Општина Битола
- За истоимениот град, видете Битола.
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Оваа статија или заглавие има потреба од викифицирање за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме помогнете во подобрувањето на оваа статија со соодветни внатрешни врски. |
Општина Битола — општина во јужниот дел на Македонија. Градоначалник е Тони Коњановски. Седиштето на општината е во градот Битола. Општината е проширена со законот за територијална поделба на Македонија од 2004 година, кога кон старата Општина Битола се припоиле поранешните општини Бистрица, Цапари и Кукуречани.
Географија
[уреди | уреди извор]Општината се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија. На запад општината се граничи со Општина Ресен, каде границата меѓу двете општини минува низ Баба Планина. Јужната граница е државната граница со Грција. На исток и североисток општина Битола се граничи со Општина Новаци и Општина Могила, додека на север со Општина Демир Хисар. Општината се наоѓа во Пелагониската Котлина, достигнувајќи ги највисоките врвови на планината Баба со врвот Пелистер. Најголеми реки коишто течат низ општината се Црна Река, Шемница и Драгор.
Историја
[уреди | уреди извор]Од 349 г. пр. н. е. до 1019 г. од н.е.
[уреди | уреди извор]Најстарите остатоци од животот на човекот во Пелагониската Котлина потекнуваат од времето на неолитот, со најстариот претставник Велушко-породинската култура која временски припаѓа кон крајот на раниот неолит. Бројните материјални откритија од археолошките наоѓалишта (Велушина, Породин, Беранци) докажуваат културни слоеви на живеење од периодот на бакарно време, бронзено и железно време, додека наодите од античкото наоѓалиште Хераклеја Линкестидска (подигнато од Филип II во 349 г. п.н.е) создаваат континуитет со животот на градот во македонско-хелинистички и римски период. По илјадагодишното постоење, во VI век животот во античкиот македонски град Хераклеја престанал. Тоа е времето на масовно населување на Словенските племиња на македонските простори. Во непосредна близина на Хераклеја се доселува македонско – словенското племе Берзити, односно Брсјаци кои почнале да ја создаваат нова словенска населба, којашто туѓинците различно ја нарекувале, како: Бутела, Бутелион додека месното словенско население, својата населба ја именува како Битољ, од што произлегува и денешното современо име Битола. Во времето на владеењето на Цар Самуил, на син му Гаврил Радомир и на внук му Јован Владислав, во Битола постоела царска резиденција, односно царски дворци. Во еден воен поход, царот на Византија Василиј II наредил тие да се запалат, но градот не го зазел. Битола, како и другите средновековни градови, имала своја тврдина за заштита на населението од воени напади и од грабежи. Тврдината била значително оштетена. Во 1015 г. царот Гаврил Радомир беше убиен од неговиот братучед Царот Јован Владислав, кој се прогласил за цар и во 1015/16 наредил да се обнови градската тврдина. По тој повод, на видно место, при влезот на тврдината била поставена голема мермерна плоча со словенски текст, каде за првпат се спомнува градот со неговото словенско име т.е. на неа пишува дека тој на ова место подигнал град под име Обител, што значи манастирски стан или семејство. Ова плоча е пронајдена во Солак – Сингур Чауш џамија, која денес се наоѓа во битолскиот музеј. По кусото владеење на царот Јован Владислав, Битола и целото царство потпаднале под византиска управа. Во 1019 г. Битола се споменува како седиште на епископ кој бил под црковна управа на Охридската епископија споменувана во делото на Јован Скилица „Кратката историја“ и познатата „Грамота“ на императорот Василија II, каде што Битола е претставена како значаен словенски град.
Од XII до XV век
[уреди | уреди извор]Во XII век, Вилхем Тирски борејќи се во Првата крстоносна војна, Битола ја спомнува како голем и убав град. Во средината на XIII век слични податоци дава и арапскиот патописец Идризи во своето дело “Географија“ пишувајќи дека Битола е значаен и убав град со убава местоположба, а Теофилакт Охридски за време на Душановото царство во првата половина на XIV век, Битола ја опишува како развиена населба со феудален систем, развиена трговија со Дубровник, Венеција, Солун и Цариград или кратко кажано Битола во средниот век доживува силен процвет непосредно пред пропаѓањето под османлиската власт. Во средниот век Битола исто така претставуваше црковно седиште за областа Пелагонија, а и пошироко.
