Собрание на Македонија
Собрание на Македонија | |
---|---|
Тип | |
Тип | |
Историја | |
Актуелен собор | 11. собрание |
Водство | |
Африм Гаши од 28 мај 2024 | |
Генерален секретар | Марина Димовска од 7 мај 2024 |
Состав | |
Места | 120 |
Политички групи | Список
|
Избори | |
пропорционален со затворени листи | |
Последни избори | 8 мај 2024 |
Следни избори | 2028 |
Зборно место | |
Собраниската сала во Палатата на Собранието | |
Мрежно место | |
sobranie.mk |
Оваа статија е дел од темата |
Политиката на Македонија |
---|
Портал: „Политика“ |
Собрание на Македонија (службено: Собрание на Република Северна Македонија, често именувано како Македонско собрание) — претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Македонија. Собранието е еднодомно и според Уставот на Република Македонија може да биде составено од 120 до 140 пратеници, но во сите досегашни состави биле избирани по 120 пратеници. По парламентарните избори од 2011 година, бројот на пратеници се зголемил на 123 пратеници, поради изборот на тројца пратеници од дијаспората, но во најновиот пратенички состав од 2016 година повторно има само 120 пратеници.
Пратениците се избираат на општи и непосредни избори со тајно гласање. Право да биде избран за пратеник има секој државјанин на РМ кој наполнил 18 години, има деловна способност и не се наоѓа на издржување на казна затвор за сторено кривично дело. Пратениците во Собранието на РМ ги претставуваат граѓаните во Собранието, при што одлучуваат по сопствено убедување. Мандатот на пратениците трае четири години и тие не можат да бидат отповикани. Организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот на Република Македонија и Деловникот на Собранието. Собранието заседава во Скопје. Актуелен претседател на Собранието е Африм Гаши.[1]
Палата
[уреди | уреди извор]Собранието работи во зградата на Собраниската палата, сместена во близина на Плоштад Македонија во Скопје, наспроти паркот Жена-борец. Палатата била изградена во 1938 година по проект на Виктор Худак, чешки архитект. Објектот е концепиран во модерен архитектонски јазик за тоа време, со специфичен масивен разигран волумен и присуство на чисти фасадни елементи, надвор во форма на петаголник со внатрешен двор со сала. Првично се употребувала од локалната управа во тогашното Кралство СХС, сè до ослободувањето на градот Скопје во ноември 1944 година кога овде се сместува тогашната републичка власт—претседателот, Народното Собрание, Владата и Уставниот суд на ДФ Македонија.
По Скопскиот земјотрес од 1963 година, зградата била оштетена и се презеле големи зафати за нејзино санирање и реконструкција. Како дел од Скопје 2014 пред Палатата е поставен Споменик на Никола Карев, водичот на Крушевската Република. Палатата на Собранието денес располага со повеќе сали за седници, кабинети на Претседателот на Републиката, Претседателот на Собранието, на потпретседателите, како и за раководителите на комисиите, пратеничките групи, стручните служби и секторите, и за генералниот секретар на Собранието и неговите заменици. „Палата на собранието“. sobranie.mk. Посетено на 26 јануари 2021.
Надлежности на Собранието
[уреди | уреди извор]Собранието на Република Македонија го донесува и изменува Уставот на Македонија, донесува закони и дава автентично толкување на законите, ги утврдува јавните давачки, донесува републички буџет и завршна сметка на буџетот, донесува просторен план на Републиката, ратификува меѓународни договори, одлучува за војна и мир, донесува одлуки за менување на границите на Републиката, донесува одлуки за стапување и истапување од сојуз или заедница со други држави, распишува референдум, одлучува за резервите на Републиката, основа совети, избира Влада на Република Македонија, избира судии на Уставниот суд на Република Македонија, врши избори, именување и разрешувања и на други носители на јавни и други функции утврдени со Устав и со закон, врши политичка контрола и надзор над Владата и над други носители на јавни функции што се одговорни пред Собранието, дава амнестија и врши други работи утврдени со Уставот.[2]
Законодавна постапка
[уреди | уреди извор]Редовна постапка
[уреди | уреди извор]Право да предлага донесување на закон имаат овластените предлагачи, а тоа се секој пратеник, Владата или најмалку 10.000 избирачи. Иницијатива за донесување закон до овластените предлагачи може да даде секој граѓанин, група граѓани, институции и здруженија. Постапката за донесување на законите е уредена со Деловникот на Собранието. Согласно, Деловникот предлог законот овластените предлагачи го поднесуваат до претседателот на Собранието кој веднаш, а најдоцна во рок од три работни дена од поднесувањето го доставува до пратениците, во писмена или електронска форма, со што започнува законодавната постапка.[3]
Согласно Деловникот законодавната постапка се одвива во три читања.
