Востание на Петар Делјан
Востание на Петар Делјан | |||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Прогласувањето на Петар Делјан за цар |
|||||||
|
|||||||
Завојувани страни | |||||||
Македонски востаници | Византија | ||||||
Команданти и водачи | |||||||
Петар Делјан Тихомир Алусијан | Михаил IV Пафлагонецот |
Востанието на Петар Делјан, кое се избувнало во 1040 и траело до 1041 година, претставува еден од првите и најголеми обиди на македонскиот народ за возобновување на Самуиловата држава. На чело на востанието се наоѓал Петар Делјан, син на македонскиот владетел Гаврило Радомир, кој во 1040 година во Белград се прогласил за цар.
Политичко-социјалните прилики во Македонија по уништувањето на Самуиловото царство
[уреди | уреди извор]Со ликвидацијата на Самуиловота држава во 1018 година во Македонија започнал периодот на тешкото и долготрајно византиско владеење. Македонија била вклучена во воено-административниот систем на Византија. Целата територија била поделена на управни и воени области со кои раководел специјален управник - дукс, кој за свое седиште го имал градот Скопје. Притоа биле разурнати некои одбранбени утврдувања, меѓу кои и градот Охрид, што било проследено со консфикацијата на сите царски обележја. Настрадале и многу градови и села. Некои од нив, како на пример Скопје, Струмица, Острово и други биле ограбени и опустошени, а дел од нивното население принудно иселено во Мала Азија и Црно-морското приморје. Покрај материјалните загуби, не биле поштедени ни човечките животи.
Поголемиот дел од повидното преживеано македонско благородништво биле одведени во малоазиските владенија на Империјата. Таму добиле високи патрицијски титули и раководни места во државната управа. Пример за ваквата пракса на византиските власти биле синовите на последниот владетел на Самуиловата држава Јован Владислав. Едниот од нив, Фружин, бил испратен во малоазиската тема Букеллариј (централните области на Мала Азија), на должност стратег, со чин магистер, а другиот, Арон, бил назначен за стратег во Астракенија (во Ерменија). Слично било и со останатите членови на кралското семејство. Оваа мерка на Василиј II имала за цел да ги одвои благородниците од нивната етничка средина, поради опасноста од повторно востание. Напоредно со одведувањето на членовите на македонската политичка елита во источните владенија на Византија, византискиот цар и останал доследен на практиката за назначување управници лојални на Империјата со функција на поефикасно обезбедување на контрола врз теренот и населението.
Царот Василиј II не ја сосема уништил Охридската патријаршија, туку смислено го намалил нејзиниот ранг во архиепископија. Со цел поцврсто да биде интегрирано македонското свештенство со византискиот управен систем, за прв нејзин архиепископ бил избран Јован Дебарски. Охридската архиепископија добила самостојност т.е тоа значело независност од Царската патријаршија и нејзината директна потчинетост на царот. Овој акт бил извршен со одредена цел: да се ограничи преголемата моќ на цариградскиот патријархт, а од друга страна да се зацврсти византиската управа во Македонија. Со три специјални хрисовули (грамоти) дадени од Василиj II во 1019, 1020 и од 1020-1025 година на Охридската архиепископија и биле потвредени старите привилегии, што таа ги имала во време на владеењето на цар Самуил.[1] Освен тоа, Охридската архиепископија добила и низа други привилегии и богати дарови.
За да населението полесно ја прифати византиската власт Василиј II му оставил на поробеното население да плаќа даноци кон државата во иста мера како што тоа ги плаќало во времето на цар Самуил, во натура. Според зборовите на Скилица, „секој жител кој имал еден чифт волови морал да ѝ дава на државата по еден модиј жито, толку просо и по една стомна вино“. Но по смртта на овој византискиот цар состојбата во Македонија уште дотолку се влошила. На византискиот престол се менувале низа на неспособни владетели[2]. Наедно со тоа настанале промени и во обврските и давачките на македонското население, така што во периодот до 1040 г. неговата положба станала речиси неподнослива. Главна причина за тоа било засилувањето на даночниот товар и злоупотребите на администрацијата. Многубројни биле и обврските на населението. На прво место тоа било задолжено, без разлика на временските услови, според потребите на државата, да го отстапува својот добиток за превоз на византиските чиновници и за потребите на војската. Во земјата биле доведени воени гарнизони кои населението морало да ги храни и облекува. Покрај тоа, Византија вплетена во долгогодишните тешки и исцрпувачки војни во Мала Азија и Италија против Арабјаните и Норманите, имала потреба од големи воени контингенти. Тие главо биле потполнувани од месното население во Македонија, на чие чело стоеле византиски офицери. Селаните биле задолжени да вршат ангарија т.е. да учестуваат во изградбата на патиштата, мостовте и градовите, како и во нивното одржување во исправна состојба. Овие видови работни и наутрални обврски во многу случаи биле потешки од сите редовни давачки и претставувале пречка за благовремено извршување на секојдневните работи. Најголемо незадоволсто кај народот предизивкала финансиската реформа на цариградската управа која почнала да се спроведува од триесеттите години на XI век. Со неа било предвидено да се изврши промена во начинот на плаќањето на даноците. Според новата реформа, даноците на државата населението морало да ги плаќа во пари наместо во натура. Ова тешко го погодило месното население. Одсега требало на пазарот да се носат повеќе производи за да се претвораат во пари. Нумизмите што се одземале од македонското население, соопштува Теофилакт, биле покриени со „солзи и болки“, бидејќи било многу тешко да се добијат.
