ја преживеале војната нечепнати.
Војска
[уреди | уреди извор]Во текот на Третиот Рајх, Целе бил важен гарнизонски центар. Делови на 17. и на 73. пешадиски полк и на 19. артилериски полк биле сместени во градот. Целе бил исто така седиште на окружната воена команда и на воената документациска служба.
Германската војска ги користела касарните во Шојен и касарните Кембриџ во градот за седиште на 33. вооружена бригада до 1990-тите години. Воздушната база Целе (касарни Имелман) во округот Виценбрух, денес се користи како седиште на тренинг-центарот на војската, а касарните Кембриџ станале младински културен центар.
Касарните на британската војска биле предадени на германските власти на 5 ноември 2012 година. По повторното обединување на Германија, градот ја изгубил улогата на важен гарнизонски град.
Повоено време
[уреди | уреди извор]По војната, Целе се пријавил, заедно со Бон и Франкфурт на Мајна, да стане седиште на парламентарниот совет (Parlamentarischer Rat), непосредно повоено владино тело во Германија, подоцна заменето од западногерманскиот Бундестаг. На крај, советот му припаднал на Бон.
На 1 јануари 1973 година, Целе го загубил статусот на слободен град (Kreisfreie Stadt) и станал најголема општина во новиот истоимен округ. Исто така, станал најголем град во административниот округ (Regierungsbezirk) Линебург. Истовремено, местата Умерн, Полхефен и Ханенхорн биле припоени во округот Гифхорн. Оттогаш, општината Хоне имала шест села (Хоне, Хелмеркамп, Шпехтсхорн, Умерн, Полхефен и Ханенхорн) во два окрузи. Градот Целе, исто така, припоил голем број на села од околината.
На 25 јули 1978 година бил извршен бомбашки напад на надворешниот ѕид на затворот. Првично била обвинета франкцијата на црвената армија, но подоцна било откриено дека било дел на тајната служба на Долна Саксонија.
Во 2004 година, округот Линебург бил распуштен заедно со другите административни окрузи во Долна Саксонија. Целе, моментално, е 12. најголем град во Долна Саксонија.
Припојување на општини
[уреди | уреди извор]- 1 април 1939 г.: Алтенхојзен, Клајн Хелен, Нојенхојзен, Форверк и Виценбрух
- 1 јануари 1973 г.: Алтенцеле, Алтенхаген, Алферн, Бостел, Боје, Бург, Гарсен, Грос Хелен, Хуштет, Лахтехаузен, Шојен и Вестерцеле.
Раст на населението
[уреди | уреди извор]Во средниот век и почетокот на новото време, Целе имал само неколку илјади жители. Населението растела бавно, а се намалувала значително како последица на многуте војни, епидемии и периоди на глад. До почетокот на индустријализацијата во XIX век, населението не се зголемувало. Достигнало вкупно 8.800 во 1818 година, но во 1900 година градот имал повеќе од 20.000 жители. Припојувањето на околните села на 1 април 1939 година довело до значителен (вештачки) раст на бројот на жители, на 38.000.
Кратко по Втората светска војна, многуте бегалци и протерани од германските области во Источна Европа довеле до значителен раст на бројот на жители во период од неколку месеци, кога градот стигнал од 17.000 на 55.000 жители во декември 1945 година. Припојувањето на општините на 1 јануари 1973 година довело бројката на жители да надмине 75.000, што било историско највисоко ниво.
На 30 јуни 2005 година, согласно статистичката служба на Долна Саксонија, во градот живееле 71.402 (само жители).
Следниов преглед го покажува населението во градот. Бројката од 1818 година е само прогноза, додека останатите се податоци од пописи или официјални податоци од службата за статистика. Од 1871 година, бројките ги покажуваат присутните лица, од 1925 година постојаната популација и од 1987 година, населението што живее во нивното главно живеалиште.
|
|
|
|
¹ податоци од попис
Политика
[уреди | уреди извор]При гласање на претставници во Бундестагот, градот припаѓа на изборната единица Целе-Илцен. Во 1983, 1987, 1990 и 1994 година, Клаус-Јирген Хедрих (CDU) ги освоил директните избори. Во 1998, 2002 и 2005 година победил Петер Штрук (SPD). Во 2009, 2013 и 2017 година победил Хенинг Оте (CDU).