Прво читање започнува со разгледување на предлог на закон во работните тела, при што Собранието, матичното работно тело и Законодавно-правната комисија во првото читање одржуваат општ претрес по предлогот на законот. Пред предлогот на закон да се претресе на седницата на Собранието, го разгледува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија. Комисиите оценуваат дали Предлогот е прифатлив и дали треба да се даде на натамошно читање. Во првото читање, по одржаната општа расправа Собранието одлучува дали Предлог законот е прифатлив и може да се даде на натамошно читање, во Второ читање на предлогот.[3]
Второто читање започнува во матичното работно тело и Законодавно-правната комисија и се врши во рок од седум работни дена по одржаната седница на Собранието за Прво читање по предлогот. Во ова читање на Предлогот се поднесуваат амандмани. Амандман може да поднесе секој пратеник, пратеничка група и работно тело. Амандманите се поднесуваат до претседателот на Собранието, најдоцна два дена пред одржување на седниците на матичното работно тело или на Законодавно-правната комисија. Матичното работно тело и Законодавно-правната комисија за секој амандман водат претрес и гласаат одделно. Матичното работно тело и Законодавно-правната комисија по завршувањето на претресот најдоцна во рок од пет дена подготвуваат текст на предлогот на законот во кој се вградуваат усвоените амандмани (дополнет предлог) и образложение и го доставуваат до претседателот на Собранието. На Второто читање на седница на Собрание се води претрес само по оние членови што се изменети со амандмани и само на тие членови може да се поднесат амандмани. Амандман може да поднесе пратеничка група, секој пратеник и предлагачот, најдоцна во рок од три дена пред денот определен за одржување на седницата на Собранието. Ако на второто читање на седницата на Собранието се усвоени амандмани на помалку од една третина од членовите на изменетиот предлог на закон, Собранието може да одлучи третото читање на предлогот на законот да се одржи на истата седница. Ако Собранието во второто читање не усвои ниеден амандман на дополнетиот предлог на закон се преминува на гласање по предлогот на истата седица. Ако се усвоени амандмани на повеќе од една третина од членовите на дополнетиот предлог на закон, по завршеното второ читање се подготвува и правно-технички се уредува текстот на законот за трето читање.[3]
Третото читање по правило се одржува на првата наредна седница по второто читање. Амандмани може да се поднесат само на членовите на кои биле усвоени амандмани во текот на Второто читање на седница на Собранието, а амандман може да поднесе предлагачот и пратеник најдоцна во рок од два дена пред денот определен за одржување на седницата на Собранието. Во оваа фаза работните тела не расправаат. Собранието расправа и одлучува само по оние членови за кои се поднесени амандамани на дополнетиот предлог на закон за трето читање и одлучува за предлог законот во целина.
Итна постапка
[уреди | уреди извор]По исклучок законот може да биде донесен и по итна постапка. По итна постапка може да се донесе закон кога тоа е неопходно заради спречување и отстранување на поголеми нарушувања во стопанството или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката или во случаи на поголеми природни непогоди, епидемии или други вонредни и неодложни потреби. Ако Собранието одлучи да расправа по предлогот, законот да се донесе по итна постапка, ги задолжува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот на законот. За оправданоста на предлогот, законот да се донесе по итна постапка, одлучува Собранието без претрес. Второто и третото читање се одржуваат на иста седница. Во тој случај започнува постапката утврдена за второ читање, а амандмани може да се поднесуваат до завршувањето на претресот.[3]
Скратена постапка
[уреди | уреди извор]Законот може да биде донесен и по скратена постапка. Предлагачот на предлогот на законот може да му предложи на Собранието да расправа по предлогот на законот по скратена постапка во случај кога: не е во прашање сложен и обемен закон, престанок на важноста на некој закон или одделни одредби од некој закон или не се во прашање сложени или обемни усогласувања на законот со правото на Европската унија. Собранието одлучува дали предлогот на законот да се донесе по скратена постапка. Ако Собранието одлучи да расправа, предлогот на законот да се донесе по скратена постапка, претседателот на Собранието веднаш го задолжува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот на законот. Кога предлогот на законот се разгледува по скратена постапка Собранието одржува општ претрес. Второто и третото читање се одржуваат на иста седница, при што веднаш започнува постапката утврдена за второ читање, а амандмани може да се поднесуваат до почетокот на седницата за второ читање.[3]
Прогласување на законот
[уреди | уреди извор]Законите се прогласуваат со указ, кој го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието. Претседателот на Собранието, веднаш по донесувањето, законот го доставува до претседателот на Републиката заради потпишување на указот за прогласување на законот. Претседателот на Републиката може да одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот. Во тој случај, Собранието повторно го разгледува законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот и за прогласување на законите кои се донесени со двотретинско мнозинство. Пред да влезат во сила законите се објавуваат во Службен весник, и тоа во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Организација на Собранието
[уреди | уреди извор]Пратенички групи
[уреди | уреди извор]Пратениците во Собранието можат да се организираат во пратенички групи. Пратеничката група ја сочинуваат најмалку петмина пратеници кои припаѓаат на една или повеќе политички партии, при што еден пратеник може да биде член само на една пратеничка група. Пратеничката група определува координатор и до двајца заменици. Пратеничката група има право на стручна помош од Стручната служба на Собранието и од посебни организациони единици за поддршка на пратениците.