За да се ослабне словенскиот елемент во завладеаните области биле доселувани византиски, турски и други колонисти во Повардарието и Струмичката област, кои ја разбивале копкатноста на македонското словенско население. За понатамошна ескалација на ситуацијата, кон крајот на 1036 или пак почетокот на 1037 година[3] архиепископот Јован, инаку Словен по потекло, умрел. Царот Михаил IV не го заменил него со друг словенски архиепископ туку на негово место го поставил грчкиот свештеник Лав кој предтоа служел во Св. Софија во Цариград. Како капак на сето тоа се чини дека царот без консултација со македонските епископи се решил на таков едностран чин. Во овие години започнуваат продирањата на Печенезите[4], некогашните византиски сојузници во борба против Бугарите. Нивниот прв напад бил извршен по смртта на Василиј II, во 1026 година. Тие навлегле во земјата и на својот пат ги разорувале селата и градовите, убивале, грабеле и воделе во ропство голем број на луѓе од мирољубивото население. Во 1034 година тие успеале да навлезат дури до Солун. Продорите ги повториле во 1035 година и трипати во наредната 1036 година. Бедата на населението во тоа време ја зголемиле и ограбувањата од страна на македонските Власи, коишто се спуштале од планините и вршеле насилства. Мошне е изгледно дека во овој период и богомилите ја интензивирале својата дејност, на што упатуваат податоците од „Барските анали“, како и зголемената продукција на апокрифна литература од македонска провиниенција[5].
Кон овие несреќи се придружиле и низа на елементарни непогоди. Македонија била погодена од катастрофални земјотреси во 1026 и 1037-1039 година. Скилица изворно известува за тоа:
Во 6546 г., индикт 6-ти[6], на 2 ноември се случил голем земјотрес кон десеттиот час од денот и земјата продолжила да се тресе сè до крајот на месец јануари. Се случил и глад во Тракија, Македонија, Стримон[7] и Солун, сè до Тесалија.[8]
По земјотресите уследиле страшни суши, во кои пресушиле многу реки, извори и бунари. Голем број на луѓе останале без своите домови, покуќнината, основните прехранбени производи и нивниот добиток. Како резултат на сето ова се појавил страшен глад, особено бил тежок оној во 1030 година. Во 1037 година по шестмесечна суша се појавиле роеви скакулци, а потоа паднал крупен град кој ги искршил дрвата и покривите на куќите. Гладот и природните непогоди предизвикале разни епидемични заболувања од кои населението масовно умирало. Според зборовите на Скилица, во 1039 година во Македонија умрело голем број на население од епидемија на тифус, а дури преживеаните не биле во можност да ги закопаат своите мртви. Сите овие фактори го зголемиле стремежот на македонскиот народ за повторно ослободување од византиската власт. Впрочем за тоа пишуваат и византиските извори. Писателот Михаил Псел пишува:
Племето, вклучено во составот на Ромејската држава по цена на многу војни и опасности, и во потполност ослабнато, некое време се помирувало со поразот и се потчинувало на ромејската моќ, но потоа одново се свртело кон поранешната своја дрскост, но до погоден момент тоа не се отворено бунтувало.[9]
И Скилица известува дека народот „кој тукушто го свил вратот под ропството“ се стремел „силно кој слободата“. Охриѓаните, соопштува тој, биле готови да се вооружат и да се дигнат против Византија веднаш по паѓањето на градот Охрид под византиска власт. Теофилакт Охридски пишува во своите писма дека во провинцијата Македонија работите биле секогаш пред „сеништето на војната“, зошто „варварите“[10] не претставувале да мислат „за нивните честити времиња“.
Започнување на востаничките дејства и прогласувањето на Петар Делјан за цар
[уреди | уреди извор]Потеклото на Делјан
[уреди | уреди извор]По овие настани набрзина избувнало народноослободително и антифеудално востание помеѓу месното население и наскоро во 1040 година кон него се приклучил и станал водач Петар Делјан, кој за себе тврдел дека син на Самуиловиот наследник Гаврило Радомир. Византиските извори даваат различни одговори на тоа кој всушност навистина бил: син на Гаврило Радомир, син на братот на Самоил, Арон или пак обичен човек од незначаен род. Главниот извор за овој период, Јован Скилица пишува:
Таа година се побуни и Бугарија и тоа на овој начин. Некој Петар Бугарин, по прекор Делјан, како роб на некој Цариграѓанин, откако побегнал од градот, скитал низ Бугарија и стигнал до Морава и Београд и пуштил глас дека е син на Романа[11].[12]
Псел пак за неговото потекло говори:
Потекнувал од род, кој не заслужува да ни да биде спомнат, се одликувал со покварена природа, бил ненадминат во вештината подло да ги измамува своите соплеменици.
