Облаково
Облаково | |
Координати 41°7′28″N 21°13′8″E / 41.12444° СГШ; 21.21889° ИГД | |
Општина | Битола |
Население | 0 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 02086 |
Надм. вис. | 922 м |
Облаково на општинската карта Атарот на Облаково во рамките на општината | |
Облаково — целосно раселено село во Општина Битола чиј атар се издига до сртот на Облаковска Планина, во околината на градот Битола.
Географија
[уреди | уреди извор]Облаково е сместено на околу 22 км северозападно од градот Битола, во близина на акумулацијата Стрежево. Селото се наоѓа на надморска височина од 922 м. До селото се стигнува по патот што води кон Стрежевско Езеро, пат кој поминува крај селата Кукуречани, Драгожани, Секирaни и Габалавци. Од селото Габалавци до Облаково се стигнува по нагорничав земјен пат во должина од 5 км. Облаково е од селата кои припаѓаат на групата горно-полски села меѓу кои се набројуваат: Снегово, Горно Српци, Братин Дол, Ѓавато, Лера, Рамна и др.
Историја
[уреди | уреди извор]Облаково порано се викало Старо Село и се наоѓало на спротивната страна од планината. Жителите на Старо Село морале да го напуштат селото бидејќи во него се ширеле заразни болести, ден по ден се зголемувал бројот на заболени и починати, затоа жителите одлучиле да го напуштат тоа село и да изградат ново село под облаците, од каде доаѓа и неговото име Облаково кое и ден денес постои. За време на Отоманското Царство, Облаково било комитско гнездо и учествувало со свои комити во борбата против турскиот аскер, кој бил во околината на Битола и Демир Хисар. Една од поголемите трагедии на селото се случила во тоа време кога кај Демирxисарското село Слепче биле убиени од заседа десетина комити од селото заедно здружени со комити од околните села. За време на балканските војни во Облаково дошле разни војски, како cрпските и бугарските. Во Втората светска војна овој реон претежно припаѓал на бугарскиот окупатор и во селото донеле бугарски учител, кој ги учел младите да зборуваат бугарски јазик и дека тие се Бугари, а не Македонци, но македонштината никогаш не изумрела. Облаково имало учесници и во НОБ (Народноослободителна борба) кои се залагале за слободна Македонија. Подоцна, за време на комунизмот голем дел од селаните го напуштаат селото и се селат по градовите кои се наоѓаат во непосредна близина или заминуваат во прекуокеанските земји како: Австралија и САД.
Во XIX век, Облаково било чисто македонско село во Битолската каза на Отоманското Царство.
Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[2]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Во Облаково пред неговото иселување живееле Македонци кои се занимавале претежно со сточарство, дрварство и дел трговија.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Облаково живееле 350 жители, сите Македонци.[3] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Облаково имало 376 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[4]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Облаково се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 40 куќи.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[6]
Во 1961 година во селото Облаково живееле 293 жители, за многу брзо да се исели. Во 1991 година бројот се намалил на 4 жители, Македонци.
Според пописот од 2002 година, во селото бил запишан само 1 жител, Македонец.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото Облаково немало жители.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 350 | 376 | 377 | 381 | 293 | 77 | 95 | 4 | 1 | 1 | 0 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]
Родови
[уреди | уреди извор]Облаково било чисто македонско православно село, кое денес е сосема раселено. Во селото имало и староседелски и доселенички родови
Родови во Облаково биле:
Староседелци: Аневци (6 куќи), Гулабовци (5 куќи), Секуловци (5 куќи), Марковци (2 куќи), Миленковци (2 куќи), Муовци (2 куќи), Нечовци (2 куќи), Лозановци (1 куќа), Огњановци (6 куќи), Ѓорчевци (4 куќи), Узуновци (4 куќи), и Настевци (3 куќи).
Доселенички: Гоговци (1 куќа) доселени се од околината на Ресен (Преспа); Митревци (6 куќи) потекнуваат од домазет кој дошол од селото Утово во Железник; Дамчевци (8 куќи) потекнуваат од дечко кој дошол со неговата мајка после премажување на мајката.[12]
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Избирачко место
[уреди | уреди извор]Селото е опфатено во избирачкото место бр. 202 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште. на селото Габалавци[13]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 114 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[15]
- Црква „Св. Теодор Тирон“ — главната селска црква, иградена на крајот од XIX век;
- Археолошки наоѓалишта[15]
- Старо Село — наоѓалиште од непознат тип и период;
Природата на Облаково и ја подарила најладната и најдобрата планинска вода, која тече од трите селски чешми. До една од чешмите се наоѓа споменикот на борците и старата црква. Под сред-селото се наоѓа и напуштеното училиште во кое старите облаковци се образувале, a тука е и казарницата во која селаните ја правеле својата ракија.
Редовни настани
[уреди | уреди извор]Како и сите села и Облаково има своја селска слава Св. Никола - летен(Талалеј) на која слава сите облаковци од Битола и некои од прекуокеанските земји се собираат на сред-село и го слават празникот. Секоја година се избира кум кој се залага за селото. На тој ден странците се среќаваат со старите пријатели и роднини.
Личности
[уреди | уреди извор]- Вељо Узунов — револуционер од ВМРО;
- Петар Павлов (Облаковчето) — македонски револуционер;
- Трајко Христов — револуционер;[16]
- Апостол Секуловски (1876-1936) — истакнат слеп гуслар
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Иселеништво
[уреди | уреди извор]Од селото иселеници има во: Австралија, САД, Канада, кои секоја година донираат за реновирање на селските културни споменици и црквата. Родовите Станојовци (8 куќи), Секуловци (8 куќи), Лозановци (3 куќи), Милевци (3 куќи), Дамчевци (2 куќи), и Гоговци (2 куќи) иселени се во соседното село Црноец. Марковци (2 куќи) иселени се во селото Габаловци. Иселеници има и во Битола (30 семејства), и Бугарија (10 семејства). Иселеници во Битола и Бугарија се гранки на погоре наведените селски родови.[12]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 238.
- ↑ D.M.Brancoff. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905, рр. 166 – 167.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 13.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ 12,0 12,1 Трифуноски, Јован (1998). Битољско-прилепска котлина. Белград: САНУ. стр. 258–259.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ 15,0 15,1 Јован Ф. Трифуновски, (1998) Битољско - Прилепска котлина, Антропогеогрофско проучавање. Београд, САНУ ISBN 8670252678
- ↑ Македонски войводи и четници, заселили се в Плевен
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Репортажа за селото — Крале Марко
- Ставре Нечовски, единствениот жител на Облаково, го сочува селото[мртва врска] — Вечер
- Робинзон Крусо од Облаково Архивирано на 4 март 2016 г. — Вест