За долносаксонскиот парламент (Landtag), градот припаѓа на единицата Целе-Штат со околината.
Градски совет
[уреди | уреди извор]Градскиот совет се состои о 42 избрани членови, како и директно избраниот градоначалник. Тие припаѓале на следниве партии односно здруженија:
CDU | SPD | FDP | Зелени | WG | BSG-CE | REP | Linke | Независни | DIE PARTEI | AfD | Вкупно | |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
2006 | 17 (41,3 %) | 13 (30,6 %) | 5 (12,4 %) | 4 (8,9 %) | 1 (3,4 %) | 1 (1,4 %) | 1 (1,2 %) | 0 | 0 | 0 | 0 | 42 места |
2011 | 14 (32,9 %) | 13 (32,4 %) | 2 (4,2 %) | 5 (11,1 %) | 2 (4,1 %) | 1 (2,5 %) | 0 | 1 (2,5 %) | 4 (10,2 %) | 0 | 0 | 42 места |
2016 | 15 (35,7 %) | 12 (29,4 %) | 2 (4,7 %) | 3 (7,4 %) | 1 (2,8 %) | 1 (1,3 %) | 0 | 1 (2,1 %) | 2 (5,7 %) | 1 (1,5 %) | 4 (9,4 %) | 42 места |
последните локални избори биле на 11.9.2016[10]
Градоначалници
[уреди | уреди извор]- 1877–1895: Ото Хатендорф (1822–1905)
- 1895–1924: Вилхелм Денике (1852-1924)
- 1924–1945: Ернст Мајер (1887–1948)
- 1945: Макс Фогел
- 1945–1946: Валтер Херстман (1898–1977)
- 1946–1948: Рихард Шефер
- 1948–1952: Франц-Георг Гизети (1901-1982)
- 1952–1964: Вилхелм Хајнихен (1883–1967)
- 1964–1973: Курт Бланке (1900–1997)
- 1973–1985: Хелмут Херстман (CDU, 1909–1993)
- 1986–2001: Херберт Северин (CDU)
- 2001–2008: Мартин Бирман (CDU)
- 2009–2017: Дирк-Улрих Менде (SPD)
- од 2017: Јерг Ниге (CDU)
Збратимени градови
[уреди | уреди извор]Целе е збратимен со следниве градови:[11]
Грбовите на збратимените градови, поставени на споменик во градот.
-
Квидзин
-
Хеменлина
-
Холбек
-
Суми
-
Медон
-
Тависток
-
Тјумењ
-
Талса
Знаменитости
[уреди | уреди извор]Градбите во стариот дел на Целе потекнуваат од XVI век и помеѓу нив се бројни (и некои 480 обновени) куќи во фахверк, што го прават Целе важен град за туризам во јужниот дел на Линебуршкото Поле. Најимпресивна градба е војводската палата, Замок Целе, кој бил изграден во 1530 година на местото на поранешниот замок. Друга поголема знаменитост е Градската црква (Stadtkirche, 1308) со својата бела кула, од каде градскиот трубач двапати дневно труби (стара традиција која била обновена како туристичка атракција). Целе има синагога изградена во 1740 година, една од неколкуте преживеани при нацистичкиот погром во 1938 година, благодарение на својата местоположба во тесна улица со дрвени фахверк куќи и до важна кожарница.
Целе е познат како почетна точка за туристите во Линебуршкото Поле.
Концентрацискиот камп Берген-Белзен, каде починала Ана Франк во 1945 година, се наоѓа близу Целе. Денес, постојат споменик и изложбен центар на местото на кампот.
Училиштето „Албрехт Тер“ било основано од Албрехт Тер во 1796 година.
Исто така, во градот се одржува Божиќен пазар секоја година во стариот дел.
