Македонски црковно-училишни општини
Македонските црковно - училишни општини се формирале уште во почетокот на османлиската власт, а нивната дејност може да се следи од почетокот на XIX век. Нивна задача била да се грижат за црковно-училишниот живот. По основањето, црковно - училишни општини биле под јурисдикција на Цариградската патријаршија и како такви биле центар за ширење на грчката култура и јазик [1]. Но во среднината на XIX век македонското граѓанство ја започнало антифанариотската борба, во текот на овие борби голем дел од црковно - училишните општини во Македонија се откажале од Патријаршијата и почнале да се приклонуваат кон Бугарската егзархија. Меѓутоа Македонците бегајќи од погрчувањето наишле на егзархиска стапица која била поставена врз словенска основа но со тенденција да бугаризира и затоа во втората половина на XIX век Македонците започнале борба против Егзархијата, борба која своја кулминација ја достигнува со појавата на Македонската револуционерна организација [2]. Црковно - училишните општини биле од особено значајни за развојот на културата и просвета на македонскиот народ, а долго време биле единствени институции во кои се зачувал и закрепнал националниот дух на Македонците [3]. Црковно-училишните општини егзистирале со до поделбата на Македонија, по што биле укинати и во зависност од поделбата бил воведен воспитно-образовниот сиситем на некоја од балканските држави.
Создавање на македонските општини
[уреди | уреди извор]Во текот на владеењето на султанот Махмуд II се создале услови за развој на градовите на целата територија на Отоманското Царство, вклучетелно и во Македонија.
Махмуд II започнува со спроведување на низа реформи во разни општествени области. Со реформи дошло до развој на занаетчиството и градскиот живот. Во текот на 30-те и 40 -те годин на XIX век во градовите почнало да се подигаат голем број на цркви и училишта.
Во 1839 година наследникот на Махмуд, Абдул Меџит I ги продолжил реформите и во тој дух го издал Ѓилханскиот хатишерив со кој биле ветени голем број на права за сите поданици на Империја, а меѓу другото биле создадени услови за развој на црковно-училишниот живот. Во 1856 година бил донесен Хатихумајунот [4], а врз основа на него во 1869 година бил донесен законот за подаништвото и народното образование.
Во духот на овие реформи како и од практични потреби најпрво се организирале граѓаните кој биле задолжени за подигање на црквите и училиштата, за развојот на црковно-училишниот живот, изноаѓање на учители и нивна издршка.
Во почетокот со црковно-училиштата раководеле богатите чорбаџии и владиците, овие пак биле или прогрчки настроени или Грци. Тоа пак влијаело во црковно-просветната дејност на општините и тие станале спроводници на грчката пропаганда, односно на грчкиот јазик и култура.
Навлегувањето на македонското граѓанство во општините бил долг процес и зависел од економската сила на секој град во Македонија. Оваа навлегување се одвивало во две релации:
- 1) Со изградба на нови цркви од страна на македонското граѓанство
- 2) Со економски притисок врз конзервативните елински настроени чорбаџии и со нивно сменување
Во првиот случај, при изградба на нова црква се формирал градежен одбор во кој влегувале претставници на македонските еснафи, а по изградбата на црквата тие станувале општина. Во вториот случај дошло до борба во која постепено биле истиснати старите чорбаџии и биле заменети со претставниците на македонското граѓанство [5].
Честопати се случувало двата процеса да се преплетуваат меѓу себе во зависност од економската сила на двата табор и степенот на влијание на грцизмот. Меѓутоа во текот на неколку децении во XIX век дошло до остра диференцијација на двата табора и до преземање на општините од макеоднското граѓанство или до создавање на две општини во еден град, македонска или грчка [6].
Првите црковно-училишни општини се формирале во Велес, Прилеп и Горна Џумаја, а со текот на времето дошло до создавање и во другите градови.
Структура
[уреди | уреди извор]Новите општини, македонските во кои не било доминантно влијанието на грцизмот, се разликувале од старите чорбаџиски. Овие општини станувале институции со претставнички карактер, односно со оформен општински апарат. Се органнизирале избори за претставници на општината, а во овие избори учествувале еснафите и трговците, тие давале свои претставнци за членови на општината.
Општините донесувале правилници по кои се раководеле членовите. Општината се сосотоела од 8 до 12 члена, а раководството се сосотоело од претседател, благајник и црковен епитроп, а подоцна од редовите на членовите биле бирани и учителски настојатели.
