Прејди на содржината

Беше еднаш на западот

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Беше еднаш на Западот“ или „Си било еднаш на Западот“ (италијански: C'era una volta il West) е италијанско-шпански филм од 1968 година, во режија на Серџо Леоне, кој е соавтор и на сценариото. Главните улоги во филмот ги играат: Хенри Фонда, Клаудија Кардинале, Чарлс Бронсон, Џејсон Робардс, Габриеле Ферцети, Френк Волф, итн. Музиката за филмот ја компонирал Енио Мориконе. Поради неговото значење, во 2009 година, филмот бил зачуван во Националниот филмски регистер на САД.[1]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Еден човек кој свири на усна хармоника (го игра Бронсон) пристигнува на железничката станица во Флегстоун, мало место на американскиот Запад. Таму го чекаат тројца револвераши кои тој ги убива. Истовремено, на една осамена фарма, Брет Мекбејн (го игра Волф) се подготвува да ја пречека својата сопруга со која тајно се венчал еден месец претходно во Њу Орлеанс. Меѓутоа, револверашите на Френк (го игра Фонда) го убиваат него заедно со децата, при што оставаат траги за да изгледа дека убиството е дело на луѓето на револверашот Чеен (го игра Робардс). Кога Џил Мекбејн (ја игра Кардинале) пристигнува на фармата, ја здогледува грозната глетка: мртвите тела на убиените. По некое време, неа ја посетува Чеен, кој ѝ нуди помош, сакајќи да ги открие вистинските убијци. Исто така, Џил ја посетува и човекот со усната хармоника, кој сака да му се одмазди на Френк, кој своевремено го убил брат му. Човекот со усната хармоника го пронаоѓа Френк во возот на неговиот соработник, Мортон (го игра Ферцети), кој е болен од туберкулоза на коските и сака пресмртта да ја доврши железничката пруга со која конечно ќе бидат споени источниот и западниот брег на САД. Френк го заробува човекот со хармониката, но него го ослободува Чеен. Френк, пак, ја заробува Џил и ја принудува да ја продаде фармата на јавна лицитација на која никој не смее да дава понуди. Меѓутоа, на лицитацијата се појавува човекот со хармониката, кој го купува имотот за 5.000 долари, а наместо пари, го предава Чеен за кого е распишана потерница. Налутениот Френк му нуди пари на човекот со хармоника, но тој не ги прифаќа. Во меѓувреме, Мортон ги поткупува луѓето на Френк, кои се обидуваат да го убијат, но тој ги убива нив, а во тоа му помага човекот со хармоника. Кога Френк оди во возот на Мортон, таму ги наоѓа своите луѓе мртви, а Мортон е смртно ранет. Потоа, Френк оди на фармата на Мејбејн, а таму веќе го чека човекот со хармоника, кој го убива Френк во двобој при што му го открива својот идентитет. Човекот со хармоника и Чеен ја напуштаат Џил, но Чеен умира зашто претходно бил ранет од Мортон. Додека човекот со хармоника си заминува, на фармата на Мекбејн пристигнува локомотива, а Џил им дава вода на работниците.[2]