, додека во продолжението пишува:
Сваќајќи дека целиот народ е спремен да се дигне против Ромеите, но не иде понатаму од желбата, бидејќи нема предводник кој би отпочнал борба и ги повел со себе, тој се, пред сите, погрижи да се прикаже себеси како најдонстоинствен човек, во советите разумен и подготвен за воени дела. Да на тој начин ја освои наклонетоста на народот и да стане водач му недостасувало само славно потекло (по обичајот на „Бугарите“ на чело на народот можеле да стојат само луѓе од царски род). Знаејќи за тој закон и воспоставен поредок, тој го изведе својот род од познатиот Самуил и неговиот брат Арон - цареви кои кратко време пред тоа владееле со нивните племеници.[9]
Јован Зонара, византиски хроничар од првата половина на XII век фрла различна сенка на приказната:
Еден од непознато потекло маж, што се викал Долијан[13] преполнет со итроштини и лукавство, се кажувал за син на Арона, кој бил брат на Самуила, управник на народот, откако избегал како што кажуваат од Византион и го убедил народот дека му е син на Арона, роден од неговата наложница, а не од законска жена, бил одбран за цар на варварите.[14]
Во додатоците на Скилицината хроника, издадена од Прокиќ за потеклото на Делјан се наоѓа важна белешка:
Делјан бил син на Самуиловиот син Радомир, роден од првата негова жена што била ќерка на унгарскиот крал[15], и која уште беше жив Самуил, Радомир ја замрзил по непознати причини и ја истерал трудна, оженувајќи се за убавата ларисчанка Ирина.[16]
Повеќето научници и истражувачи го прифаќаат Делјановото тврдење дека бил од родот на Гаврило Радомир, иако некои останати, предводени од советскиот историчар Литаврин се скептнични кон тоа. Поради различните искази кои ни се достапни од изворите, не постои сигурен начин кој би било решено ова прашање. Возможно е византиските автори кои во своите дела пишувале дека тврдењата на Делјан околу неговото потекло се лага, само се обидувале да го дискредитираат и оцрнат него и целото востание. Навистина следните случувања поврзани со појавувањето на Алусијан за кои ќе зборуваме понатаму, и неговите врски со Делјан говорат за тоа дека можеби историчарите што се залаагаат за верзијата на Јован Скилица, според која Делјан е синот на Гаврило Радомир и на унгарската принцеза со која тој бил кратко во брак, се во право.
Почеток на востанието
[уреди | уреди извор]И така, Петар Делјан, внук на Самуил и син на Гаврило Радомир, роб на некаков маж од Византион, избегал од главниот град на империјата и откако ја поминал Бугарија, стигнал до Белград.[17]
Кога точно се случило тоа? Одново само Скилица е конкретен: „Во истата година“ т.е во мај 6548=1040, 8 индикт како што дознаваме од неговото дело. Михаил Деволски внел уште една попрецизна информација: „тоа се случило дваесет и една година од нивното (на „Бугарите“) поробување и покорување. Останатите византиски извори не ги хронолшки точно датираат востаничките дејствата на Петар Делјан. Во таква ситуација можеме да ги прифатиме без колебање и сомнеж податоците на Скилица и Михаил Деволски (кои взаемно се контролираат) и да ги поставиме првите чекори на Петар Делјан (бегството од Цариград и појавата во Белград) во пролетта 1040 година.
Зошто Петар Делјан се насочил кон Белград и од таму ги започнал првите непријателски дејства против Византија? Очигледно воените дејства против Ромеите можеле да започнат најуспешно таму каде што била најголема поддршката на локалното словенско население, и од друга страна областите да бидат доволно оддалечени од Цариград. Идеална локација за подигнување на востанието бил далечниот северозапад на поранешната Самуилова држава, каде што царската провинцијална и воена администрација била воспоставена најдоцна. Јован Скилица неслучајно обележува дека, Морава и Белград се наоѓаат на брегот на Истар (Дунав), а од спротива се наоѓаат земјите на кралот на Унгарија. Востаниците најверојатно си обезбедиле и извесна надворешна поддршка во лицето на унгарскиот крал. Фактот дека востанието избувнало во моравско-белградските области кои граничат со Унгарија, јасно укажува дека востаниците добиле поддршка и од унгарскиот владетел. Според Псел, Делјан бил доста „опитен во военото дело“, што можеби го изучил на унгарскиот дворец.[18]
Со краток политички проповед Петар Делјан успеал да го убеди тамошното население да ја отфрлат византиската власт и да изберат слобода. Проповедот очигледно бил успешен, но Скилица додава уште една важна околност: до тоа време Бугаринот, којшто поседувал чифт волови, бил задолжен кон касата на империјата со: една крина[19] жито, една крина просо и една стомна вино. Но Јован Орфантроф го заменил натуралното задолжение со плаќање во пари. Населението не ја прифатило и претрпело таа промена. Токму тогаш се појавил Делјан и комбинацијата од тие две околности довело до отфрлање на ромејската власт и „Бугарите“ се вратиле кон стариот закон[8]. Во пролетта 1040 година градот Београд бил заземен од страна на бунтовниците, а Делјан бил прогласен за нов цар, возобновувач на Самуиловото царство[20]. Овие настани од Михаил Псел, (современик на настаните) Скилица и Зонора(подоцнежни автори) се толкуваат како апостасија т.е како отцепување и узурпација од Византиското царство. Или кажано на друг начин Петар Делјан ја узурпирал власта на византискиот василевс, во овој случај над поголемиот дел на Балканскиот Полуостров (териториите на поранешното Самоилово царство).