Општините кои во подоцнежната фаза го носта името црковно-училишни општини имале свои приходи главно од завешатанијата на подвижен или неподвижен имот, доброволни прилози, подароци во пари и натура и др.
Црковно-училишните општини и покрај потиснувањето на елинскот елемент, официјално ја признавале Цариградската патријаршија, поради недостаток на автохтона црква.
Тоа пак овозможувало да имаат свои претставници во турските меџлиси (совети), каде што можеле да ги застапуваат интересите на христијанското население [7].
Компетенции
[уреди | уреди извор]Во прво време општините имале потесни компетенции во областите на граѓанскиот живпот. Меѓутоа со развојот ја ширеле и својата компетенција и речиси целата активност на граѓанскиот живот го прерзеле врз себе, освен оние кој биле во надлежност на државата. Општините главно имале четири области на компетенција од граѓанскиот живот:
- црковна
- просветна
- судска
- социјална
Во однос ма просветата некој од општините успеале уште многу рано да го преземат школството. Тие отворале училишта по градовите и селата, ангажирале и плаќале учители, се грижеле за набваката на учебните помагла и учебниците.
Меѓутоа таквите компетенции на општините биле резултат на една борба против Цариградската патријаршија, односно против нејзините претсавници и органи во Македонија. Овие права општините честопати ги извојувале сукцесивно, најчесто без согласност на Патријаршијата, оваа борба траела сè до 70-те години на XIX век, меѓутоа и до крајот на османлиското владеење во Македонија.
Поврзување на македонските општини
[уреди | уреди извор]Општините и покрај тоа што успеале да издејствуваат голем број на права за себе, сепак тие претставувале институции од локален карактер, бидејќи немале своја заедничка институција, автохтона, односно автокефална црква, која би ги обединувала интерeсите на македонските општини и би ја кординирала нивната дејност.
Поврзувањето на општините во 60-те години на XIX век било многу ретко, а поради тоа се чувствувала потреба, особено поради решвање на проблемите во школството, од создавање на една повисока институција.
Општините не можеле да се надеваат на помош при отворањето на учлиштата на македонски народен јазик од страна на грчките владици и затоа секоја општина засебно се грижела за училиштатата и учителскиот кадар. Меѓутоа помалите и економско послабите општини не биле во состојба сами да ги решаваат тие прашања, затоа тие се обраќале до соседните општини кој понекогаш економски ги помагале.
Во процесот на поврзување на општините постојат две фази.
Манастир Зограф
[уреди | уреди извор]Првата фаза била поврзувањето со словенските манастирите во Света Гора, првенствено со манастирот Зограф. Овој манастир како и манастирот Хилендар главно се пополнувал од Македонци, поради врската на Атон со Македонија.
„ | Овие два манастира за сето време на своето постоење биле расадници на словенската писменост, а (во текот на б.н) на народносното будење на македонскиот народ станале извор на учителски кадар | “ |
Зографските монаси благодарение на приходите од бројните метоси во Македонија и Романија почнале да испраќаат од својата средина луѓе да се образуваат на повисоките школи во Москва и Атина, а подоцна при самиот манстир Зограф било отворено училиште на црковно-словенски јазик каде што се подготвувале учители за келијните училишта низ Македонија.
Зографските монаси почнале материјално да ги помагаат македонските црковно-училишни општини во поблиските градови како Кукуш, Дојран и др. за да отворат училишта на македонски народен јазик.
Монасите од овој манстир служеле и како посредници меѓу оделните општини во решавањето на проблемот околу распоредувањето на малубројниот учителски кадар по училиштата.
Најголема заслуга на манстирот Зограф е што тој претставувал еден вид на замена за организирана црква, која духовно би го поврзувала македонскиот народ. Преродбеникот Димитар Миладинов истакнал дека:
„ | Зограф за Макеоднците е она што за Грците е Цариградската патријаршија | “ |
Обид за создавање на еднинствен црковно - просветен центар за Македонија
[уреди | уреди извор]Втората фаза на поврзување е преку поголемите црковно-училишни оптини во Македонија, Солун, Битола и Скопје. Во 1882 година се датира еден обид за создавање на црковно - просветен центар за Македонија. Солунското граѓанство се обратило кон останатите македонските општини советувајќи ги во иднина да не кореспондираат дирекно со Егзархијата туку преку Солунската црковно - училишна општина, а со тоа требало да се создаде едниствен центар кој би требало сите македонски општини да ги претставува пред Егзархијата.
