Invictus (филм од 2009)
„Invictus“ — американски филм од 2009 година, во режија на Клинт Иствуд (Clint Eastwood), по сценариото на Ентони Пекам (Anthony Peckham). Филмот е снимен според книгата на Џон Карлин од 2008 година, „Playing the Enemy: Nelson Mandela and the Game That Made a Nation“. Главните улоги ги играат: Морган Фриман (Morgan Freeman), Мет Дејмон (Matt Damon), Тони Кгороге (Tony Kgoroge), Аџоа Андо (Adjoa Andoh) и Џулијан Луис Џонс (Julian Lewis Jones). Насловот на филмот се однесува на римската божествена придавка која значи „непоразен“ или „непобеден“; исто така „Invictus“ е насловот на песната на британскиот поет Вилијам Ернест Хенли. Инаку, филмот наишол на поволни критики, а имал и две номинации за наградата „Оскар“, и тоа: за најдобар глумец во главна улога (Морган Фримен) и за најдобар глумец во споредна улога (Мет Дејмон).[1]
Синопсис
[уреди | уреди извор]Во текот на својот прв мандат како претседател на Јужна Африка, Нелсон Мандела презема иницијатива за формирање репрезентација која треба да го освои Светското првенство во рагби во 1995 година. Бидејќи првенството треба да се одржи во Јужна Африка, нејзината репрезентација автоматски остварува пласман за светското првенство, но никој не очекува дека таа ќе оствари поволен резултат...