Музеи
[уреди | уреди извор]Музејот Боман спроти замокот има дела од сликарот Еберхард Шлотер и има поставки за локалниот фолклор и градската историја. Ја поседува збирката Танси, збирка на минијатурни портрети. Уметничкиот музеј Целе (Kunstmuseum Celle) со збирката на Роберт Симон е придружен член на музејот Боман.
Во самиот замок се наоѓа музеј (Residenz Museum), кој има поставка за велфската династија. Гарнизонскиот музеј ја претставува историјата на Целе како гарнизонски град од 1866 година до денес, додека Музејот за пукање (Schützenmuseum) во куќата на градскиот ѕид (Haus der Stadtmauer) — посветен на историјата на клубот за пукање на Целе. Делото на архитектот Ото Хеслер од Целе се наоѓа во истоимениот музеј. И во стар амбар (Treppenspeicher) изграден во 1607 година, како и оранжеријата, изградена во 1677 година за Институтот за земјоделство, може да се погледне изложба за пчеларството.
Театар
[уреди | уреди извор]Театарот во замокот Целе (Schlosstheater Celle) бил основан во 1674 година и е најстар зачуван театар во Германија, кој уште работи, и е најстар барокен театар во Европа. Има голема сала и две помали сцени (Malersaal и Turmbühne), како и дополнителен надворешен простор (Halle 19).
Сместен на работ на Стариот град (Altstadt) се наоѓа уметничкиот театар Кунст & Бине (Kunst & Bühne), кој е поддржан од градот и чиј репертоар има од комедија до песни, џез, кабаре и филмови.
Паркови
[уреди | уреди извор]Сликовитата француска градина се наоѓа веднаш јужно од Стариот град и каде е сместен долносаксонскиот Институт за земјоделствот. Паркот во замокот со своите ровови е на местото на поранешните одбранбени бедеми на војводската палата. Долж Банхофштрасе (Bahnhofstraße) се наоѓа јавен парк.
На десниот брег на Алер се наоѓаат ливадите Дамаш, омилено одредиште за излети, а веднаш до нив е градината на медицински растенија и градината „Тер“ со неговата мала велепоседничка куќа. До Новото градско собрание (Neues Rathaus) — воздигнат градски парк. Други важни отворени области се повеќето градски гробишта, како и сликовитите шумски гробишта (Waldfriedhof) со својата градина.
Спорт
[уреди | уреди извор]Од 1968 година до средината на 1970-тите, фудбалскиот клуб ФК Целе играл во втората германска лига (тогаш наречена Регионална лига). По два банкроти бил префрлен во лигата на Долна Саксонија, а од 2005 година игра во североисточната лига на Долна Саксонија, што е петта лига во германскиот фудбалски систем.
Ракометниот клуб Гарсен-Целе имал женски состав кој настапувал во втората дивизија Север од средината на 1990-тите. Во 2009 година завршил прв и станал дел од првата дивизија.
Од 1983 година се одржува трката Целе Ваза (Celler Wasa-Lauf) секоја година на втората недела во март низ центарот на градот. Трката прераснала во еден од најголемите настани во Германија за растојание помали од маратон и е поделена на трки во неколку категории: детска трка од 2,5 километри и трки од 5, 10, 15 и 20 километри. Неколку години се одржувал и настан за планинарење долж Алер на растение од 11 километри. Во 2004 година имало рекорден број на учесници со 11.232 пријавени жени и мажи на настанот.
Целе е еден од петте центри за долносаксонскиот веслачки клуб. Спринтерската регата се одржува секоја година во октомври.
Стопанство и инфраструктура
[уреди | уреди извор]Стопанство
[уреди | уреди извор]Туризмот е важна гранка за стопанството на Целе, особено во летните месеци, кога се одржуваат најразлични фестивали, кои привлекуваат илјадници посетители.
Градот не е познат по тешката индустрија, но многу бизниси започнале во Целе и некои, како Роза Граф Козметика, се прошириле и низ светот. Целе има одредени врски со нафтената индустрија, особено со претпријатија за инженерски делови за дупчење. Халибуртон, основана во 1919 година, е еден од најголемите светски снабдувачи на производи и услуги за енергетската индустрија и има седиште во Целе.[15]
Друга полесна индустрија во градот се електрониката, прехранбената индустрија и обработката на метал, дрво и пластика. Дополнително, во градот имало производители на мастило, хартија и музички инструменти. Воедно, Целе е дом на институтот за пчели во Германија.
