Прејди на содржината

Партенија Зографски

Од Википедија — слободната енциклопедија
Партенија Зографски
Портрет на Партенија Зографски
Роден/а1818
Галичник, Османлиска империја
Починат/а7 февруари 1876
Цариград, Османлиска империја
Занимањеучебникар, филолог

Партенија Зографски (Галичник, 1818 - Цариград, 7 февруари 1876) — првиот македонски учебникар, филолог, фолклорист, еден од најистакнатите културни и црковни работници од XIX век во Македонија и прв македонски митрополит.[1]

Животопис

Урнатини на неговата родна куќа во 1999 година.

Партениј Зографски, чие родено име е Павле Тризловски, е роден во 1818 г. во Галичник, како првороден син на Доста и Василко. Првото образование го стекнал во манастирот „Св. Јован Бигорски”, а во 1836 г. во Охрид бил ученик на Димитар Миладинов. Замонашен е во Манастирот Зограф на Света Гора, во 1842 година, при што го добива името Партениј, а по манастирот и звањето Зографски. Зографски по знаења оди и во Духовната академија во Одеса, Кипријанскиот манастир во Молдавија, киевската богословија, а од 1846 до 1850 г. е редовен студент во Духовната академија во Москва.

Неговиот животен пат е нераскинливо врзан - со љубовта кон Бога и кон сопствениот македонски народ. Набргу по завршувањето, од страна на цариградскиот патријарх е произведен во архимандрит, за потоа да биде поставен за епископ на Полјанската епархија, како прв Македонец со такво црковно звање и чин. Хиротонијата ја извршил солунскиот митрополит Неофит во патријаршијската црква во Цариград. Прво околу што се заложил новиот владика е воведувањето на црковнословенскиот јазик во богослужбата во црквите на македонски верници, со што го намалил влијанието на грчката црква во однос на богослужбата. Ги обиколувал селата во епархијата за да внесе словенско духовно влијание, отворал народни училишта, а, тоа не можело да не предизвика реакции на кукушките чорбаџии, кои коментирале „Каков е тој владика што не практикува чибук муабет, се мачи катаден со поповите со учењето како ќе читаат четива во црквите, го нема никогаш дома затоа што е постојано во селата во епархијата каде што отвора и гради училишта” кои подоцна се жалеле до Цариградскиот патријарх за неговото дејствување.

Обвиненија

Мисли за болгарскиот јазик објавено во весник „Български книжици“, број 1, Цариград, 1858 година
Од книгата Началное учение за децата, 1858

Солунскиот митрополит Неофит, во летото 1861 г., го свикал Синодот на којшто во документ – обвинение со 22 точки, бил сосема неосновано обвинет епископот Партениј, за антипатријаршиска дејност.

Меѓу другото, во 22-те наведени клевети против полјанскиот епископ Партениј, тој бил обвинет и дека:

  • Насилно го вовел црковнословенскиот јазик во богослужбата, а воедно забранил да се употребува грчкиот јазик;
  • Го вовел мајчиниот јазик во училиштата, наместо грчкиот јазик, а дури и ги истерал од работа оние учители кои не го употребувале македонскиот јазик;
  • Го поттикнал населението да потпише барање полјанската епископија да прерасне во митрополија;
  • Не го спомнувал името на својот претпоставен митрополит Неофит, како негов началник, изјавувајќи дека и самиот е митрополит;
  • Не дозволувал во неговата епархија да се чита патријаршиското писмо;
  • Цариградската патријаршија ја нарекол ‘голем ан’;
  • Наредил да се избрише грчкото писмо од кукушката црква и да се замени со македонски јазик и друго...”

Сепак, плашејќи се од руската дипломатија, а со намера да угоди на барањето на рускиот амбасадор Лобанов, Патријаршијата била принудена да испрати комисија во Полјанската епархија, за да го испита „случајот Партениј“. По извршената истрага тричлената патријаршиска комисија констатирала дека епископот Партениј не е виновен, туку напротив, дека совесно ја вршел својата должност. Сепак, на г. Партениј не му било допуштено веднаш да се врати во својата епархија, во која, особено во Дојран, каде што се наоѓала и неговата епископска резиденција, бил желно очекуван од своите духовни чеда. Во септември 1867 година, за да ја задоволи намерата на митрополитот Неофит за поставување на злогласниот Мелетиј за Полјански епископ и за сосем да го отстрани од неговата епархија, Светиот Синод на Цариградската патријаршија му понудил на Партениј Зографски митрополитско место во Нишавската епархија. Во 1868 година Партенија Зографски станал дел од отцепениот од Патријаршијата бугарски црковен клир. По создавањето на Бугарската егзархија во 1872 година Партенија Зографски останал да делува како егзархиски митрополит во Пирот до октомври 1874 година, кога поднел оставка поради здравствени причини. Потоа Паретниј заминал во Цариград да работи во централата на егзархијата.

Смрт

Ноќта меѓу 19 и 20 февруари 1876 година, на денот на Св. Партениј Лампсакиски, се упокои во Цариград, каде што и денес се наоѓа неговиот гроб во дворот на бугарската православна црква на Св. Стефан.

Творештво

Автор е на многубројни дела со кои се создадени темелите на граматиката на македонскиот јазик. Пред појавата на Партениј Зографски во училиштата се предавале само грчката и старословенската граматика, а тој оди подалеку - се впушта во пишување на граматиката на Словените на балканскиот простор под Турците, во која ги систематизира разликите меѓу бугарскиот и македонскиот јазик на научна основа. Бил полиглот — покрај македонскиот, знаел грчки, латински, хебрејски, старохалдејски, француски, руски и бугарски. Работел како учител во богословското училиште на Зографскиот манастир, професор по црковнословенски јазик во богословското училиште на островот Халки кај Цариград. Партениј бил и духовник на рускиот царски двор.

Манастирскиот комплекс во Стар Дојран денес го носи името „Свети Партениј Зографски”, со што Македонската православна црква непосредно почна епископот Партениј да го прифаќа за светител во Православната Црква.

Наводи

  1. Историја на македонскиот народ, книга втора, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година

Надворешни врски

Духовни титули
Претходник
Јаков
Полјански епископ
1859–1867
Наследник
Мелетиј
Претходник
Софрониј
Нишавски патријаршиски епископ
1867–1872
Наследник
Игнатиј
Новосоздадено Нишавски егзархиски епископ
1872–1874
Наследник
Евстатиј