Револвераш (филм од 1950)
Револвераш (англиски: The Gunfighter) — американски филм од 1950 година, во режија на Хенри Кинг. Главните улоги ги играат: Грегори Пек, Хелен Весткот, Милард Мичел, Џин Паркер, Ентони Рос и Скип Хомејер.[1] Филмот бил номиниран за „Оскар“ во категоријата „најдобро сценарио“.[2]
Содржина
[уреди | уреди извор]Џими Ринго (го игра Пек) е познат како најбрзиот револвераш поради што постојано е на мета на бројни злосторници, кои настојуваат да се прослават со тоа што ќе го убијат. Кога каубојот Еди го предизвикува на двобој, Џими е принуден да го убие, а потоа браќата на убиениот тргнуваат во потера по него. Џими пристигнува во малиот град Кајен, а барменот веднаш го повикува шерифот Марк Стрет (го игра Мичел), кој му наредува да го напушти градот. Всушност, Марк му е пријател на Џими, зашто во минатото бил дел од неговата банда. Џими се согласува да си замине, но прво сака да ги види сопругата Пеги (ја игра Весткот) и синот за кои знае дека живеат во градот. Сопругата работи како учителка под друго име, а синот веќе има повеќе од осум години при што Џими никогаш го нема видено. Шерифот ја известува Пеги за доаѓањето на Џими, но таа одбива да го види. Во меѓувреме, веста за присуството на Џими брзо се проширува низ градот и сите мажи и деца се собираат пред барот со намера да го видат легендарниот револвераш. Во мигот кога се подготвува да си замине, Џими ја среќава Моли (ја игра Паркер), сопругата на својот пријател и таа му ветува дека ќе ја убеди Пеги да се сретне со него. Додека Џими ја чека сопругата, во барот влегува младиот револвераш Хант Бромли (го игра Хомејер), кој го предизвикува на двобој, но Џими лесно се ослободува од него. Истовремено, Џими мора да смири еден постар човек, кој сака да го убие Џими, мислејќи дека го убил син му. Најпосле, во барот доаѓа Пеги и Џими ја убедува да му се придружи, зашто сака да ја заврши револверашката кариера и да купи ранч на којшто ќе живее мирен семеен живот. Пеги ја одбива понудата, а Џими иам средба и со својот син. Во меѓувреме, во градот пристигаат браќата на Еди, но нив ги разоружуваат шерифот и неговиот заменик (го игра Рос). Во мигот кога Џими го напушта градот, него го убива Хант. Непосредно пред да умре, Џими му кажува на Хант дека го чека несигурна иднина, зашто многу луѓе ќе сакаат да го убијат, а потоа шерифот го протерува од градот. На погребот на Џими се собира целиот град и тогаш луѓето дознаваат дека Пеги е неговата сопруга.