Во меѓувреме биле спроведени избори за црковно - училишната општина во Солун и новото раководство побарало да се измени уставот од 1871 година и да се донесе нов во кој би требало да се гарантира општинската самоуправа. Самата солунска општина пристапила кон изработка на еден заеднички устав за сите црковно - училишни општини во Македонија.
Обидот за создавање на единствен црковно - просветен центар за Македонија преку уставот за македонските општини останал нереализиран.
Оваа фаза не била реализирана до крај бидејќи општините не формирале свој црковно-училиштен центар, во црковен поглед општините биле подчинети на Бугарската егзархија, а со училиштата во Македонија раководел Училишниот одел од Цариград кој добивал пари дирекно од бугарската држава.
Македонските општини и Егзархијата
[уреди | уреди извор]Егазрхијата била формирана на 28.02.1870 година со посебен султанов ферман и прва епархија во Македонија која била под јурисдикција на Егзархијата е Велешката епархија.
За прв претставник на Егзархијата во Македонија бил поставен архимандритот Дамаскин кој стапил на должност во 1872 година [8].
Според член 10 од султановиот ферман со кои била основана Егзархијата, било дозволено доколку во рамките на една Црковно - училишна општина во Македонија со 2/3 мнозинство нејзините општинари одлучаат да се приклучаат кон Егархијата, да можаат тоа да го направаат.
На тој начин во 1874 година под јурисдикција на Егзархијата се нашле Скопската и Охридската епархија.
Meѓутоа во текот на Руско - Турската војна егзархиските претставници биле отстранети од Македонија.
Егзархијата своите позиции ќе ги зацврсти дури во 1890 година кога од Високата порта ќе добие 2 владички берати за Скопската и Охридската епархија и доплнително уште два владички берати за Велешката и Неврокопската епархија во 1894 година.
На егзархијата во 1897 година и се доделени уште три владички берати за Битолската, Струмичката и Дебарската егзархија.
Во 1883/1884 година, при Егзархијата во Цариград бил формиран Училиштен оддел кој требало да раководи со просветната дејност во Македонија и да го надгледува трошењето на финансиските средства испратени од Бугарија, а наменети за веќе зацртаниот план[9]. И затоа Петар Поп Арсов ќе истакне дека:
„ | (Егзархијата се претворила во б.н) чисто бирократско одделение на софиското надворешно министерство [10] | “ |
Со тоа биле поставени основите за идната просветна дејност во Македонија. Бугарската држава за да се осигура успешно делување на овој црковно-просветен ситем почнала да дава големи суми на пари од својот сопстевн буџет.
Со текот на годините овие средства постојано се зголемувале. Во 1881 година сумата која била одвоена за пропагнадата во Македонија изнесувала 100 000 лева, а во 1885 година за Македонија и Одринско заедно биле одвоени 574 874 лева, а за 1890 година според еден српски извештај биле одвоени 5 500 000 франци.
Во 1890 година, по иницијатива на бугарската влада била изработена специјална програма за просветната егзархиска политика во Македонија, која била прифатена од Народното собрание на Бугарија. Меѓу другото, во седмата точка од оваа програма стои:
„ | за учители во Македонија да се назначат само родени Бугари, а за учители по турски јазик да се назначат само влијателни лица кај турските власти. На учениците што ќе завршат гимназија во Македонија, ако не сакаат да добијат повисоко образование да им се даде служба во Бугарија. Ако некои од учениците сакаат да прифатат учителски позив, откако ќе поминат четири години на практика во Бугарија да се назначуваат за учители по нивните родни места [11] | “ |
Со ваквата политика Бугарската егзархија успеала да завладее со црковно-училишните општини во Македонија и да го воведе бугарскиот јазик во училиштата.
Борба за контрола на црковно-училишните општини
[уреди | уреди извор]Црковно-просветната политика на Бугарската егзархија придонела да дојде до појава на едно движење кое биле насочено против Егзархијата и нејзината дејност.
Во контекст на ова движење Ѓорче Петров истакнува дека се јавило едно настроение на:
„ | младите против владиците, општините, егзархиските учители и службеници, и една струја против посегањата на Егзархијата бесконтролно да господарува во црковните и училишните работи во земјата. Еснафите, што во македонските градови сочинуваа моќен сталеж, скоро минаа во оваа борба на страна на младите. . . Ова движење се паѓа паралелно со појавата на таканаречениот од некои македонски сепаратизам, изразен преку списанието Лоза, во Софија, раководено од Арсов, Баласчев, Хаџи Николов и други. . . Во Солун се пројави меѓу учителите во гиманазијата исто ова сепаратистичко движење. Реченото раздвижување . . . го сметам како прв чекор на самодејност во земјата. . . Тоа неосетно се прероди во револуционерно движење [12] | “ |
Антиегзархиското движење со појавата на Македонската револуционерна организација ја доживува кулминацијата.