Настапување на југ
[уреди | уреди извор]Веднаш по свечениот и исполнет со симболика акт на царско крунисување Петар Делјан пристапил кон дејство. Тој имал само една логичка насока на дејствување, а тоа било напредување кон југ во правец на Ниш и Скопје каде што бил воодушевено пречекан како ослободител. Изворите не даваат сигурни податоци дека тој наишол на некој посериозен отпор на овие градови. Единствено само Скилица бележи дека:
И секој Ромеј кого би го сретнале (востаниците) го убивале безмилосно и нечовечки.[21]
Прв што се обидел да му се спротвистави на напредувањето на Петар Делјан како што известува Скилица: „пред да се распали злото и пред да се претвори во пожар[22]“ бил Василиј Синадин - стратегот на Драчката тема. Предизвикува извесна недоумица фактот што против него не тргнал управителот на темата Бугарија Леон Дримис, туку стратегот на Драч Василиј Синадин. Но кога стратегот стигнал до Дебар, тој бил обвинет од еден од своите подстратези, Михаил Дермокаит, дека планирал да изврши апостасија односно дека подготвувал заговор . Осомничениот бил уапсен и фрлен во затвор во градот Солун. Наследникот на функцијата Дермокаит ја „извршувал неопитно и лошо должноста и за кратко време се обрнал наопаку[23]“. Незадоволни од него војниците кренале бунт. Исплашен и оставен без поддршка, Дермокаит избегал.
Тихомир и Петар Делјан
[уреди | уреди извор]Побунетите војници на Михаил Дермокаит чудно „од страв пред царот“ (Скилица), објавиле „апостасија“ и го прогласиле за цар Тихомир, кој се разликувал од останатите (најверојатно словенски војници) по својата храброст и ум. Така биле образувани два востанички табора на словенското население - едниот го признавал Делјан, а другиот Тихомир. Нормално таквата ситуација не можела да продолжи подолго време, па затоа двајцата цареви се сретнале по покана на Делјан во Скопје[20]. Скилица ја претставува само позицијата на Петар Делјан:
Откако двете војски на Бугарија се обединија Делјан ги повика сите и побара ако се наполно уверени во тоа дека тој ја влече лозата од Самуила и деко го примаат него да им царува, наеднаш да го отстранат Тихомира, а ако тоа не им е приемливо него да го отфлат, а за цар да го земат Тихомира. Зошто, рече, една грмушка не рани две птици, ниту една земја среќно ќе преживее ако со неа управуваат два владетела.[24]
Крајот на оваа политичка дискусија бил јасен: сите ги изјавиле своите заклетви кон Делјан, грабнале камења и го убиле несреќниот Тихомир. Последниот, продолжува Скилица, „како на сон да владеел, го завшил својот живот, заедно со власта, а сета власт на востанието преминала во рацете на Делјана“. Овие настани, изгледа, ги импресионирале уметниците на Мадридскиот препис на Јован Скилица, бидејќи тие за овој настан посветиле две минијатури: на едната претставени двајцата претенденти за царската титула и група војници, а на втората Делјан како покажува со раката кон групата војници кои го напаѓаат Тихомир. Така Петар Делјан се справил со опасната положба, отстранувајќи го својот конкурент и ја добил целата власт. Зонара известува дека така: „Делјан станал самодржец (монарх)[25]“. Одтука натаму Делјан тргнал во очекувана насока: воени дејствија насочени против Ромеите за проширување на слободните територии.