Со продорот на Турците Османлии на Балканскиот Полуостров, Битола пропаднала под османлиската власт во 1382/3 година. Турскиот хроничар од XVII век во своето дело „Настани што воодушевуваат“ забележал: „... додека прилепската тврдина била освоена по мирен пат, битолската беше освоена по пат на сила...“ При освојувањето на градот Битола Турците се стретнале со голем отпор од страна на битолчани, но по неколкудневен отпор истиот бил скршен од надмоќниот освојувач, на чело со Тимурташбег. По заземањето на градот битолската трвдина била урната до темел. Со посебен ферман од Султанот Мурат I градот беше предаден на управување на Евронос бег. Во овој период, во турските документи Битола се споменува под името Манастир, некаде Толи Манастир или само Толи или само Манастир, но и Монастир. Поради важната географска положба, Битола станала важен воено-политички и административно-културен центар во овој дел на балканот. Во периодот кој следи градот доживува крупни етнички промени, турското население станува доминантно население за чии потреби биле изградени верски установи – џамии, други позначајни објекти – медреси (верски училишта), безистени, текии, анови, амами (бањи), сараи (раскошни куќи) и др. Во XV век во градот се доселува еврејскиот етнос кои биле протерани од Шпанија и Португалија, а во XVIII век исто така се доселиле и Власи кои биле принудени да бегаат пред зулумот на Али-паша Јанински кој им го запалил големиот напреден град Москополе во 1778 г.
Ваквиот растеж на градот овозможил Битола, после Солун да стане најзначаен економски и културен центар на Македонија Османлиската власт, преку својот специфичен тимароспахиски систем на управа, со многу лоши даноци ги оптоварила селаните кои не можеле тоа да го поднесат и почнале да даваат разновиден отпор. Исто така се појавиле и многубројни разбојнички банди кои немилосрдно ги тероризирале жителите на битолските села. Поради тоа тие почнале да бегаат, да го напуштаат селото и да се доселуваат во градот. Со раселувањето на селаните во Битола, кое започнало во XVII век, ќе започне и ресловенизацијата на градот т.е. Битола ќе стане главно етнички македонски град. На местата од иселените постепено се населуваат Албанци. Покрај имотните Турци, Власи и Евреи се јавуваат и имотни Македонци кои имаат свои врски со Трст, Виена, Лајпциг, Цариград, како и со државите Србија, Романија, Бугарија и др. Овие трговци имаат свои магацини и складови во битолската чаршија и доминираат во неа. Во чаршијата се оформиле посебни пазари, каде што се продавал еден вид стока, како што биле: Пекмез-пазар, Ленски-пазар, Овчки-пазар, Дрвен-пазар, Ат-пазар, Маст-пазар и др. Слично било и со населбите во градот, наречени маала: Баир-маала, Бела-Чешма, Чифте-фурни, Арнаут-маале, Ѓупска-маала, Еврејска-маала, Јени-маале и др.
Од XVI век до 1912 година
[уреди | уреди извор]За пазарните денови во чаршијата се слушал, покрај македонскиот, и влашки, ладино (јазикот на Евреите), турски и др. јазици. Ретко ко ј не знаел два, па и три странски јазици. За овој период венецијанскиот пратеник Лоренцо Бернардо оставил прекрасни податоци за градот. Тој пишува: ...Монастерио е мошне населено место... Како што велат, има 1.500 куќи од кои 200 се еврејски... Тврдина нема ... има кадилак (седиште на судија и судски органи), изобилува со жито и тргува со волна, восок, кожи ... Изобилува со вода и со чешми ... Има безистен, убави џамии, карвансарај ...“.
Во овој период битолското граѓанство, за своите потреби, за секакви прилики, ја копирало западноевропската мода, во облеката, во контактите, во манирите, а воедно го копирало и надворешниот сјај преку архитектурата, внесувајќи во градот нов стил на живот- прозападен. Тогаш во Битола значајно се зголемува бројот на жителите. Така, од град со околу 8.000 жители во 1807 г., дојде до 46.000 жители во 1858 г., со што спаѓа во редот на развиените градови, не само во Македонија туку и на Балканот.