Каков бил ставот на Македонската револуционерна организација кон Бугарската егзархије се гледа од брошурата Стамболовштината во Македонија напишана од Петар Поп Арсов во која меѓу другото се вели дека Бугарската егзархија:
„ | сомневајќи се во најново време во некаков сепаратизам, а првин - се гледа во нашата народност. (се стреми б.н) да го убие секое посамостојно движење во нас, да ја одземе секоја можност Македонците да се занимаваат со повозвишени општествени прашања, и на тој начин... да го стави народниот македонски дух во полна зависност од неа, да го огради како птица во кафез... да не окова во синџири за да не разигрува како мечка, и да не води таму, од каде добива голем бакшиш [3] | “ |
Егзархот Јосиф во однос на борбата за општините истакнал:
„ | Некои запалени глави сметаат дека Св. Егзархија е единствената пречка Македонија да остане и понатаму под Османлиското Царство и се нафрлија врз неа како волци. . . Во сегашниот момент се нафрлија врз општините со цел да ги направат инструмент за своите бунтовнички цели. . . Секакво нивно политизирање и служење на нечисти цели ќе ја оневозможи Св. Егзархија во нејзината висока мисија да го зачува бугаризмот за идните поколенија. Ние. . . сме свесни какви се последици. . . ќе има политизирањето со општините денес, а да не зборуваме за утре, при евентуално создавање на автономна Македонија. Св. Егзархија. . . при две оделни држави не ќе може да ја врши својата бугарска мисија. Или ќе стане исклучиво македонска, или исклучиво бугарска. Каде тоа би не одвело, посебно не треба да се потцртува. . . Подобро е да сметаме дека делови од единствената бугарската територијата се сè уште под ропство, отколку за сметка на некаква слобода, бугарското население во Македонија за секогаш ќе биде загубено за Бугарија [13] | “ |
Македонската револуционерна организација со една упорна борба успеала да воспостави контрола врз црковно-училишните општини и за еден подолг период да застане на патот на надворешните посегања.
Извори
[уреди | уреди извор]- ↑ Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980
- ↑ Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893-1903 година, Скопје, Институт за Историја-Филозофски факултет
- ↑ 3,0 3,1 Вардарски (Петар Поп Арсов), „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“, превод, редакција, коментар и предговор д-р Ванчо Ѓорѓиев, Табернакул, Скопје 2006
- ↑ Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том еден, Униврзитет Кирил и Методиј - Факултет за филозофско - историски науки, Скопје, 1981
- ↑ Славко Димевски, Црковна историја на македонскиот народ, с. 92-102
- ↑ Жан Натан, Българското възраждане, второ изд. София
- ↑ Во Османлиското Царство немуслиманските народи „народи од книга“ имале внатрешна религиозна самоуправа. Тие биле групирани според верските заедници кон кои припаѓале. Така, сето православно население се сметало за †Рум милет#, а негов духовен поглавар бил Цариградскиот патријарх. Под терминот „Рум милет“ првобитно се подразбирало сето православно население без разлика на неговата етничка припадност. Подоцна овој терминот стал синоним за †Грк# во етничка смисла на зборот без оглед на националнаната припадност. Оттука терминот †Рум милет# треба да се сфати само како верска конотација за припадност кон Цариградската патријаршија, а не во етничка смисла. Со формирањето на Бугарската егзархија во 1870 година, аналогно на милет системот се појавил терминот †Булгар милет#, што станало синоним за Бугарин, меѓутоа тоа повторно означува припадност кон одредена црква, а не национална припадност
- ↑ Александар Трајановски, Бугарска егзархија и македонското националноослободително движење (1893 - 1908), Скопје, 1982, 35.
- ↑ Бугарската егзархија и македонското национално-ослободително движење (1893-1908), Александар Трајановски, Скопје, 1982
- ↑ П.п.Арсов, Потеклото на револуционерното движење во Македонија... No. 8, Софија, 19.07.1919,3
- ↑ Просветната политика на егзархијата у училишните бунтови во Македонија, Славко Димевски, Скопје, 1960, 12
- ↑ Ѓ. Петров, Спомени, Скопје, 1950
- ↑ С. Димевски, Присуството на Теодосиј Гологанов во развојот на македонската национална мисла во епохата на национално - револуционерното движење, ГИНИ, XX/2, Скопје, 1976.