Исто така, во Целе има бројни вработени во администрацијата, поради големиот број владини канцеларии.
Сообраќај
[уреди | уреди извор]Железнички
[уреди | уреди извор]Целе се наоѓа на линијата Хановер-Хамбург. Брзите возови помеѓу Хановер и Хамбург застануваат на секој час на станицата. Возовите на Метроном го поврзуваат градот со Илцен, Хановер и Гетинген преку регионалната железничка мрежа. Целе е крајна станица за рутите 6 и 7 на хановерската С-Железница.
Делот помеѓу Целе и Гросбургведел бил изграден во 1920-тите години како брза линија. Го добила прекарот „зајачка железница“ (Hasenbahn) поради ефектот врз зајаците во околината. Во 1965 година, овој дел преку Лангенхаген била електрифицирана за брзите возови од Хамбург до Хановер, со цел да го намали вртењето преку Лерте и менувањето насока до Хановер. Подоцна, била надоградена за сообраќај до 200 км/ч.
Порано, постоеле железнички врски од Целе преку Швармштет до Бремен и преку Плокхорст до Брауншвајг; овие биле затворени во 1970-тите години и во голем дел биле расклопени. Во 2004 година, последната преостаната линија од Гифхорн до Целе преку Винхаузен, која уште се користела за товарен сообраќај, била затворена.
Источната хановерска железница превезува товар на неколку преостанати линии во областа околу градот.
Железницата Лерте-Целе е важна рута за товарните возови и била претворена во 1998 година во современа линија на С-Железницата.
Трамвајска мрежа од две линии била во функција од 1907 година, но била затворена и расклопена помеѓу 1954 и 1956 година.
Патен
[уреди | уреди извор]Важни врски во сообраќајот се:
- север-југ: автопатот Б3 кој води на север до Золтау/Хамбург и на југ до Хановер
- југоисток-запад: сојузниот автопат Б214 до Брауншвајг
- североисток: сојузниот автопат Б191 до Илцен/Линебург/Лудвигслуст
- покраинскиот пат 310 преку Фурберг до раскрсницата кај Мелендорф на автопатот А7
- покраинскиот пат 282 преку Беденбостел, Елдинген и Штајнхорст до Витинген
- покраинскиот пат 180 преку Винзен до раскрсницата на автопатот А7
Воздушен
[уреди | уреди извор]Аеродромот Хановер со меѓународни врски се наоѓа на околу 35 километри од градот.
Воздухопловната база кај Целе е оддалечена 4,5 километри југозападно од градот. Била користена од британската војска по Втората светска војна и била користена за време на Берлинскиот воздушен мост. Денес, базата главно се користи од воената воздухопловна школа (Heeresfliegerwaffenschule) како тренинг-база од пилотите на хеликоптери.
Воздухопловната база Целе-Арло, близу Шојен, се користи како спортски аеродром.
Воден
[уреди | уреди извор]Денес, пристаништето во Целе се користи само од туристите. Од Целе, реката Алер низводно претставува сојузна бродска линија; спротиводно брана ги спречува бродовите да поминат. Во минатото, Целе била важна станица за бродовите помеѓу Брауншвајг и пристаништата во Бремен преку Окер, Алер и Везер. Трговците од Бремен и Брауншвајг имале специфични задачи од војводите на Целе и подоцна од градот Целе со цел да го обезбедат транспортот, поради брзината на Алер во областа Целе, што предизвикало товарење и растоварување на стоката во пристаништето неопходно.
Од 1900 година, количината на трговија низ пристаништето на Целе рапидно се намалувало и се префрлила на камиони и возови. До 1970 година, превозот на жито и поташ биле уште значителни.
Јавен превоз
[уреди | уреди извор]Низ градот поминуваат осум автобуски линии. Постојат и 15 автобуски регионални линии, со кои се поврзани околните села.