Работни тела
[уреди | уреди извор]Работните тела разгледуваат предлози на закони, и на други акти што ги донесува Собранието, како и други прашања од надлежност на Собранието. Тие може да бидат постојани и повремени. Работните тела имаат претседател, заменик на претседателот, одреден број членови и нивни заменици.
Постојани работни тела на Собранието се:
Работно тело | Претседател | Партија | |
---|---|---|---|
Комисија за уставни прашања | Африм Гаши | ААА | |
Законодавно-правна комисија | Александар Велјановски | ВМРО-ДПМНЕ | |
Комисија за одбрана и безбедност | Павле Арсоски | ЗНАМ | |
Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците | Љупчо Пренџов | ВМРО-ДПМНЕ | |
Комисија за надворешна политика и надворешна трговија | Муса Џафери | ДУИ | |
Комисија за европски прашања | Антонијо Милошоски | ВМРО-ДПМНЕ | |
Комисија за прашања на изборите и именувањата | Ѓорѓија Сајкоски | ВМРО-ДПМНЕ | |
Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот |
Димитар Апасиев | Левица | |
Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање |
Скендер Реџепи | ААА | |
Комисија за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите |
Миле Талевски | СДСМ | |
Комисија за финансирање и буџет | Сања Лукаревска | СДСМ | |
Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика | Бојан Стојаноски | ВМРО-ДПМНЕ | |
Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство | Љупчо Николовски | СДСМ | |
Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање |
Бекин Ќоку | ДПА | |
Комисија за образование, наука и спорт | Иванка Василевска | ВМРО-ДПМНЕ | |
Комисија за култура и туризам | Саранда Имери-Стафаи | ДД | |
Комисија за здравство | Рашела Мизрахи | ВМРО-ДПМНЕ | |
Комисија за социјална политика, демографија и млади | Илире Даути | АА | |
Комисија за локална самоуправа | Драган Ковачки | ВМРО-ДПМНЕ | |
Комисија за еднакви можности на жените и мажите | Жаклина Пешевска | ВМРО-ДПМНЕ | |
Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања | Миле Лефков | ВМРО-ДПМНЕ |
Претседател на Собранието
[уреди | уреди извор]Собранието е предводено од претседател на која функција во моментов служи Талат Џафери од ДУИ, избран на 27 април 2017 година, неколку минути пред да се случи упадот во Собранието. Првиот претседател на Собранието е Стојан Андов.
Во водството е вклучен и генералниот секретар на која функција од 15 јули 2017 година е Цветанка Иванова од СДСМ.
- Список на претседатели
- Партии
ЛПМ СДСМ ДА ЛДП ВМРО-ДПМНЕ ДУИ
- Статус
Собраниски состави
[уреди | уреди извор]Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Јован Митрески е нов претседател на македонското собрание“. Радио Слободна Европа. Скопје. 26.1.2024. Посетено на 26.1.2024. Проверете ги датумските вредности во:
|access-date=, |date=
(help) - ↑ „Надлежности на Собранието“. Собрание на Република Северна Македонија. Посетено на 11 март 2021.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 „Собрание на Република Северна Македонија - Законодавна постапка“. www.sobranie.mk. Посетено на 2024-05-03.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Собрание на Македонија“ на Ризницата ? |