Прејди на содржината

Долно Количани

Координати: 41°53′11″N 21°29′8″E / 41.88639° СГШ; 21.48556° ИГД / 41.88639; 21.48556
Од Википедија — слободната енциклопедија
Долно Количани

Поглед на селото Долно Количани од месноста Марково Крувче на Водно

Долно Количани во рамките на Македонија
Долно Количани
Местоположба на Долно Количани во Македонија
Долно Количани на карта

Карта

Координати 41°53′11″N 21°29′8″E / 41.88639° СГШ; 21.48556° ИГД / 41.88639; 21.48556
Општина  Студеничани
Население 1.831 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 25037
Надм. вис. 530-570 м
Долно Количани на општинската карта

Атарот на Долно Количани во рамките на општината
Долно Количани на Ризницата

Долно Количани — село во Општина Студеничани, во областа Каршијак, во околината на градот Скопје.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]

Селото Долно Количани се наоѓа во подножјето на планината Китка (дел од масивот Мокра Планина), во областа Торбешија, јужно од градот Скопје на оддалеченост од 18 километри[2]. Долно Количани е ридско село на надморска височина од 530 до 570 метри во средното сливно подрачје на Маркова Река[2]. Селото е од збиен тип и се дели на 4 маала, кои носат имиња според најстарите доселени родови[3]. Поради поволната местоположба и добрата сообраќајна поврзаност со асфалтен пат со Драчево, Долно Количани претставува своевиден центар за повеќе соседни поблиски и подалечни села во подгорието на планината Китка.

Поглед на селото Долно Количани од падините на Китка

Центарот на селото се вика "Јурија" потеклото на зборот е од Турски јазик што би значело "Прошетка".

Историја

[уреди | уреди извор]

Од старини на атарот на селото Долно Количани се забележани во месностите Градиште и Црквиште, за кое место селаните од Усје имале предание дека постоеле ѕидови од православен црковен храм[3]. Во минатото селото Долно Количани најпрвин било македонско христијанско село, за што сведочат и некои преостанати имиња на потези околу селото како што се Андовец, Драга, Петровец, Петровечка Орница, Црквиште[3]. Во почетокот на XIX век, во селото и околината почнале да се доселуваат Македонци од муслиманска вероисповед од Реканската област по сливот на реката Радика во Западна Македонија, при што последните 2 православни христијански македонски семејства од ова село се иселиле околу 1900 година[3], со што селото до денес е целосно населено со македонско муслиманско население. Први македонски муслимански родови кои се доселиле биле Суљовци, Ќулумовци, Реџовци и Алиовци[3]. Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен во „Цариградски весник“ на 1 мај 1855 година за Количани запишал дека е доброплодно село со многу вредни и трудољубиви селани кои имаат разрушена црква[4].

Во XIX век, селото е дел од нахијата Каршијак во Скопската каза во Отоманското Царство.