Од 1850-тите Битола како центар за европска Турција побуди интерес кај многу балкански и европски држави да отворат свои конзуларни претставништва и агенции. Тоа доведе Битола да прерасне во значаен воено-економски – политички и културен центар, да ги развие трговските врски со Европа и самата од ориентален град да поприми лик на европски град, во архитектурата, во начинот на живеењето, на однесувањето, облекувањето и сл. Тоа е период кога Битола ги доби епитетите „конзулски град“, „град на клавирите“ , „најопеан град“. Во ноември 1851 г. свој конзулат прва отворила Австрија, а потоа свои дипломати испратиле и Русија, Грција, Србија, Италија, Романија, Велика Британија, Франција, така што за деветте децении на конзулскиот период низ Битола поминале стотина конзули. Истовремено со активноста на конзулите во полза на нивните држави или на соседни државички, агресивни кон Македонија, самото нивно присуство во градот, нивните поединечни врски со битолчани, нивното облекување, манирите, етикецијата во контактите, познавањето на повеќе странски јазици, баловите и сл., кај граѓаните влијаеле импозантно, така што поимотните често го имитирале нивниот стил на живеење, кој се ширел и на останатите граѓани, особено на интелегенцијата. Битола изобилува со стара архитектура, која датира од периодот на романтизмот, неоренесансата и необарокот. Над дваесет монументални објекти се заштитени со закон, како што се: Безистенот, Исхак џамија, Гази Хајдар-кади џамија, Саат кулаат, Домот на АРМ, Католичката црква, Ректоратот, црквите „Св. Димитрија“, „Св. Недела“ и „Св. Богородица“, поранешната Отоманска банка, и сл. Со закон се заштитени и десетина поединечни комплекси, како Старата чаршија, Интифа, Големиот плоштад, Пафтали џамија, Чинар и сл. Во почетокот на XIX век (1835 година) Битола станува центар на Румелискиот вилает. Тоа е период кога за бројниот воено-административен апарат се градат воени и стопански објекти како црвената и белата касарна, военото училиште кое подоцна прераснува во воена академија. Тука се школува во 1898 година, познатиот турски државник, првиот турски претседател и татко на современа Турција, Кемал Ататурк.
За време на Илинденското востание Битолскиот револуционерен округ беше главно потприште на бурните настани на Илинденската епопеја. Во 1908 г. Битола е повторно главно упориште на револуционерните настани на Младотурската револуција.
Балкански војни и Прва светска војна
[уреди | уреди извор]Во текот на Балканските војни (1912 – 1913 г.) Битола била главно турско упориште. По поразот на Турците и нивното протерување, Македонија е поделена помеѓу Србија, Бугарија и Грција, што претставува најтрагичниот момент во историјата на македонскиот народ и за градот Битола кој се најде во составот на Српското кралство. За Битола и битолско и за нивниот општествено-економски развој, катастрофално значење ќе има вештачко поставената граница меѓу Србија и Грција. Ова предизвикало Битола да го загуби значењето на средиштен економски, културен и политички центар што, реално, за време на османлиското владеење, го имала. Влошувањето на меѓународната положба и избувнувањето на Првата светска војна придонело Бугарија како членка на Централните сили, да ја нападне Србија и да навлезе во Македонија, а потоа на 21.11.1915 г. бугарските војски влегле во Битола. Српските силе биле протерани, а бугарската окупација останала сè до есента 1916 г.
Есента 1916 г. сојузничките сили (Англија, Италија, Русија во координација со српските сили) навлегле во Битола, се изврши реокупација на градот. Војските на Антантата го зазедоа градот Битола, со околијата, војските на Централните сили, откако ја загубиле Битола беа принудени да се повлечат по западните и северните висови на Баба Планина – Пелистер. На овие терени и ден денес има остатоци од направени скривници, ровови, сместувалишта за офицерскиот кадар итн. Силите на Антантата ја освоиле Битола, Битола се најде помеѓу две непријателски војски. Тогаш Битола ги доживува најстрашните урнувања од жестоките бомбардирања, која ја претворија во урнатини со многу човечки жртви и страдања (документирани во филмските ленти на првиот снимател на Балканот, Милтон Манаки).
Македонија меѓу двете светски војни
[уреди | уреди извор]Поради страдањата што ги претрпел, градот Битола бил прогласен за Град херој. Ова признание му е доделено од маршалот Франш д’Епере на 15.09.1923 г. Битола во периодот помеѓу двете светски војни била во состав на Кралството Југославија. Народот повторно останал национално обесправен, економски грубо експлоатиран и подложен на асимилација и дискриминација.
