Македонската уметност во деветнаесеттиот век
Македонската уметност во XIX век - Втората половина на XVIII век и првите декади од XIX век се одликуваат со сериозни потреси на воено - феудалниот организам на Отоманското Царство. Како резултат на економските притисоци и експлоатација, значително се зголемува миграцијата од село во град, при што објективно се јавува нова граѓанска класа што влијае врз животот на чаршијата, која постепено и трајно ги зацврстува своите позиции на културно - просветен и уметнички план.
По 1829 година, на повидок е значително развивање на градежната дејност. Во градовите и на просторот на позначајните урнати манастирски комплекси, се преземаат амбициозни иницијативи за градење верски објекти со впечатливо големи димензии, пространи и во траен материјал. По изгледот на архитектурата, по начинот на градење, по просторните базиликални диспозиции, тие претставуваат високотехнички дострел за времето кога се подигнати.
Со текот на времето и постепеното прифаќање на западните и на исламските влијанија во Македонија, врз основа на традиционалната вештина за декоративна обработка на дрво, се создава нов квалитет кој ќе се изрази во специфичниот стил на македонската резба.
Мијачките мајстори од Мала и Долна Река во дебарскиот крај, учејќи го резбарството кај мајсторите резбари од работилниците на Атос (Света Гора), го прифаќаат нивниот барокен стил, внесувајќи нови фолклорни содржини во концепцијата. Мијачките тајфи, работејќи ги во длабок релјеф и ажурна резба иконостасите како оние во Лесновскиот манастир (1814 година), во црквите Свети Спас во Скопје и Свети Никола во Крушево (1831 година) и во Бигорскиот манастир (1845 година), тие ќе ја издигнат традиционалната вештина на ниво на уметност.
Кон средината на векот се појавува мошне нагласен интерес за откривање на сопствениот идентитет и за одредување на сопственото место во времето и просторот. Започнува културни просветителната дејност и непомирливата борба со грчките фанариоти за воведување на народниот јазик во црквите и училиштата. Несомнено, најверодостојна претстава за ова преломно време ни даваат животот и делото на Јордан Хаџи-Константинов Џинот (1820-1882).
Бездруго најавторитативен македонски интелект во ова време на жестоки судири меѓу елинизмот и словенството е Димитар Миладинов, привлекувајќи ги околу себе и насочувајќи ги најспособните Константин Миладинов, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Кузман Шапкарев.
Првостепен настан во македонската култура е објавувањето на Зборникот на народни песни, гатанки и обичаи во Загреб, во 1863 година, од Димитар и Константин Миладинов. Едно бесценето богатство се откопува од мракот на вековите.
Во 80-тите се јавува генерација на сликари која отвора нови патишта за остварување на неопходниот континуитет до појавата на македонската модерна уметност. Тие ја напуштаат сакралната уметност, го откриваат пејзажот, портретот и битовите композиции во кој се отсликува стварноста (или барем претстава за неа). Како прв профан сликар кој ја следи западната традиција се јавува Димитар Андонов Папрадишки кој е воедно и последниот зограф во земјата. Првпат се отватаат перспективите на историјата. Ако човекот од средниот век бил свртен кон вечноста, сега тој е устремен кон иднината каде што ги проектира своите желби и надежи. Се открива можноста светот да се преобрази, стварноста да се измени со колективно напрегање на силите. Само така светот може да стане „поле за културен натпревар меѓу народите“ (Гоце Делчев).