Прејди на содржината

Крушевски манифест

Од Википедија — слободната енциклопедија

Крушевскиот манифест е манифест што го објавила востаничката власт во Крушево за време на Илинденското востание. Напишан е на 6 август, а негов автор е Никола Киров Мајски, иако одредени историски извори како автор го наведуваат Никола Карев. Напишан е на македонски јазик (крушевски дијалект), а потоа, преведен на турски јазик, е испратен во 17 примероци до околните села со чисто или мешано муслиманско население.

Во него околното муслиманско население братски се повикува да ја поддржи и да ја помогне светата борба на сите обесправени во Македонија. Манифестот наидува на добар прием од страна на муслиманското население, а кметот на селото Алданци возвратил со порака во која изразува разбирање за мотивите на востаниците.

Текстот на Манифестот првпат е објавен во драмата „Илинден“ на Никола Киров Мајски во 1923 година.[1]

Содржината на Крушевскиот манифест

[уреди | уреди извор]

Крушевскиот манифест се обраќа кон муслиманското месно население во крушевскиот регион. Иако е напишан во форма на обраќање до муслиманите - Турци, Арнаути (Албанци) и Торбеши, Манифестот едновремено дава и јасна слика за мотивите и целите на востанието, неговиот ослободителен и социјален карактер.

Најнапред, Манифестот ги објаснува мотивите на востаниците:

Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода...

Потоа, ги смирува муслиманите дека востанието не е насочено против обичниот народ, туку против државата и нејзините експоненти:

...Ние не дигнафне пушка протиф вас - това би било страм за нас; ние не дигнафне пушка протиф мирнио, трудољубивио и чеснио турски нарот, шчо се прерануат, како нас со крваф пот - тој јет наш брат и со него сне живејале и пак сакаме да живејме; ние не излегофне да колиме и да грабиме, да палиме и да крадиме - доста ни сет зулумите на безбројните деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; ние не излегофне да порисјанчуваме и да бесчестиме вашите мјаки и сестри, жени и ќерки; требит да знајте оти вашио имот, вашио живот, вашата вера и вашата чес ни сет толку скапи, колку шчо ни сет скапи нашите...

Потоа, Манифестот ги повикува да им се придружат на востаниците поради заедничка борба против социјалниот терор на Отоманското Царство.

Ние не само ве имаме како сфои браќа, туку и ве жаљаме како сфои браќа, бидејќи разбираме оти и вие сте робје како нас, робје на царо и на царските бегој, ефендии и паши, робје на богатите и на силните, робје на насилниците и на зулумќарите, шчо ја запалија царшчината од четирите страни и шчо не натераа нас да дигниме глава за право, за слобода и за чоечки живот. За право, за слобода и за чоечки живот ве каниме и вас да дојдите заедно да водиме борба!

Со ова, Манифестот ги презентира социјалните цели на востанието - воспоставување на поправедно општество. Покрај тоа, манифестот ги смирува муслиманите (Турци, Арнаути и други) дека и доколку не се приклучат кон востанието, нема да бидат мета на востаниците и ги повикува барем да не се придружуваат на спротивната страна, ако веќе не се приклучуваат кон востаниците:

...Ако и вие не имате како ваши браќа и ни сакате доброто, ако есапите пак да живејте со нас, како шчо сте живејале досега и ако сте верни и достојни синој на мајка Македонија, можите да ни поможите само со едно нешчо - а тоа јет голема помшт. да не се заортачите со душманите, да не дојдите со пушка протиф нас и да не прајте зулуми по рисјанските села!

Конечно, Манифестот има и силно изразена патриотска линија, претставувајќи ја Македонија како „заедничка наша мајка“. Така, се зборува за „нашата мила и богата земја Македонија“, „бајракот на Афтономна Македонија“, „чесни и добри македонски синој“, а завршува со зборовите:

Ура! За Афтономна Македонија! [2]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]