Од Втората светска војна до денес
[уреди | уреди извор]По капитулацијата на југословенската војска во априлската војна (1941 г.) Битола се најде под фашистичка окупација. Српската окупација е заменета со германско-бугарската окупација. Само три дена по фашистичката окупација на Битола и Битолско, односно на својата седница од 11.04.1941 г., Месниот комитет на КПЈ за Битола, под раководство на Стеван Наумов-Стив, одлучил да започнат подготовките за националното ослободување. Во април 1942 г. паднале и првите жртви во оружената борба против фашистичките окупатори. Во март 1943 г., фашистичкиот окупатор депортира над 3.000 битолски Евреи во логорот на смртта Треблинка во Полска од каде ни еден не се вратил. На 04.11.1944 г. градот Битола е ослободен, битолчани тоа утро воодушевено ги пречекале своите ослободители – Седмата битолска бригада и Леринско-костурската бригада. По завршувањето на војната, беше основана Македонска држава за првпат во историјата, во склоп на Југославија. Во 1945 г. во Битола е отворена гимназија „Јоспи Броз – Тито“ каде за првпат се употребил македонскиот јазик.
Од 1991 г. по осамостојувањето на Македонија како независна и суверена држава, за Битола значеше почеток на нова етапа од нејзиниот развој. Градот го врати својот сјај, доби одлики на еден современ европски град, со многубројни конзуларни претставништва и стана регионален центар на поширокото подрачје во многу аспекти на општественото живеење.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Во развојот на битолската економија значаен фактор претставуваат природните услови кои придонесуваат за забрзан просперитет на Битола во наредниот период. Ваквите можности се темелат, пред се, на природниот фактор, и тоа, во прв ред на: земјоделството, шумарскиот потенцијал, минералното богатство и др.
Битолското поле го зафаќа најголемиот дел од Пелагониската Котлина, со вкупна обработлива површина од околу 70.000 ха. Од неа, најголем дел се ораници, потоа, градинарски површини, овоштарници, лозја и ливади. Со изградбата на хидросистемот Стрежево, создадени се дополнителни поволни услови за развој на земјоделството и за остварување на многу поголеми приноси. Шумското богатство, исто така, претставува солидна основа за подинамичен развој на севкупната економија на Општината Битола, околните планини Баба – Пелистер, Кајмакчалан и останатите шумски простори располагаат со големи шумски комплекси од огревно и индустриско дрво. Битола и пошироката околина се познати и со своето разновидно минерално богатство. Ова особено е однесува на големи количества од лигнит и други неметали. Врз основа на овие природни резерви, од 1983 г. работи најголемиот електростопански објект во Македонија, Рударско-енергетскиот комбинат РЕК-Битола. Во овој комбинат се вработени 2.500 лица кои годишно, одложуваат 30 милиони кубици јаловина, ископуваат 6 - 7 милиони тони лигнит, произведуваат 4.2 гигавати сати електрична енергија. Друг значаен крупен капацитет од пошироко општествено значење е хидромелиоративниот гигант Стрежево. ЈП „Стежево“ е основано во 1978 г. Изградбата траеше 4 г. и веќе во 1982 г. се отпочна со негова експлоатација. Денес ЈП „Стрежево“ има вкупно 220 вработени. Овој систем ги зафаќа сите води од реките Шемница и Драгор со своите притоки и водотеците од Баба Планина: Кишавска, Граешка, Остречка, Злокуќанска, Стара Река, Киндерка и истите се влеваат во акумулацијата. Браната е изградена на реката Шемница. Преку главниот доводен канал, се дистрибуира акумулираната вода. Стрежево служи за снабдување на Битола и другите населени места со вода за пиење, ги снабдува со индустриска вода одделните капацитети во Битола меѓу кои и РЕК Битола. Овој систем служи за наводнување на повеќе од 20200 хектари земја во Пелагонија. Покрај оваа активност, Стрежево се занимава со производство на електрична енергија во своите хидроцентрали, со одгледување на риби и печурки, со угостителски дејности и др. Системот Стрежево исто така служи за заштита од поплавување на дел од Пелагонија.
