Лешникарка
Лешникарка | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Врапчевидни |
Семејство: | Врани |
Род: | Nucifraga |
Вид: | Лешникарка |
Научен назив | |
Nucifraga caryocatactes (Linnaeus, 1758) |
Лешникарката (науч. Nucifraga caryocatactes) е врапчевидна сосема малку поголема од сојката. Има многу поголем клун и потесна глава без никакви цуцулки. Пердувите на телото се кафеави, со впечатливи бели точки и дамки. Крилјата и горниот дел од опашката се црни со зеленкавосин сјај. Оваа птица ја има во Македонија.
Таксономија и систематизација
[уреди | уреди извор]Лешникарката е една од многуте видови опишани од Linnaeus во неговата Systema Naturae од 18 век, и сè уште го носи истото научно име Nucifraga caryocatactes.[2] Називот е всушност редупликација - со исто значење, Nucifraga од латинскиот nucis лешник + frangere крши, и старогрчкото caryocatactes: karuon лешник + kataseio крши.[3] И во македонскиот јазик, името на птицата е поврзана со бинимниот назив - лешникарка. Подвидови:
- caryocatactes (Linnaeus, 1785), номинираниот подвид; од Скандинавија на север, до источна Европа. Кавказ и Казахстан, што зимуваат во јужна Русија;
- macrorhynchos (Brehm, 1823) северна и североисточна Азија, се појавува и во северен Иран, Кореја и Кина, а скитник е во Турција;
- rothschildi (Hartert, 1903) Тјеншан, Казахстан и Кина;
- japonica (Hartert, 1897) Јапонија;
- owstoni (Ingram, 1910) Тајван;
- interdicta (Kleinschmidt и Weigold, 1922) планините во Кина;
- hemispila (Vigors, 1831) Хималаи;
- macella (Thayer and Bangs, 1909) источни Хималаи до Тибет;
- yunnanensis (Ingram 1910) југоисточна Кина.
Опис
[уреди | уреди извор]Лешникарката е темнокафеава врана, со широки крилја и кратка опашка. Телото ѝ е средно до темно чоколадно кафеава боја, со многу бели точки по лицето, вратот, мантијата и долните делови. Има бел прстен околу очите, црнкавокафеава капа која досега до тилот, темни црнкави крилја со зеленосин сјај, целосно бел задник и темна опашка со бели агли од страните одоздола, а бела лента одозгора. Во лет се забележливи широките крилја, белиот задник и кратката опашка. Црниот клун е тенок и долг, со остар врв, а големината зависи од расата. Очите и нозете се црни.
Лешникарката е долга 32-38 см и има распон на крилјата 49-53 см. Огласувањето е слично на сојката и е гласно и остро. Може да се опише како краак-краак-краак-краак.
Поведение
[уреди | уреди извор]Исхрана
[уреди | уреди извор]Оваа птица се храни со семињата од шишарките на боровите (Pinus) и тоа, од видовите на постудените области, како што се: кинескиот бел бор P. armandii, швајцарскиот бор P. cembra, корејскиот бор P. koraiensis, јапонскиот бел бор P. parviflora, македонскиот бор (молика) P. peuce, сибирските борови P. pumila и P. sibirica, синиот бор P. wallichiana, а во регионите кде ги нема овие борови, семињата од смрчата Picea и лешникот Corylus може да играат важна улога во нивната исхрана. Овие плодови може да имаат потврда кора, па тогаш птицата за да ги отвори ги користи нозете за придржување.
Птицата секогаш ги складира семињата за подоцна, и благодарение на неа борот Pinus cembra кој целосно бил уништен од човекот, повторно расте на Алпите и Средна Европа.
Освен ова, таа се храни и со разни инсекти, мали птици, нивните јајца и пилиња, мали глодачи и мрши убиени по патиштата.
Размножување
[уреди | уреди извор]Парот лешникарки остануваат заедно за цел живот, а нивната територија опфаќа 8-10 хектари. Овој вид секогаш многу рано гнезди, користејќи ги за исхрана семињата од шишарките складирани минатата есен. Гнездото обично го прават високо на иглолисно дрво (понекогаш и на листопадно), од сончевата страна. Несат 2-4 јајца кои ги инкубираат 18 дена. Обата родитела ги хранат пилињата додека да се оперјат по 23 дена. Младите птици остануваат со родителите многу месеци за да ја научат техниката за складирање на храната потребна во нивната остра животна средина.
Распространетост и живеалиште
[уреди | уреди извор]Лешникарката има широка распространетост, од Скандинавија преку северна Европа, Сибир, до источна Азија, вклучувајќи ја и Јапонија, населувајќи ги огромните иглолисни шуми на север.
Три други, издвоени популации живеат во планините со иглолисни шуми на југ, во централна и југоисточна Европа (на Алпите и планините на Балканот); другата е на западни Хималаи и третата во западна Кина.
Глобално, птицата има широк опсег од над 10 милони км². Исто така, има и голема глобална популација од 800.000 до 1.700.000 единки во Европа.[4]
Лешникарките не се преселници, но може да ја напуштат својата територија при многу студено време и при недостаток на складираната храна. Ова најчесто го прави тенкоклуната источна раса macrorhynchos.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ BirdLife International (2012). „Nucifraga caryocatactes“. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
- ↑ (латински) Linnaeus, C (1758). Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata. Holmiae. (Laurentii Salvii). стр. 105.
- ↑ „BTO Web: BirdFacts > crows > Nutcracker“.
- ↑ „Birdlife International. Data Zone. Species factsheet: Nucifraga caryocatactes. Downloaded 20/11/2008“.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Лешникарка“ на Ризницата ? |
- Лешникарка - видео, фотографии и звуци на интернет колекцијата птици
- Norwegian Cyberbirding Nutcracker webpage Архивирано на 2 декември 2005 г.
- Spotted Nutcracker photographed in Panbos by Rene van Rossum on 2 November 1985 Архивирано на 15 септември 2003 г.