Прејди на содржината

Торта

Од Википедија — слободната енциклопедија
Парче захер-торта со шлаг како гарнир

Торта — еден вид леб или храна слична на лебот. Во поново време, тоа најчесто претставува благ, печен десерт збогатен со најразлични состојки. Порано, тортата всушност претставувала печен леб или чизкејк и имала тркалезен облик. Тешко е да се одлучи дали една храна може да се распредели како леб, торта или колач.[1]

Современите торти, особено тортите од неколку слоеви, најчесто се прават од брашно, шеќер, јајца и путер или зејтин, а некои видови во својот состав содржат и течности (млеко или вода) и издигнувачки агенси (како квасец или прашок за печење). Најчесто се додаваат состојки за вкус како овошно пире, ореви, зашеќерени цреши, рибизли или екстракти, а многу често, основните состојки може да се заменат со други. Тортите најчесто се прават со фил од кондензирано овошје или десертни сосови, премачкана со шлаг или друг вид прелив, украсена со марципан по краевите или пак со зашеќерено овошје.

По избор на гостите, тортата често се служи како десерт на церемонии, најчесто на свадби, годишнини и родендени. Има безброј рецепти за торти; некои повеќе наликуваат на пандишпан, некои се побогати и посложени за правење; и додека многу внимание и напор се посветува на правењето торта (особено матење на јајцата, за совршено да нарастат), опремата за печење и упатствата пак се толку упростени што дури и еден обичен љубител може да направи торта.

Видови торта

[уреди | уреди извор]
Германска чоколадна торта

Тортите се поделени во неколку категории, кои се создаваат врз основа на состојките и техниките на правење.

  • Тортите кои се прават со квацес се најстар вид на торта и по состав се многу слични на лебот. Ваквиот вид на торта има традиционална форма и во овој вид торти спаѓаат колачите како бабка (колаче кое се подготвува за Велигден во земјите од Источна Европа) и штолен (колач со сушено овошје прелиен со шеќер, шеќер во прав или шербет)
  • Чизкејк – тоа и не претставува вид на торта воопшто. Чизкејкот е всушност крем-пита, со фил кој се прави од вид на сирење (и то најчесто крем-сирење, маскарпоне, рикота или некое слично сирење) и содржи многу малку или пак воопшто брашно иако филот мора да се постави на кора која се прави со брашно. Чизкејкот потекнува многу одамна, уште од времето кога се јадело колачи и торти засладени со мед во Стара Грција.
  • Пандишпан – иако се смета дека е прв вид на торта која се прави без квасец и зависи од количеството на воздух кој се создава при матењето на јацата за да може да се нарасте, понекогаш и со малку брашно за печење или други хемиски состојки кои се додаваат во случај смесата да не нарасте. Пандишпаните кои премногу се декорираат со разни преливи понекогаш се нарекуваат гато – француски збор за торта.
  • Торти со путер се фунта и американската чоколадна торта кои се прават со путер, јајца и понекогаш брашно за печење за да може да нарасте и да биде мека.
Голема торта украсена со јагоди

Покрај овој вид на групирање, тортите може да се поделат и според нивната соодветна придружба (кафе-торта) и според нивната содржина (на пример. овошна торта или чоколадна торта без брашно).

Торти наменети за свечени пригоди

[уреди | уреди извор]

Тортите може да се групираат според приликата за која се наменети. На пример, свадбена торта, роденденска торта и торта за Пасха (вид на пандишпан кој Евреите го прават за Пасха), го добиле името пред сè според нивната намена. Сечењето на свадбената торта во некои култури претставува посебен чин. Во Стар Рим, кога младоженците се венчавале морале да поделат торта.

Одредени видови на торти го добиле своето име и според некои празници, како што се штолен (за Божиќ), бабка и симнел (за Велигден) или месечинка (се служи на кинескиот фестивал во есен).

Облик на тортите

[уреди | уреди извор]
Торти

Најчесто, тортите добиваат име според својот облик. Тие може да бидат мали и наменети за јадење само за една личност (слатка). Поголемите торти пак, се прават со цел да се поделат на парчиња за да се послужат како десерт. Тортите најчесто се прават во следниве облици:

  • Куглов - десерт што се пече во посебен сад (куглов), кој има округла, прстенест облик.
  • Бомбици - десерт во мали размери (од 2.5 до 5 сантиметри во ширина), во облик на топче.
  • Конусни торти, како Крокенбуш - француски колач што главно се служи на свадби, крштевки и причести. Има конусовиден облик, составен од мали крем-колачиња прелиени со чоколадо или карамела, украсени со зашеќерени бадеми, чоколадо, цвеќиња или ленти. Името доаѓа од францускиот збор “croque en bouche” што значи “крцка кога се јаде”.
  • Капкејк и мадлен - капкејк е американска колаче, со големина доволна за да се послужи како десерт само на една личност. Се пече во мали и тенки книжни или алуминиумски чашки. Се украсува со прелив или чоколадни трошки; мадлен се многу мали сунѓерести колачиња во облик на школка. Се прават со ореви, бадеми и сок или кора од лимон.
  • Торта од повеќе слоеви - торта што е составена од неколку слоеви, помеѓу кои има фил. Најчесто се украсуваат со шлаг, а понекогаш страните се оставаат непремачкаи за да може да се види филот и бројот на слоеви.
  • Торта од еден слој - тоа е всушност пандишпан што се пече во голема, правоаголна тава. Овој вид торта се прави со различни вкусови, но најчесто со вкус на чоколадо и ванила. Се додаваат и ореви, чоколадни парченца или кокос, се украсува со шлаг и чоколадни трошки.
  • Ролат - претставува сунѓереста кора, премачкана со фил, кој потоа се замотува. Кората се прави од јајца, брашно и шеќер и се премачкува со фил што се прави во различни вкусови, се замотува и потоа се пресекува и се служи на кружни парчиња.