Како резултат на вака поволни природни можности, во последните децении почнаа да се валоризираат присутните суровински и ресурсни можност во областа на: металната, текстилната, прехранбената, тутунската, графичката индустрија, производството на млеко и млечни производи, алкохолни и безалкохолни пијалаци, шеќер, квасец, шпиритус и др. За битолската економија од посебно големо значење се следните деловни субјекти: ЗК Пелагонија, Фабриката за квасец и алкохол, Лозар Пелистерка, Жито – Битола, Млин Стојчев, ИМБ Млекара Битола, Пивара Битола, Фабриката за шеќер „4 Ноември“, Синпекс – Битола, „Идеал шипка“, „Цермат“, Соко Мак, АД Металец – Заштитно друштво, Заштитно друштво „Енигма“, „Киро Дандаро“, „Микена“, Лантана 2, ГП Пелистер и др. Од текстилната индустрија се истакнуваат Родон, Сат мода, Конигнтон, Мокел - ЕЕИИ, Каревски и др. (Во прилог е дадени списокот од некои позначајни стопански субјекти). Битолската економија игра значајна улога во економијата на Република Македонија. Од податоците кои постојат произлегува дека во државата суштествуваат следните видови на деловни субјекти: 67.026 претпријатија, 72.749 трговски друштва; 20.917 трговци поединци и 14.865 останати, или вкупно 175.557 субјекти. Со компарација на бројот на субјектите во стопанството во Битола и со таквите во државата, се доаѓа до показател дека Битола има 6,31 % од вкупниот број на овие субјекти во државата.
Локалната економија на Општината Битола се наоѓа во пост приватизациски циклус и ги следи трендовите на националната економија. Ваквите случувања резултира со непрофитабилност и ликвидирање на големите, поранешни општествени претпријатија или нивна приватизација и силен подем на новоформирани МСП во приватна сопственост кои стануваат основен двигател на локaлната економија. Според спроведеното истражување заклучно со 31.12.2005 г. во Евиденцијата на деловни субјекти што се водеше во Државен завод за статистика во општината се запишани вкупно 11.079 деловни субјекти, кои се подолу прикажани по видови и сектори:
Населби според етничко мнозинство
[уреди | уреди извор]Повеќето села од општината имаат апсолутно македонско мнозинство. Селата Кишава, Острец, Меџитлија, Лера, Жабени, Велушина и Доленци имаат албанско мнозинство. Села со апсолутно влашко мнозинство се Гопеш (сега веќ— напуштено село), Маловиште, и Нижополе. Во Трново и Магарево има значително влашко малцинство.
Демографија
[уреди | уреди извор]Година | Нас. | ±% |
---|---|---|
1948 | 63.280 | — |
1953 | 72.291 | +14.2% |
1961 | 80.696 | +11.6% |
1971 | 97.960 | +21.4% |
1981 | 113.449 | +15.8% |
1991 | 108.147 | −4.7% |
1994 | 96.584 | −10.7% |
2002 | 95.385 | −1.2% |
2021 | 85.164 | −10.7% |
Забелешка: Податоците се однесуваат на населените места во Општина Битола според административната поделба од 2004 година. Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија |
Врз основа на резултатите добиени од пописот во 2021 година, во општината живееле 85.164 жители, 30.154 домаќинства и 43.724 станови.[2]
Етничка припадност
[уреди | уреди извор]- Вкупно резидентно население во Општина Битола според изјаснувањето за етничката припадност
Етничка припадност | Вкупно | Удел (%) |
---|---|---|
Македонци | 69.182 | 81,23 |
Албанци | 4.018 | 4,72 |
Турци | 1.174 | 1,38 |
Роми | 2.890 | 3,39 |
Власи | 1.205 | 1,41 |
Срби | 359 | 0,42 |
Бошњаци | 49 | 0,06 |
останати | 750 | 0,88 |
не се изјасниле | 17 | 0,02 |
непознато | 15 | 0,02 |
лица без податоци† | 5.505 | 6,46 |
Вкупно | 85.164 | 100,00 |
Вероисповед
[уреди | уреди извор]- Вкупно резидентно население во Општина Битола според изјаснувањето за религиската припадност
Вероисповед | Вкупно |
православни | 57.143 |
муслимани | 8.232 |
католици | 193 |
христијани | 13.496 |
протестанти | 28 |
евангелисти | 8 |
евангелисти-методисти | 1 |
Јеховини сведоци | 36 |
останати | 66 |
евангелиски протестантски христијани | 357 |
агностици | 72 |
будисти | 27 |
лица без податоци† | 5.505 |
Вкупно | 85.164 |
Мајчин јазик
[уреди | уреди извор]- Вкупно резидентно население во Општина Битола според мајчиниот јазик
Јазик | Вкупно |
македонски | 73.093 |
албански | 4.032 |
турски | 920 |
ромски | 649 |
влашки | 330 |
српски | 211 |
бошњачки | 34 |
останати | 383 |
знаковен јазик | 0 |
непознато | 7 |
лица без податоци† | 5.505 |
Вкупно | 85.164 |
† Овие лица учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање (бојкотирање) не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик. Кампањата за бојкот на пописот во 2021 година била најмногу водена кај Македонците, поради што најмногу лица за кои нема податоци се токму етничките Македонци.