За селото Долно Количани податоци наведува и македонскиот револуционер Ѓорче Петров кој во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година запишал дека имало 80 куќи е сместено на едно рамно и одделно место, однадвор има изглед на гратче[5]. Тоа било најголемото, најбогатото и најубавото македонско муслиманско (торбешко) село чии улици се уредени и послани со калдрма, а имало доста многу куќи на два ката[5]. Понатаму во своите записи Ѓорче Петров вели дека Количани е најстарото торбешко село во тој дел на Каршијак, но сепак и за него е познато, дека едно време било христијанско село при што еден количанец во потврда на тоа му раскажувал дека еден старец Македонец од едно од блиските полски села го распрашувал за старите му роднини и родители и потоа му раскажал некои случки од нивниот живот и на прашањето, од каде ги познава, тој одговорил дек со нив бил близок пријател од детството кога и тој живеел во Количани[5]. Остатоци од стара црква во Количани имало во тоа време, а Македонците од блиските полски села веруваале дека на местото на Количани било Лисиче: на местото на Горно Количани – Горно Лисиче, а на местото на Долно Количани – Долно Лисиче[5]. Како дополнителни историски податоци за Долно Количани, Ѓорче Петров наведува дека жител на селото му раскажувал дека жителите на Долно Количани се преселиле од Жировница (Реканско) и дека имињата на 3 маала во Долно Количани се среќаваат и во Жировница[5]. Истиот човек му кажал дека по кажувањата на неговиот чичко во време на недовото детство пред околу 100 години (крајот на XVIII век) селото имало само 4 македонски муслимански куќи[5] Во описите и проучувањето на областа Каршијак, тој ги наведува двете Количани како едни од убавите скопски села[6]. Исто така селаните родени пред втората светска војна говореле и пишувале Турски јазик и како разкажуваат дека нивните баби и дедовци зборувале на Турски јазик. Што може да се потврди тоа на над гробните плочи во селските гробишта, што имаат натписи на старо турскиот (старо отомански) јазик. Според некои стари селани, кога Бугарските фашисти дошле во селото во време на втората светска војна,и им било забрането да зборуваат на Турски јазик и го затвориле селскиот мектеб за изучување на Куранот, што после тоа децата потајно проучувале ислам кај еден од постарите оџи во селото.

Значење и потекло на името

[уреди | уреди извор]

За потеклото на името на селото П. Скок запишал дека тоа најверојатно потекнува од личното име Николица, присутно во овие краишта во XIII и XIV век, а со оглед на тоа дека во Долно Количани постои предел наречен Кулица до пределот Градиште, овој автор претпоставил дека најверојато тоа е остаток од кула или тврдина на некој Николица[7]. Сепак поради густите шуми кои се наоѓаат во близина на ова село, може да се претпостави и дека во овие села во далечното минато се изработувале запрежни коли од дрво, па од таму потекнува и името на овие села Горно и Долно Количани. Но исто така селаните веруваат дека потеклото на името доаѓа од двата Турски зборови "Kol Açan" што во превод би значело "Отворање Раце", што според селаните кога дошле Отоманите во селото селаните им отвориле рацете и ги пречекале со радост.

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Селата Горно и Долно Количани

Главни економски занимања на селаните од Долно Количани е земјоделството и во многу мала мера сточарството. Македонскиот револуционер Ѓорче Петров запишал дека главната дејност на количанци претставувало тутунарството[5], што во денешно време е редок случај. Во денешно време селата Долно и Горно Количани, заедно со Морани, Студеничани и Орешани се единствените села во скопско кои одгледуваат и произведуваат тутун. Количанскиот тутун бил прв во скопско и можел да се рамни со некои од прочуените тутуни кај нас, а двете села Количани кон крајот на XIX век произведувале околу 100 товари тутун годишно[5]. Количанци како не се занимавале со сточарство зашто немале пасишта горе во планините.[5]. Од земјоделството покрај тутунот најзастапени се одгледувањето на житни растенија, градинарски култури (за сопствени потреби), бостан во нискиот дел под селото, како и овоштарство и одгледување шумски овошја и плодови како јагоди, цреши, сливи, малини, капини кои се продаваат на скопските пазари. Поради не многу поволните планински услови во мали размери е развиено и сточарството, односно одгледувањето на кози и крави и сосема малку овци. Во високиот шумски предел над селото е развиено и шумарството и сечата на дрво за огрев. Но во денешните времиња селаните ги имаат запоставено земјоделските работи и земјоделството е во многу мала мера работено.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948823—    
1953827+0.5%
1961818−1.1%
19711.036+26.7%
19811.276+23.2%
ГодинаНас.±%
19911.379+8.1%
19941.395+1.2%
20021.510+8.2%
20211.831+21.3%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било муслиманско, со 60 муслимански домаќинствa. На овој попис биле забележани 138 мажи муслимани, со 15 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 306 жители.[8]

Стефан Верковиќ во 1857 година го забележува со 600 жители.[9]

Според статистиката на Васил К'нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Долно Количани живееле 720 жители, сите Македонци[10] муслимани.

