Михаил Апостолов
- Оваа статија е за деецот на ВМОРО. За народниот херој и академик видете Михајло Апостолски.
Михаил Апостолов - Попето | ||
Роден | 1871 Горна Дикања, денес Бугарија | |
---|---|---|
Починал | 21 март 1902 Гаваљанци, Егејска Македонија (ден. Грција) |
Михаил Апостолов Рајнов, нарекуван Попето, бил Македонски[1][2] подофицер во бугарската армија, учесник во македонското револуционерно движење, член, војвода и прв инструктор на четнички институт на Македонската револуционерна организација.[3]
Животопис
[уреди | уреди извор]Рани години
[уреди | уреди извор]Михаил Апостолов е роден во село Горна Дикања, Радомирско во 1871 година. Израснал во многу сиромашно семејство. Мајка му умрела и татко му го пратил во Софија за да учи. Служел воена служба во кавалеријата – 1-ви коњички полк, и стигнал до чинот подофицер. Ја напуштил армијата и станал стражар во коњичката полиција во Софија. Во 1895 година, кога Македонскиот комитет во Софија го организирал Мелничкото востание, четничката акција во Македонија, тој ја напуштил стражарската служба и тргнал со четата на поручник Петар Начев. По четничката акција се вратил во Софија. Се сретнал со Гоце Делчев, кој во тоа време ги организирал првите чети на Внатрешната организација, кои требало да влегуваат во Македонија. Гоце Делчев решил да привлече бугарски офицери во Внатрешната организација, за да го издигне нејзиниот авторитет пред населението, и за да ги подобри бојните способности на четниците. Михаил Апостолов – Попето и Марко Лерински, а малку потоа и Христо Чернопеев и Атанас Бабата се првите бугарски подофицери во Македонската револуционерна организација.
Години во македонското револуционерно движење
[уреди | уреди извор]Инструктор на четничкиот институт
[уреди | уреди извор]Михаил Апостолов станува првиот војвода на агитационо-организаторска чета. Во неговата седумгодишна дејност, во неговата чета како негови ученици минуваат редица дејци на Организацијата како: Михаил Герџиков, Никола Дечев, Петар Јуруков, Делчо Коцев, Петар Самарџиев, Никола Жеков, Атанас Бабата, Андон Ќосето (помошник-војвода на четата), Крстјо Б’лгаријата, Гоне Бегенин, Трајко Јотов, Иван Варналијата, Иван Наумов Алјабака и други. Во четата за 3-4 месеци бил и Христо Чернопеев, кој подоцна предводи сопствена чета [4].
Војвода
[уреди | уреди извор]За првпат како војвода на ВМОРО влегува во Македонија во 1897 година, а неговата чета е од 7 души. Сите се од слободните делови на Бугарија и имаат воена подготовка: Васил Иванов Чочов – постар подофицер од 1-виот пешадиски полк, Александар Маринов од Пловдив – ученик од унтерофицерското училиште, Филип Григоров, ученик од истото училиште, Николај Петров, унтерофицер и други. Четата како реон на дејствување го има Малешевско, но дејствува и во Кочанско, Радовишко и Струмичко.
Обиколки низ Македонија
[уреди | уреди извор]На 20 јули 1897 година, заедно со четата на Гоце Делчев убиваат четири черкези во село Бујковци. На 14 септември 1897 година Михаил Попето го одвлекува богатиот турчин Назлам бег од Струмица. Во 1898 година четата на Попето, веќе од 13 души, ги обиколува Серско и Кукушко. Во 1899 година Михаил Попето ги обиколува Воденско и Ениџевардарско. Четник кај Попето бил и Михаил Чаков – учител, кој од 1901 до 1908 предводи различни чети во Македонија [5]. Во февруари 1900 година преминува низ село Оризарци, Гевгелиско, а неговата чета во тоа време брои 15-20 луѓе; подоцна во летото се префрла во Кукушко. Води борби со турски вооружени сили до село Д’мбово, во Кожув планина и на други места. Во истата година како апостол, продолжува да ја обиколува Македонија, овој пат во Тиквешко.[4]. На пат од Кукушко кон Петричко на 21 март 1902 година четата на Михаил Апостолов е фатена од силна турска потера и влегува во борба со неа меѓу селата Чугунци и Гавалјанци, Кукушко, во која војводата Михаил Попето загинува. Погребан е во дворот на црквата во Гавалјанци.