Брашно за торта

[уреди | уреди извор]
Роденденска торта украсена со чоколадни парчиња и желирано овошје

За да се направи една торта потребно е специјано брашно за торта кое се прави од мека пченица со низок процент на белковини. Со овој вид на брашно, кој мора да биде избелено, тортите имаат полесен и помек состав и вкус во споредба со сенаменското брашно. Поради тоа, во рецептите за торти често се наведува дека треба да се користи меко, лесно и бело брашно, сè со цел да се постигне подобар резултат. А понекогаш пак, потребно е да се употребува и сенаменско брашно бидејќи некои торти имаат потреба од поцврст и погуст состав.

Украсување

[уреди | уреди извор]
Чоколадна торта украсена со шлаг, јагоди, и сребрени шеќерни топчиња или Дражеи
Чоколадна торта
Торти на познатиот производител Линт (Lindt)
Парче торта

За да биде една торта комплетна, мора да биде украсена со шеќер во прав или шлаг и чоколадни трошки, кои се познати уште како и „џимис“ во некои делови на САД и „илјадарки“ во Велика Британија. Шлагот најчесто се прави од шеќер во прав, млеко или хопла и се додаваат арома на ванила или кокос. Некои слаткари користат и калапи особено за правење на свадбени торти (при изработка на овие калапи се користи желатин и глицерин за да се добие одредена цврстина. Често се користи и шеќер во прав и растопен мачмалоу. Калапот се развлекува како кора за пита и потоа се прекрива целата торта). Некои слаткари користат и сало. Го додаваат во шлагот за да се создадат воздушни меурчиња. Со тоа шлагот станува полесен и подобар за нанесување. Во домашни услови пак, се користи сало, путер, маргарин или комбинација од сите нив. Трошките се мали шеќерни парченца кои може да се обојат со разни прехранбени бои. При крајот на дваесеттиот век, се измислија нови начини на украсување. Ова вклучува и печатење на слики директно врз тортата.

За покомплицирано украсување се потребни специјални алатки како торбички или шприцови. На торбичките или шприцовите се ставаат цевчиња во разни форми по избор и потоа се полнат со шлаг. Бидејќи постојат голем број на цевчиња со разни форми, може да се направат најразлични шари. Постојат и разни прехранбени украси за торта како ѕвезди, цвеќиња, листови, разни топчиња итн.

Марципан (или крем од бадем), калап (крем од шеќер) или крем од путер се користат за да се украсат тортите, а воедно и за да се направат украси. Шеќерните цветови се многу важен дел од украсувањето на една торта. Тортите за свечени пригоди, како свадбените торти, најчесто се богати со овошје и се украсуваат со шлаг или марципан. Потоа со помош на шприц, им се украсуваат кравеите, па се додаваат и шеќерни цветови (најчесто темјанушки) и зашеќерено овошје (најчесто грозје).

Историја

[уреди | уреди извор]

Иако разликата помеѓу торта и леб е јасно видлива, сепак тешко е да се направи вистинската поделба. На пример, леб од банана може да спаѓа и во групата на леб и во групата на торта.

Грците измислиле пиво кое има улога на квасец, пржени лепчиња во маслиново масло и чизкејк кој се прави со козјо млеко. Во Стар Рим, смесата за леб понекогаш била збогатувана со путер, јајца и мед и ваквата смеса добивала вкус на пандишпан. Во својата книга за прогонство Tristia (Тага), латинскиот поет Овидиј зборува за неговата и роденденската забава на брат му каде секој гостин бил пречекан со парче торта.

Порано, во Англија тортата всушност претставувала леб: единствената, очигледна разлика помеѓу "тортата" и "лебот" била мала. "Тортата" имала форма на круг и била рамна. Се разликувале и по начинот на правење, за време на печењето, тортата се превртувала еднаш за да може да се испече убаво од двете страни додека лебот пак се печел исправен.

Пандишпанот кој се прави со јајца, потекнува од периодот на ренесансата и најверојатно за првпат бил направен во Шпанија.

Тортата како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]
  • „Торта“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[2]
  • „Секој деветти ноември“ — краток расказ на македонската писателка Оливера Ќорвезироска од 2021 година.[3]
  • „Роденденска торта“ (англиски: Birthday Cake) — песна на американското дуо Cibo Matto од 1996 година.[4]
  1. „торта“Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 142.
  3. Оливера Ќорвезироска, Престапни години (прозен календар). Скопје: Бегемот, 2021, стр. 512-513.
  4. YouTube, Cibo Matto - Viva! La Woman (Full Album) (пристапено на 22.4.2017)