Според податоците од последниот попис на територијата на Општина Битола во 2021 година, селата го има следниот состав на население.
Села по помалку од 100 жители :
[уреди | уреди извор]- Гопеш (1)
- Ѓавато (3)
- Древеник (3)
- Орехово (9)
- Драгош (10)
- Рамна (22)
- Ново Змирново (23)
- Кажани (31)
- Црновец (31)
- Српци (45)
- Маловиште (50)
- Секирани (74)
- Магарево (81)
- Драгарино (84)
- Трн (87)
- Ротино (93)
Села со население од 100 до 1000 жители :
[уреди | уреди извор]- Кременица (100)
- Канино (104)
- Лера (110)
- Драгожани (117)
- Нижеполе (125)
- Породин (139)
- Жабени (144)
- Барешани (146)
- Олевени (146)
- Меџитлија (156)
- Острец (161)
- Лисолај (163)
- Велушина (165)
- Братин Дол (168)
- Кишава (185)
- Брусник (190)
- Поешево (196)
- Граешница (202)
- Лопатица (212)
- Дихово (213)
- Средно Егри (219)
- Лажец (228)
- Доленци (236)
- Крстоар (239)
- Оптичари (242)
- Трново (263)
- Црнобуки (264)
- Карамани (290)
- Лавци (291)
- Цапари (307)
- Крклино (564)
- Раштани (550)
- Логоварди (577)
- Бистрица (734)
- Кукуречани (784)
- Кравари (819)
Села со над 1000 жители :
[уреди | уреди извор]- Буково (1 125)
- Долно Оризари (1 734)
Иселени села
[уреди | уреди извор]Историски села
[уреди | уреди извор]Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Градоначалник на општина Битола е Тони Коњановски од редовите на ВМРО ДПМНЕ. Тој е избран на локалните избори од 2021 година за мандат од четири години.[3] Советот на општина Битола е составен од 31 член. Според последните локални избори од 2021 година, членовите на советот според политичката припадност за мандатот 2021-2025 се:
Клима
[уреди | уреди извор]Од климатски поглед, за градот би подвлекле повеќе одлики. Во Битола, официјално, главната метеоролошка станица започнува со работа од 16.3.1945 г. иако за одредени метеоролошки елементи, има систематски податоци од 1926/27г. Метеоролошката станица во градот се наоѓа на надморска височина од 586 м. Според, метеоролошките податоците, градот има средна годишна температура на воздухот од 11,1°С, но со големи отстапувања во одредени години од 10,1°С во 1975 година до 13,1°С во 1952 г. Најстуден месец е јануари, со просечна месечнатемпература од 0,6°С, но со апсолутна минимална температура од -30,4°С. Најтопол месец е јули, со средна месечна температура од 22.2°С и со апсолутно максимална температура од 41,2°С. Апслолутното годишно варирање на температурата во воздухот изнесува 71,6°С што е специфика на подрачјата со континентална клима. Пролетните и есенските месеци се со пријатни температури на воздухот, но истите можат да добијат специфики и на продолжена зима или на продолжено лето. Според тоа, во Битола, климата, во основа, е со умереноконтинентален карактер, со нагласена континентална компонента, со динамична и со нестабилна клима на суво многу топло лето и на зимски период поделен на пократок, сув и студен. Поинаку кажано, температурата има специфика на континентална клима, а врнежите, на сушна изменето-средоземна или степска клима која, на моменти, има пробиви и на жешки воздушни маси од Северна Африка – Сахара. Просечното годишно количество на врнежи изнесува 601 мм. Со вредности кои се движат од 338 мм до 879 мм, што претставува разлика која е близу до просечното количество. Битола исто така е пример со појавата на поларна светлина. Преку Битола поминува изохазмата (линија која поврзува места со еднаков број на денови со појава на поларна светлост) 0,1, што значи дека на небото на Битола просечно само еднаш во 10 години, се појавува поларната светлост.
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]Шуми
[уреди | уреди извор]Релативно поволните природни услови овозможиле и подрачјето на Битола, Битолско и пошироко во далечното минато да има големо богатство во шумски фонд.