Медиуми
[уреди | уреди извор]Целеше Цајтунг (Cellesche Zeitung) — локален дневен весник со тираж од 34.977 (во 2005 г.). Дополнително, постои двонеделно списание Целер Курир (Celler Kurier) и неделен Целер Блиц (Celler Blitz), како и месечно градско списание.
Образование
[уреди | уреди извор]Во градот постојат гимназијата „Херман Билунг“, гимназијата „Царица Августа Викторија“, гимназијата „Ернестинум“, основана уште во 1328 година, и гимназијата „Хелти“.
Во градот постојат и уште три општи училишта, шест комбинирани училишта, како и девет основни училишта. Дополнително, постои католичкото основно училиште и основното и средно училиште Монтесори.
Во Целе има четири стручни училишта.
Од 2003 година, во градот постои приватната висока школа за економија, која нуди студии во мехатроника и бизнис-администрација. Друга важна образовна установа во Целе е Бормајстершуле, која е техничка школа за дупчење, вадење и технологија за цевководи.
Целе е дом и на едно од двете долносаксонски противпожарни училишта.
Познати луѓе
[уреди | уреди извор]Родени во Целе пред 1850 г.
[уреди | уреди извор]- Георг (Брауншвајг-Линебург) (1582–1670) — принц на Каленберг од 1635 година
- Софија Доротеја од Целе (1666–1726) — сопруга на Џорџ I и мајка на Џорџ II
- Јохан Ернст Галијард (1687–1749) — германски композитор
- Антон Вилхелм фон Лесток (1738–1815) — пруски генерал
- Албрехт Тер (1752–1828) — основач на агрономијата
- Ернст фон Геминген (1759–1813) — германски композитор и артистократ
- Ернст Шулце (1789–1817) — поет
- Лудвиг Арон Ганс (1794–1871) — германски индустријалец
- Георг Зојлер (1800–1866) — теолог
- Фридрих Визелер (1811–1892) — германски класичен археолог и филолог
- Карл Гедеке (1814–1887) — историчар
- Георг Бергман (1821–70) — сликар
- Вилхелм Хауерс (1836–1905) — архитект
Роден во Целе во периодот 1850-1950
[уреди | уреди извор]- Едвард фон Капеле (1855–1931) — германски адмирал
- Фридрих Пфотенхауер (1859–1939) — петти претседател на Лутеранската црква-Мисури Синод
- Ернст Емил Херцфелд (1879–1948) — германски археолог, ориентолог и епиграф
- Роберт Лер (1883–1956) — политичар
- Роланд Фрајслер (1893–1945) — адвокат, судија и политичар
- Август Ширмер (1905–1948) — архитект, градежен инженер и член на парламентот
- Херман Шриде (1937–1985) — скокач
- Хајко Харборт (р. 1938) — универзитетски професор
- Фолкер Улрих (р. 1943) — историчар, новинар и писател[16]
- Волфганг Кубин (р. 1945) — поет, есеист, синолог и преведувач
- Бетина Холс (р. 1947) – уметник и дизајнер
- Клод Геверк (р. 1947) — француски политичар
Родени во Целе по 1950 г.
