Скопска Котлина
Скопска Котлина | |
---|---|
Поглед на Скопската Котлина од северозапад, од отворот на клисурата на Лепенец | |
Надм. висина | 250 м |
Географија | |
Местоположба | Република Македонија, |
Нас. места | Скопје |
Скопска Котлина или Скопско Поле — една од поголемите котлини во Македонија. Таа претставува втора котлина по течението на реката Вардар. Скопската Котлина е образувана од планините Жеден, Ивање (Матка) и Сува Гора на запад, Скопска Црна Гора на север, Градиштанска Планина (Ѓуриште) на исток и североисток, Голешница на југоисток и Китка, Караџица и Водно, односно масивот на Мокра Планина на југ.
Географски одлики
[уреди | уреди извор]Скопската Котлина е пространа котлина која се наоѓа во северниот дел на Македонија. Претставува длабока и спуштена потонатина по должината на раседните линии и целосно влегува во составот на Вардарската тектонска зона[1]. Заграена и опкружена е со високи планини од сите страни[1]. Таа претставува дел од композитната долина на реката Вардар, која навлегува во котлината од Дервенската Клисура на северпзапад, а ја напушта влегувајќи во Таорската Клисура на југ. Котлината зафаќа површина од 1924 км2 и има правец на протегање севрозапад-југоисток[1]. Средишниот дел на котлината е пространата алувијална рамнина на реката Вардар, односно Скопското Поле. Се издигнува од 225 метри како најниска до 2540 метри како највисока точка[1]. Просечната надморска височина изнесува 281 метар, а градот Скопје е расположен на 245 метри. Површината на рамнината на Скопското Поле изнесува 26.100 хектари. Целата речна и водена мрежа во котлината припаѓа на сливното подрачје на реката Вардар, односно Егејско Море.
Население и етнографски одлики
[уреди | уреди извор]Скопската Котлина претставува најнаселениот и најгустонаселениот дел на Македонија. Во неа живеат 571, 040 жители, од кои најголемиот дел Македонци (64,39%), а во помал број Албанци (23,11%), Роми, Срби, Бошњаци и Турци. Најголемиот дел од котлината го зафаќа градот Скопје. Етногеографски предели и области во Скопската Котлина се Скопска Блатија, Каршијак, Торбешија, Црногорија и Скопски Дервен. Поради градот Скопје, Скопската Котлина отсекогаш претставувала подрачје со голем број на миграции, доселувања и отселувања на населението. По Втората светска војна, доселувањата во Скопската Котлина од цела Македонија, како и од простори на поранешна Југославија го достигнале својот врв, а тие траат сè до денес.
Земјоделство и стопанство
[уреди | уреди извор]Географската положба, самиот терен, климата и почвата во Скопската Котлина се многу поволни за земјоделство и сточарство. Полјоделството е особено развиено во рамничарскиот предел во алувијалната раминина по течението на реката Вардар. Најзастапени се житните култури и тоа: пченицата, јачменот и пченката. На големи површини се застапени одгледувањето на зеленчук, индустриски растенија (сточна храна), градинарството и раноградинарското производство (под пластеници и оранжерии), овоштарството и лозарството. Од зеленчукот и градинарските култури највеќе се одгледуваат: домат (познатиот вид „скопски јабучар“), пиперки (зелен пипер), кромид, лук, млад кромид и арпаџик (во с. Драчево), зелка (с. Бардовци, Злокуќани, Драчево), марули, морков, компир, боранија, грашок. Кромидот од Драчево е особено прочуен на пазарите и, во исечен облик на крукчиња шеговито се нарекува „драчевска лигна“ поради големината. Од индустриските култури застапени се: тутунот, детелината, луцерката и крмната пченка. Овоштарството е застапено претежно во висорамнинските предели на подножјата на околните планини во јужниот, источниот и северниот дел на котлината. Од овошките се одгледуваат: цреши, јаболка, јагоди, сливи, кајсии, праски.
Сообраќај
[уреди | уреди извор]Скопската Котлина е сообраќајно најважното и најразвиеното подрачје во Македонија. Токму во Скопската Котлина се вкрстуваат и спојуваат двата паневропски автопатни и железнички коридори 8 и 10. Во ова подрачје се наоѓа и најголемиот македонски Аеродром Александар Велики. Целата Скопска Котлина во правец запад-југоисток и североисток е поврзана со автопатишта, а истовремено и со железничка пруга. Ваквата одлична сообраќајна поврзаност и достапност се должи на 2 главни причини: тука се наоѓа главниот град Скопје и стратешката географска положба и конфигурација на теренот што претставува природен спој на Вардарската долина кон Моравската на север.