Најголемите и најквалитетните шумски комплекси во битолската општина се протегаат во подрачјето на планинскиот врв Кајмакчалан на Ниџе Планина и врвот Пелистер со Баба Планина, како и делови до Бигла Планина. Најзастапени видови на дрва се: белиот бор, црниот бор, моликата, буката, дабот, елата и јасиката. Реонот на Кајмакчалан зафаќа површина од 14.800 ха со резерват на квалитетни шуми (црн бор, бор, ела, бука и др.) Реонот на Баба Планина со врвот Пелистер, со исклучок на регионот на Националниот парк „Пелистер“ (прв национален парк во Р Македонија, прогласен во 1948 година) зафаќа површина од 10.400 ха (од кои борот – молика автохтониот ендемски петтоиглен бор Pinus peuce откриен од германскиот ботаничар Август Гризебах 1839, во т.н. строго заштитена зона зафаќа еден комплекс од 1.600 ха). По источните падини на Баба Планина има исклучително нискостеблести шуми и тоа даб 8.180 ха, бука 2.067 ха и други видови шуми 840 ха или вкупно 11.087 хектари. Во растителноста на “Пелистер“ има специфично ботаничко значење. Тука растат 88 видови дрвенести растенија, класифицирани во 23 фамилии. Планинската растителност на “Пелистер“ се расчленува на: 19 заедници, 11 сојузи, и 7 редови. Од областа на дивата фауна на “Пелистер“ живеат 62 видови животни, меѓу кои се издвојуваат еленот, срната, дивокозата, дивата свиња, мечката, рисот, зајакот, волкот, еребица и камењарката.
Од рибите, значајно е да се истакне присуство на Salmo trutta peristericus и пелагониската поточна пастрмка Salmo trutta pelagonicus.
Вода
[уреди | уреди извор]Хидрографските прилики на Битола и нејзината непосредна околина се условени и детерминирани од геолошките, геоморфолошките и климатските одлики. Низ Битола тече реката Драгор во должина од 4,5 км. Драгор настанува од повеќе мали реки и тоа од Диховскиот Драгор (во должина од 12 км. чии изворишен дел го чинат повеќе водотеци што извираат од падините на Пелистер и тоа: Сапунчица, Лак поток, Црвена река и Клисурица) и Братиндолскиот Драгор или Бороица. Вкупната должина на реката Драгор изнесува 25,123 км со обем на вододелниците од 67 км, слив од 188 км2 и среден пад од 17,0 ‰ .Количеството на вода во реката зависи исклучиво од врнежите и подземните води на Баба и Пелистер. Просечниот протек на р.Драгор низ градот од ноември до јуни изнесува 2 – 3 м3/сек.
Статичкото ниво на подземните води во различни подрачја од градот е различна и се движи о д 0 , 5 0 м па сè до 6,50 м. Од бројните бунари во градот поради урбанистичката изградба нивниот број е речиси преполовен и во повеќето од нив водата е загадена од отпадни води. На 22 км од Битола се наоѓа вештачкото акумулационо езеро “Стрежево“ кое е значаен хидрографски објект за Битола и битолско. Ова езеро зафаќа волумен од 112.000.000 м3 вода, длабочина кај браната од 72 метри, површина од околу 7 км2, просечна ширина од околу 1 км и должина од 7 км. Други хидрографски објекти се базенот “Довлеџик“ кој е компензационен базен со должина од 170 м., ширина 60 м., волумен 13.600 м3 вода, длабочина околу 3 м и капацитет од 2 – 3.000 капачи, и “Олимписки базаен“ со димензии 50 х 25м. , како и по еден детски базен на двете места. Во жешките летни денови двата хидрографски објекти се користат за капење и рекреација. На врвот на планината Баба – Пелистер се наоѓаат две леднички езера, повеќе познати како “Пелистерски очи“ – Големото и Малото езеро.
Почва
[уреди | уреди извор]Основен тип на генетско земјиште во Пелагонија се смолниците. Смолниците се хидрогени и настанале на езерската тиња по истекувањето на некогашното Пелагониско езеро. Количеството на хумусот се движи од 2 до 4,5%. Овие почви се искористуваат за житни индустриски и градинарски култури. Наслагите од алувијални почви се движат од десеттина сантиметри до неколку метри. Хумус содржат 0,42 – 3,62 %. На алувијалните почви е концентрирано производство на градинарски и индустриски култури. Делувијалните почви се наоѓаат на периферијата на градот. Тоа се млади почвени типови со мал процент на хумус 1-2 % на кои им е потребно ѓубрење. Црвениците се раширени по периферијата и тоа најповеќе спрема селата Брусник, Лавци, Буково, Крстоар, помалку према Дихово и Братиндол. Содржината на хумусот се движи од 1,18-3,96 % и се одликуваат со помала плодност.