[уреди | уреди извор]- Керстен Мајер (1954–2001) — германски пливач
- Ерни Рајнхарт (р. 1955) — глумец
- Карл-Хенинг Ререн (р. 1956) — германски физичар
- Габи Бауер (р. 1962) — новинарка
- Анте Целк (р. 1963) — претприемач
- Михаел Ренкел (р. 1965) — гитарист
- Матијас Блацек (р. 1966) — новинар, историчар и издавач
- Фрауке Ајкхоф (р. 1967) — натпреварувачка во џудо
- Зилке Шац (р. 1967) — уметничка
- Роберт Хермес (р. 1969) — истражувач
- Кристијан Оливер (р. 1972) — глумец
- Фелекнас Уца (р. 1976) — политичар
Жители на Целе
[уреди | уреди извор]- Урбан Региус (или Урбан Ригер; 1489–1541) — протестантски реформатор
- Јохан Арнт (1555–1621) — теолог
- Георг Вилхелм (Брауншвајг-Линебург) (1624–1705) — војвода
- Каролине Матилда (1751–1775) — кралица на Данска и Норвешка во егзил
- Јохан Антон Лајзевиц (1752–1806) — писател и адвокат
- Херман Ленс (1866–1914) — уредник и поет
- Ото Хеслер (1880–1962) — архитект
- Хајнрих-Херман фон Хилзен (1895–1982) — генерал-мајор во Вермахтот
- Зигфрид Вестфал (1902–1982) — офицер
- Ернст Цирке (1905–1972) — член на СС одредите
- Хајнрих Шмит (1912–2000) — член на СС одредите
- Фриц Даргес (1913–2009) — член на СС одредите
- Фриц Грасхоф (1913–1997) — сликар, писател и текстописец
- Ерих Топ (1914–2005) — командант на подморица
- Хајнрих Алберц (1915–1993) — протестантски теолог, политичар и градоначалник на Западен Берлин
- Харалд Ранге (1948–2018) — адвокат
Почесен граѓанин
[уреди | уреди извор]- Ото Телшов (1876–1945) — службеник во Нацистичката партија, член на Рајхстагот 1930–1945. Статусот на почесен граѓанин му бил даден во 1936 година, а му бил укинат во 2007 година.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Населеност на окрузите, општините и месните заедници во Долна Саксонија на 31 декември 2022“. Служба за статистика и комуникациска технологија на Долна Саксонија. јули 2023. (германски)
- ↑ Michelin et Cie (1993). Michelin Tourist Guide Germany (1st ed.) Clermont-Ferrand: Michelin. ISBN 2-06-150401-9.
- ↑ „Bevölkerung“. celle.de (германски). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-09-16. Посетено на 2017-12-02.
- ↑ Adolf Bach: Deutsche Namenkunde. Band II, 1: Die deutschen Ortsnamen. Heidelberg 1953, p. 36
- ↑ Heinrich Wesche: Unsere niedersächsischen Ortsnamen. o. O. 1957, S. 38
- ↑ Heinrich Gottfried Gengler: Regesten und Urkunden zur Verfassungs- und Rechtsgeschichte der deutschen Städte im Mittelalter, Erlangen 1863, S. 479–482; поврзано S. 982–983.
- ↑ Hubertus Feußner, Die Spinnhütte, = Apoldaer Heimat. Beiträge zur Natur und Heimatgeschichte der Stadt Apolda und ihrer Umgebung 2008, S. 29ff.
- ↑ Celinscak, Mark (2015). Distance from the Belsen Heap: Allied Forces and the Liberation of a Concentration Camp. Toronto: University of Toronto Press. ISBN 9781442615700.
- ↑ "Shifting Memories. The Nazi Past in the New Germany" K. Neumann. University of Michigan Press, 2000
- ↑ „Stadtrat Celle 2016. Endergebnis“. wahl.landkreis-celle.de. Посетено на 2016-09-26.
- ↑ „Stadt Celle“. www.celle.de. Архивирано од изворникот на 2011-06-11. Посетено на 2010-01-05.
- ↑ „Ville de Meudon – Villes jumelles“. Ville de Meudon. Архивирано од изворникот на 7 мај 2013. Посетено на 2013-07-29.
- ↑ „UK Twin Towns“. Dorset Twinning Association. 11 мај 2007. Архивирано од изворникот на 24 јуни 2007. Посетено на 2007-06-28.
- ↑ „Tulsa's Sister Cities“. Tulsa Gobal Alliance. Архивирано од изворникот на 22 октомври 2007. Посетено на 2007-11-02.
- ↑ "Halliburton German office location Архивирано на 14 јануари 2009 г.." Halliburton. Посетено на 13 January 2009.
- ↑ "Expert and historian Dr. Volker Ullrich receives honorary doctorate at the University of Jena" Архивирано на 1 април 2019 г. (PDF; 124 kB), University of Jena, 8 December 2008. Retrieved 22 April 2013.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Целе“ на Ризницата ? |
- Официјална страница (германски)
|
|