За него
[уреди | уреди извор]„ | Од тој простодушен апостол истекуваше чист идеализам, себепорекнување, смел организаторски дух, човекољубие и сеотдајност. Седум години непрестајно тој беше на својата позиција, гол, бос и испокинат, гладен и жеден, беше како стражар на својата позиција[6] | “ |
„ | Попето е најголемиот по значење ученик на Делчев. Тој е првиот војвода на агитационо-организаторска чета. Мих. Апостолов Попето е шоп од Софиско [7] | “ |
„ | Во Тиквешко се случи еднаш веќе трети ден ништо не бевме јаделе и бевме многу изморени. Фативме еден овчар и го пративме за леб; сите бевме папсани. Едни спиеја, а Попето се крпеше. Јас седнав до него и бев зел малку очајна поза. Тој никого не го оставаше да очајува, тој пееше песни, се искачуваше по дрвата, правеше шеги, не развеселуваше, воопшто не даваше да очајуваме. Јас се бев замислил. Тој ме погледна и ме праша: “А бе, адаш, што си се замислил?” Јас му се оплакав, дека помеѓу тој народ, за кој сме решиле да го дадеме и животот, има и такви кои се подготвени да не предадат и сл. Попето одговори: “Знаеш ли, јас не сум тргнат за тие луѓе, што ќе не предадат, а за тие луѓе во народот, кои чувствуваат и мислат како нас. И ако ги сретнавме тие луѓе, сигурно тие ќе ни дадеа леб.” Тој одговори ми направи впечаток и јас се убедив, дека Попето свесно се предал на револуционерна работа, а не како некои други војводи, кои така што се каже, по инерција беа повлечени по заедничкото течение. Попето бил кавалерист, знаеше да стрела со левата рака, сетне бил стражар во Софија, во Стамболово време, го праќале да го слуша во клубот на социјалистите и тој таму дознал, дека тие луѓе не зборуваат глупости [8] | “ |
Извори
[уреди | уреди извор]- Енциклопедија Бугарија, том 1, Издание на БАН, Софија, 1978
- Љубомир Милетич, “Спомени на Христо Чернопеев, Движението од оваа страна на Вардарот и борбата со * врховистите”
- За Михаил Апостолов - Попето Архивирано на 11 октомври 2008 г.
- Илустрација Илинден, година VII, број 6
- Македонија во пламени, ИК Синева Софија, 2003
Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ Известия на Института за история. (1960). Изд. на БАН с. 330
- ↑ Panaĭotov, L., Khristov, K. A. (1978). Гоце Делчев: спомени, документи, материали. Наука и изкуство. с. 76
- ↑ Енциклопедија ВМРО, Скопје 2015, стр. 12
- ↑ 4,0 4,1 П. Чолов, Бугарските вооружени чети и одреди во XIX век, Софија, 2003, Академско издателство “Марин Дринов”, ISBN 954-430-922-5, стр. 343
- ↑ П. Чолов, Бугарските вооружени чети и одреди во 19 век, Софија, 2003, Академско издателство “Марин Дринов”, ISBN 954-430-922-5, стр. 339
- ↑ Стефан Аврамов, Херојски времиња.
- ↑ Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том I, издание на Илинденската Организација, Софија, 1933, стр. 99
- ↑ Михаил Герџиков, Спомени, документи, материјали, Софија, 1984, стр. 25
|