После Втората балканска војна, 1913 г. селото влегува во границите на Србија, како дел од општина Горно Количани и има 848 жители.[11]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 700 Македонци.[12]

Според пописот од 2002 година во селото Долно Количани, живееле 1.510 жители од кои: 1 Македонец, 1 Албанец, 1.507 Турци и 1 останат[13]

Населението во селото се Македонци-муслимани, но поради политичко-религиски причини се изјасниле како Турци.

Во денешно време има приближно 320 домаќинства и околу 1700 - 1800 жители, некои од селаните се иселуваат во други земји како Турција, Германија но и во Град Скопје.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1.831 жител, од кои 12 Албанци, 1.739 Турци, 11 Бошњаци, 25 останати и 44 лица без податоци.[14]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 720 823 827 818 1.036 1.276 1.379 1.395 1.510 1.831
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]

Долно Количани е торбешко (македонско-муслиманско) село.

Според истражувањата од 1950 година, родови во селото:

  • Доселеници: Суљовци (8 к.) доселени се од долнореканското (мијачко) село Видуше. Тие се помеѓу најстарите доселеници, овде живеат од првата половина на 19 век. Го знаат следното родословие:  Беќир (жив на 60 год. во 1950 година) Ејуп-Абдула-Суљо, кој го основал родот и се доселил; Ќулумовци (7 к.) и Реџовци (7 к.) доселени исто така од селото Видуше. Родот Ќулумовци во Видуше има истоимени роднини. Доселени кога и родот Суљовци; Алиовци (8 к.), Левичовци (9 к.), Јусуфовци (9 к.), Маљовци (8 к.), Амушовци (7 к.), Беадиновци (6 к.), Демовци (6 к.), Алиловци (6 к.), Грџевци (6 к.), Ајвазовци (5 к.), Иповци (5 к.), Башевци (4 к.), Анговци (4 к.), Адиљовци (4 к.), Меметовци (3 к.), Ајдаровци (3 к.), Муслиовци (3 к.), Љутвиовци (3 к.) и Јашаровци (1 к.) доселени се од Долна Река; Оџевци (6 к.) доселени се од долнореканското (мијачко) село Жировница; Читаковци (2 к.) доселени се од некое село во Овче Поле. Нивното потекло е турско; Реџеповци (1 к.) доселени се од селото Пагаруша. Таму им се роднини, Јуцовци или Селмановци. Подалечно потекло од селото Жировница.[7].

Општествени установи

[уреди | уреди извор]

Во селото Долно Количани работи основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ и се одржува настава на Турски јазик. Во селото има и мала амбулантна установа, и на сред село една џамија.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

До 1950 година од селото целосно се иселил родот Мемедоски, тие се населиле во селото Батинци. Подалечно потекло од Долна Река. Таировци исто така се иселиле во селото Батинци. И нивното потекло било од Долна Река. Маљовци се населиле во населбата Бутел. Љутвиови се населиле во селото Идризово. Од родовите во селото имало иселеници од родот Суљовци, 12 семејства се иселиле во Батинци. Од родот Ќулумовци се иселиле 8 семејства, во Скопје (4 семејства) и во Турција (4 семејства). Од Реџовци се иселиле во Батинци и во Љубош по едно семејство.[3]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.106
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 164
  4. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр.81
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 5,8 Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.485
  6. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.480
  7. 7,0 7,1 Трифуноски Ф. Јован. „Слив Маркове Реке - антропогеографска проматрања“. Филозофски факултет, Скопје, 1958. стр. 165
  8. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на муслиманското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2020.
  9. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  10. Македонците биле забележани како Бугари.
  11. Речник на местата во ослободената област Стара Србија по службени податоци. Белград: Мил. Ант. Вујиќ. 1914.
  12. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.[мртва врска]
  13. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Архивирано од изворникот на 2012-03-24. Посетено на 3 јуни 2013.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  14. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  15. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  16. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  17. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  18. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]