Првиот чекор бил сторен против василевсот Михаил IV, којшто во тоа време се наоѓал во Солун. Деталите не се познати, но Скилица е принуден да обележи дека Михаил IV го оставил целиот свој багаж, својот шатор заедно со намирниците како и злато, сребро, скапи ткаенини и кренал сомнително брзо кон Цариград. Навистина тој наредил на Мануел Ивац да се погрижи за товарот, но овој заедно со евнухот Китонит и довереното богатство, им се придружил на востаниците. Мануил Ивец највероојатно бил син на Самуиловиот војвода Ивец кој доста долго му давал отпор на Василиј II па најверојатно затоа преминал во востаничките редови. Паничното бекство на царот Михаило IV и ваквата хаотична ситуација донеле конфузија во редовите на византиската војска, а преминувањето на Мануил Ивец на востаничка страна уште повеќе го зголемило одекот на востанието и тоа земало сè поголеми размери.
Поради овие успеси Петар Делјан ги упатил своите војски на повеќе страни. Еден дел од војската, предводена од Кавхан, била испратена на запад и го зазела Драч за да ја осигура позадината на ослободената територија од евентуален византиски напад преку воден пат, а другата навлегла во Тесалија и ја совладала Димитријада. Според зборовите на византискиот писател Кекавмен:
откако Делјан го завладеал градот, го испратил во него стариот, опитен во военото дело војник Литовој Деволски, давајќи му војска за да ја пази тврдината, која била напуштена[26].
Третата војска, командувана од Антим, стигнала до Елада и крај Тива ја победила испратената противничка ромејска војска командувана од Алакасевс. Голем број Tиванци биле убиени.
Во темата Никополис во Епир веќе избувнало востание поради корупција во локалната империјална даночна служба. Скилица подетално ги објаснува причините за востанието во Никопол: „Тогаш темата на никополците, со исклучок на Нафпакт се приклучи кон Бугарите од причини што наеднаш ќе ги кажеме овде. Имено, некој цариграѓанин по име Јован, а по прекор Куцомит, бил пратен како практор на тамошните државни даноци. Однесувајќи се грубо кон месното население, на себеси донел пропаст и стана виновник за побунтувањето на никополците. Не можејќи да ја поднесат имено неговата лакомост, тие се побуниле и на парчиња го исекле, а самите навредувајќи го царот на Ромеите, се приклучиле кон Бугарите. Тие се побунија и го отфрлија ромејскиот јарем не толку од љубовта кон Делјана, колку поради ненаситноста на Орфанотрофа и претераностите во собирањето на даноците.“[27] Со приклучувањето на Никополците востанието добило масовен карактер. Кекавмен известува дека и Софија паднала под власта на Делјан. Биле ослободени голем дел од балканските земји, од Дунав до Атика и од Драч и Никопол до околината на Солун и Софија. Брзото ширење на востанието предизвикало незадоволство во високите Цариградски кругови. Погоден од тоа царот „решил да тргне во поход против нив (востаниците) и да застане на чело на целата војска“ - пишува Псел. Востаниците се готвеле да го нападнат Солун.
Вмешувањето на Алусијан
[уреди | уреди извор]Во меѓувреме еден човек познат од византиските извори по хеленизираното име Алусијан стапува на сцена. Тој бил внук на Арон (братот на Самуил), и син на Јован Владислав, кој пред неколку децении владеел со дел на Македонија од 1015 до 1018 година откако го убил Гаврило Радомир. Алусијан во 1018 година добил титула (достоинство) на патрициј, а дваесет и две годии подоцна, во 1040 година тој веќе бил патрициј и стратег на Теодосиупол (ден. Ерзарум - Ерменија). Михаил Псел современик и добар пријател на Алусијан за него вели дека бил „најубав од сите синови, со благ карактер, со блескав ум и познат по своето потекло“[28], а според зборовите на Кекавмен „тој бил војник способен да восхитува“.
Но набрзо по тоа тој паднал во немилост. По наредба на Јован Орфанотроф бил конфискуван целиот негов имот (поточно имотот на неговата сопруга) во темата и тврдината Харсианон. Освен тоа требало да плати глоба од 50 литри и му било наредено да не го напуша својот дом и да не се појавува во Цариград. Несреќен поради својата положба тој бил подготвен на се. „Кога научил“ - вели Псел - „што станува со неговиот народ и дека поради немање на царски потомок си одбрале (востаниците) да ги управува незаконороден и невистинит цар, тој презел една голема дрскост. Ги заборавил своите деца, ја одважил нежноста на жена си и без да му го довери на некого од нив своето решение, со неколку слуги, кои ги познаваше како неважни очајници, тргна храбро од далечните источни краишта кон запад“.[29] Дејствата на Петар Делјан биле можност за него да ја промени својата судбина.