Енергетски извори
[уреди | уреди извор]Во Пелагониската Котлина, особено во битолското подрачје се откриени слоеви на јаглен – лигнит и тоа главно во атарите на селата: Суводол, Гнеотино, Живојно, Биљаник, Врањевци, Паралово и Агларци. По ослободувањето до 1951 г. вршена е експлоатација на лигнит кај село Живојно. Од 1973 г. започна експлоатацијата на лежиштето кај Суводол каде е изграден рудник со површински коп. Рудникот „Суводол“ се наоѓа во подножјето на Селечка Планина на околу 12 км. источно од Битола. Вкупните резерви на лигнит се проценети на околу 200.000.000 тони со можност за зголемување на резервите. Во близина на овој рудник постојат наоѓалишта на јаглен во уште два наоѓалишта и тоа: Гнеотино и Живојно. Наоѓалиштето “Гнеотино“ е со вкупно рудни резерви од 120.000.000 тони, а наоѓалиштето “Живојно“ околу 100.000.000 тони. Како заклучок може да се констатира дека во јужниот пелагониски басен има вкупно резерви на јаглен од околу 420.000.000 тони, што дава можност за производство на ел. енергија во термоелектраната Битола I, II и III, со потрошувачка од 6 милиони тони годишно. Така би можеле да работат околу 50 – 60 години.
Културни настани
[уреди | уреди извор]- Меѓународна детска ликовна колонија „Мал битолски монмартр“
- Меѓународен филмски фестивал „Браќа Манаки“
- Фестивал на фолклорни игри и песни „Илинденски денови“
- Фестивал на класична музика „Интерфест“
- Бит Фест
- Битолско културно лето
- Глумец на годината
- Битолско графичко триенале
- 10 јуни - Ден на Културата
- Ликовна изложба „50 години вдист“
- Битолска опера
- Фестивал на серенада „Серенада на Широк Сокак“
- Младински фестивал „Битола отворен град“
- Меѓународен фестивал на монодрама
- Интернационален фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“
Личности
[уреди | уреди извор]- Атанас Лозанчев (1870-1945) - револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член, раководител и војвода на МРО
- Ѓорѓи Сугарев (1876-1906) - револуционер, член и војвода на Битолскиот револуционерен округ на МРО
- Рајна Алексова (1882-1959) - прва жена фармацевт во Македонија
- Стефан Наумов - Стив (1920-1942) - комунист, учесник во НОВ, народен херој
- Димитар Николовски – Таки Даскало (1921 - 1942), учесник во НОВ
- Естреја Овадија - Мара (1923-1944) - учесничка во НОВ, народен херој
- Јонче Христовски (1931-2000) - пејач, текстописец и композитор
- Петар Ангеловски (1931 - 2003) - македонски сценограф
- Славе Димитров (1 јуни 1946) - македонски композитор, пејач, аранжер и музички продуцент
- Кире Костов (1949) - македонски композитор, инструменталист и диригент
- Димитар Илиевски - Мурато (1953-1989) - алпинист, прв Македонец кој се искачил на Монт Еверест
- Оливера Наковска - Бикова (1974-) - спортистка во стрелаштво, добитник на златен медал на Параолимписките игри 2012
- Каролина Гочева (1980-) - поп пејачка
- Митко Апостоловски (7 март 1955 - 5 август 2022) - македонски глумец
- Ѓорѓи Христов (1976) - македонски фудбалер
- Илко Стефановски (1952 - 2011) - македонски театарски и филмски глумец
- Игор Дурловски 1977, Битола - македонски оперски пејач
Спорт
[уреди | уреди извор]Во Битола опстојува фудбалскиот клуб Пелистер.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Извори
[уреди | уреди извор]- ↑ „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 - прв сет на податоци“. Државен завод за статистика на Македонија. Посетено на 30 март 2022.
- ↑ Грешка во наводот: Погрешна ознака
<ref>
; нема зададено текст за наводите по имеДЗС
. - ↑ „Мандати за градоначалници и совет во РМ – Локални избори 2017“. Државна изборна комисија на Македонија. Посетено на 18 октомври 2017.
Наводи
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Општина Битола“ на Ризницата ? |
- Општина Битола
- „Профил на Општина Битола“
- Општина Битола во „АБВ - деловен именик“ Архивирано на 6 март 2016 г.
- Официјален туристички портал на Битола
|
|