Преоблечен во ерменска облека како слуга на познатиот византиски полководец Василие Теодорокан, Алусијан избегал тајно од сите негови блиски и во септември 1040 г. ненадејно пристигнал во воениот логор на Петар Делјан, крај Острово (југозападно од Битола, близу Воден). Средбата не била со поволен исход за востанието. Веројатно Византијците, знаејќи ги врските помеѓу двете гранки на Македонската кралска фамилија, го ослободиле него во надеж дека ќе предизвика поделба во востаничките редови. Алусијан за разлика од Тихомир пристигнал во логорот на Делјан, кога востаниците веќе постигнале сериозни успеси, а ситуацијата за самиот Делјан како цар била сосема сигурна. Алусијан бил многу амбициозен и кратко време потоа побарал да го води востанието и започнал да ја изградува својата поддршка. Може да се претпостави дека многу од поранешните соработници на Тихомир веднаш со задоволство се приклучиле кон него. Иако Алусијан и Делјан склучиле некој договор, Делјан бил исклучително сомнежлив кон овој новодојденец кој пристигнал да го предизвика неговото водство.
Нападот на Солун и предавството на Алусијан
[уреди | уреди извор]По договорот на Алусијан му биле дадени под команда околу 40,000 војници за да го нападне Солун. Градот бил добро утврден и бранет од опитната војска под команда на управникот на Солун и внук на царот, патрицијот Константин. Набргу Алусијан станал жртва на својата воена тактика. Тој решил веднаш по секоја цена да го нападне градот иако неговата војска била преморена и опсадата не поставена. Кекавмен пишува:
Постои град Солун...Кога дошол Алусијан да го зазема не го расипал отпрвин шаторот, не ја распоредил на згодно место војската на логорување, туку, кога стасал, се приближил до ѕидовите (солунски) со својата војска и почнал да се бори. Меѓутоа луѓето му биле уморни од работата и мачнотиите на походот; Зошто познато е дека од уморот при патувањето се разлабавуваат и стануваат мрзеливи дури и оние кои се одликувале со силни и здрави тела. Бидејќи не се улогориле...тие лутале ваму-таму, еден сакајќи вода да пие, друг коњот да си го одмори, а трет самиот да се соземе од заморот. Кога оние што се наоѓале во тврдината, ги виделе дека скитаат така бесмислено, ненадејно излегле, ги нападнале и наеднаш Бугарите ги натерале на големо бегање. Едни биле истепани, други капнале од жега и умора, а другите погонети како овци во трло, биле земени во плен. Самиот Алусијан, чудесен војник избегал сам, побегнал фрлајќи ги панцирите од себеси...[30]
Овој напад бил фијаско и трупите на Алусијан доживеале големи загуби, што ги ослабнало целокупните сили на Делјан. Како и во многуте други случаи од историјата на градот, Солунчаните верувале дека биле спасени од св. Димитрија, но за овој настан Скилица соопштува и конкретни факти: „Тука паднаа повеќе од 15,000, а не помал број од овој беа заробени. Другите заедно со Алусијан срамно побегнаа и стасаа кај Делјана“.
Наскоро по овие настани византиската војска успеала да ја поврати Димитријада, каде што поради предавство бил заробен Литовој. Поразот кај Солун и паѓањето на Димитријада претставувале повратен момент во понатамошниот тек на востанието. Тоа тргнало назад. Можеби не се далеку од вистината пишувањата на J. Fine дека Алусијан бил византиски агент кој намерно ја изгубил битката со намера да го ослабне јадрото на востанието.
Ослепувањето на Петар Делјан
[уреди | уреди извор]По овој тежок пораз спотивностите помеѓу Алусијан и Петар Делјан доживеале кулминација. Едниот не можел да го скрие срамот од поразот, а другиот сомнежот во измама. И Делјан и Алусијан се подготвувале за меѓусебно пресметување, чекајќи згоден момент. Полукав испаднал Алусијан. За време на една гозба која била специјално подготвена бил поканет и Делјан. За време на гоштевањето Алусијан успеал да го опие Делјана, а потоа со своите луѓе да го фати и на свиреп начин да го ослепи. Псел за ослепувањето пишува :
Но Алусијан ја прочита злобната намера на Долијан, неочекувано го зграпчи, му го исече носот и ископа очите (со кујниски нож)[31]...
. Додека пак Скилица е нешто поконкретен:
Приготвувајќи си значи со некои свои луѓе Алусијан подготвил свечен ручек и на гозба го поканил Делјана и кога од јадењето и виното понатежнал, го грабна и го ослепи така што ниеден од Бугарите воопшто и не забалежа што се случило.[32]
Задушувањето на востанието
[уреди | уреди извор]Како резултат на ова Алусијан бил во можност да го презеде водењето на востанието и целото движење. Но тој по се изгледа веднаш пребегнал во Византија. Царот Михаило IV го пречекал раскошно и му ја дал титулата магистер и го испратил во Цариград. Бегството на Алусијан всушност претставувало крај на краткотрајната македонска независност. Византиските автори обележуваат само оделни моменти од крајот на војната: војската предводена од Михаил IV, а потпомогната од силните нормански одреди под команда на Харолд Хардрад, прво го разбила основното јадро на востаничката војска крај Острово. Слепиот Делјан без да дава сериозен отпор бил фатен и испратен во Солун. Потоа во Прилепско византискиот цар наишол на отпор од војските на Мануил Ивац, кој - вели Скилица - „крај Прилеп направил дрвена дема, со која мислел да го попречи подлабокото напредување на царската војска и да ја задржи внатрешноста...“[33] Меѓутоа, царот бргу ја разрушил дрвената преграда и го заробил Ивец.
Последното упориште на бунтовниците била тврдината Бојана крај Софија, каде што според Кекавмен се собрале „највидните и воинствени Бугари“ на чело со Бојко или Ботко. Тоа всушност бил последниот отпор даден од восаниците. Така во доцна есен 1041 година се било завршено (terminus ante quem: 10 декември - смртта на Михаил IV): слепиот Делјан и Мануил Ивац биле одведени во Цариград, а Македонците одново станале поданици на ромејскиот василевс.Влегувањето на Михаил IV во Цариград го опишува Псел:
И блескав тој тргна за престолнината водејќи многу заробеници и се разбира најважните меѓу нив и самиот незнаконски началник со исечен нос и извадени очи. - И така тој влезе блескав откако целиот народ беше излегол за него (на улиците). Тогаш го видов и јас како се ниша на коњот божем во носилка. Прстите кои ги држеа уздите на коњот изгледаа како огромни прсти, затоа што секоја рака достигнуваше голема дебелина и големина, а лицето не личеше на неговиот поранешен лик. И, така, доведен во престолнината тој доживеа блескав триумф, водејќи ги заробениците низ средината на театарот и им покажа на Ромеите, дека душевното напрегнување исправува трупови, а наклоноста кон убавото ја победува телесната слабост.[31]
Значењето и последиците на востанието на Петар Делјан
[уреди | уреди извор]Пројавените политички цели на востанието за обнова на македонската држава, а посебно тенденцијата за нејзиното легитимирање преку царското потекло на Делјан и на Алусијан, ја покажале нестабилноста на византиската власт. Но востанието на Петар Делјан, кое уште од почетокот добило големи размери и месните жители го примиле со одушевување, завршило со потполн неуспех. Сепак тоа претставувало едно од најкрупните народноослободителни востанија во Македонија во периодот на развиениот феудализам (по ликвидирањето на Самуиловото царство). Покрај македонското население во востанието зеле учество, рамо до рамо со нив, и албанското, грчкото, влашкото и другите народности на Империјата.
Главнината и основната маса на бунтовниците ја сочинувало селанството, но покрај нив учество во востанието земало градското население од градовите: Белград, Ниш, Скопје, Драч, Никопол, Прилеп, Димитријада, Софија, Острово и др. Во востанието учествувале и претставниците на македонското благородништво, како и стратиотите, кои служеле војска во Македонија, а биле собрани од редовите на македонското, бугарското, албанското, српското и влашкото месно население. Овие разни социални групи и слоеви се бореле против византиското господарство, а покрај тоа и за свои специфични интереси. По се изгледа најдоследни во отпорот против туѓинската власт, биле широките ниски слоеви на селанството, бидејќи тие биле најзасегнати од тешкото византиско ропство. Сите овие групи се надевале дека при евентуална победа над Византијците животните услови значително ќе се подобрат. Изворите едногласно говорат за тоа дека главната причина за науспехот на востанието, било предавството на Алусијан. Но освен тоа, како причини можат да се наведат и : несогласувања помеѓу македонските благородници, слабата воена подготвеност на востаниците, како и тоа што не бил побаран сојузник надвор од територијата на Македонија кој во најмала рака би можел да ги забави воените дејствија на византиската војска.
Со ова востание се завршила првата етапа на борбите на македонскиот народ против византиската власт во XI в. Востанието на Петар Делјан, успеало да ја разниша и ослаби царската власт на овие територии од Балканскиот Полуостров. Важна последица била воспоставувањето на врски за заедничка борба против заедничкиот окупатор меѓу македонското словенско население и потчинетото албанско, влашко и грчко население во темите Драчка и Никополска, Грција и Солун. Индиректно воените дејства на востаниците помогнале во зацврстувањето на српското кнежевство Зета, ослободено од византискиот суверенитет пред самото избувнување на Делјановото востание.
Но по задушувањето на востанието Византија уште повеќе го засилила теророт врз македонското население. Византискиот цар Константин Мономах (1042-1055), освен државниот данок, го зголемил и црковниот данок (каноникон). Од секое село (со исклучок на царските поседи) со триесет огништа биле земани како данок: еден златник, два сребреника, еден овн, шест модии јачмен, четири модии пченично брашно и триесет кокошки[34]. Освен тоа, во време на венчавка, секој младоженец бил должен да плати по еден златник, а невестата 12 аршини платно. Со цел да ја пополни државната благајна која била прилично испразнета, царот им продавал функции на пореските чиновници. Овие пак за да ги покријат своите трошоци, ги зголемувале даноците, со знаење на највишите управни органи. Псел го советува еден стратег „кога ќе ги забележи (таквите престапи) секогаш да ги затвора очите...и спрема собирачите на даноци да биде попустлив и благонаклонет“. На овие начини се зголемил бројот на зависното население кое било оптоварувано со големи давачки.
Потполниот пораз, како и жестоките реперкусии и ограбувања на норманските платеници нанеле тежок удар кон стремежите на македонските Словени за возобновување на старото Царство. Истовремено со тоа се зацврстувал и византискиот чиновнички и црковен апарат и започнало населување на туѓи феудалци во Македонија. Слободните и општинските земји заедно со нивното население биле раздавани на византиските војсководци, цркви и манастири. Требало да помине четврт столетие пред стремежот за независност и слобода одново да најде практичен израз.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ С. Антојак се сомнева во вистинитоста на овие хрисовули. За неговата расправа види во: Средновековна Македонија, т.1, Скопје, 1985 г. стр. 479-491.
- ↑ За опаѓањето на византискиот државен систем по смртта на Василиј II до востанието на Петар Делјан во: Г. Острогорски, Историја на Византија, Наша книга, Скопје 1992 г.; стр: 384-390
- ↑ Златарски Васил, История на българската държава презъ средните векове. Том. II. България под византийско владичество (1018—1187), стр.42
- ↑ Јовановиќ М., Востанијата на македонскиот народ во XI век, Култура, Скопје 1963 год, стр.11
- ↑ Чепреганов Т., и други., Историја на македонскиот народ, ИНИ, Скопје 2008 година, стр. 116
- ↑ т.е. 1037 г.
- ↑ Областите по долното течение на реката Струма.
- ↑ 8,0 8,1 Гръцки извори за българската история том VI ; (1967), 302 стр.
- ↑ 9,0 9,1 Псел М,. Хроника, ЦИД, Подгорица 2000 год, стр. 122
- ↑ Македонското население.
- ↑ т.е Гаврило Радомир
- ↑ Византиски извори за историју народа Југославије, т. III, Београд, 1966, стр. 141-142
- ↑ Кај византиските писатели можат да се сретнат повеќе верзии на името на Делјан: Долијан, Оделјан и сл.
- ↑ Византиски извори за историју народа Југославије, т. III, Београд, 1966, стр 252-253.
- ↑ Гејза I (927-997) или Стефан I (997-1038)
- ↑ Лапе Љ., Одбрани текстови за историјата на македонскиот народ, т. I, Просветно дело, Скопје, 1959 г. стр. 82-83.
- ↑ Византиски извори за историју народа Југославије, т. III, Београд, 1966, стр 141-142.
- ↑ Панов Б., Средновековна Македонија, том 3, Скопје 1985 год, стр. 53.
- ↑ Дрвен цилиндричен сад - мерка за жито (околу 15 килограми)
- ↑ 20,0 20,1 John V. A. Fine, Jr. , The Early Medieval Balkans, стр 204.
- ↑ Византиски извори за историју народа Југославије, т. III, Београд, 1966 , стр. 144.
- ↑ Ibid., стр. 144.
- ↑ Ibid., стр. 145.
- ↑ Византиски извори за историју народа Југославије, т. III, Београд, 1966 , стр. 147-148.
- ↑ Ibid., стр. 253.
- ↑ Ibid., стр. 206.
- ↑ Ibid., стр. 150-151.
- ↑ Псел М,. Хроника, ЦИД, Подгорица 2000 год, стр. 122.
- ↑ Ibid., стр. 125.
- ↑ Византиски извори за историју народа Југославије, т. III, Београд, 1966 , стр. 208
- ↑ 31,0 31,1 Псел М,. Хроника, ЦИД, Подгорица 2000 год, стр.126.
- ↑ Византиски извори за историју народа Југославије, т. III, Београд, 1966 , стр.154.
- ↑ Ibid., стр.155.
- ↑ Historija Naroda Jugoslavije, Izdavacko poduzece „Skolska knjiga“, Zagreb 1953, стр. 304
Користена литература
[уреди | уреди извор]- Божилов И., Гюзелев В., История на средновековна Бъгария VII - XIV век, Анибус, София 1999 г.
- Г. Острогорски, Историја на Византија, Наша книга, Скопје 1992 г.
- Fine, J. , The Early Medieval Balkans
- Јовановиќ М., Востанијата на македонскиот народ во XI век, Култура, Скопје 1963 г.
- Панов Б., Средновековна Македонија, том 3, Скопје 1985 г.
- Чепреганов Т., и други., Историја на македонскиот народ, ИНИ, Скопје 2008 година.
Користени извори
[уреди | уреди извор]- Византиски извори за историју народа Југославије, т. III, Београд, 1966
- Гръцки извори за българската история том VI ; (1967)
- Документи за борбата на Македонскиот народ за самостојност и за национална држава, Скопје, 1981, Том Први.
- Лапе Љ., Одбрани текстови за историјата на македонскиот народ, т. I, Просветно дело, Скопје, 1959 г.
- Псел М., Хроника, ЦИД, Подгорица 2000 г.