Патка лажичарка
Патка лажичарка | |
---|---|
Мажјак | |
Женка | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордати |
Класа: | Птици |
Ред: | Гусковидни |
Семејство: | Anatidae |
Род: | Anas |
Вид: | A. clypeata |
Научен назив | |
Anas clypeata (Линеј, 1758) | |
Распространетост во Европа: светлозелено - лето |
Патка лажичарка (Anas clypeata) ― честа и широко распространета патка. Се размножува во северните области на Европа и Азија и низ поголем дел од Северна Америка, презимува во јужна Европа, Африка, Индискиот Потконтинент, југоисточна Азија и средна и северна Јужна Америка. Честа е и во Македонија.
Физички опис
[уреди | уреди извор]Патката лажичарка е птица со средна големина, со тежина меѓу 410 и 1100 g. Телото е долго 43–50 cm, а распонот на крилјата е 80 cm. Карактеристична особина е големиот и широк клун по кој и го добила своето име.
Во периодот на размножување, мажјакот има иридесцентна темнозелена глава, бели гради и костенлив стомак и бокови. Во лет, бледите сини пердуви од предниот дел на крилјата се разоткриваат. Во рана есен мажјакот ќе има бела полумесечинка на секоја страна од лицето. Во нерепродуктивниот период, мажјакот личи на женката. Женката е сивкаста со кафеави точки и шари, со пердуви слични на тие од дивата патка, од која лесно се разликува по долгиот и широк клун, кој има сив одблесок со портокалови рабови. Пердувите од предниот дел на крилјата кај женката се сиви.
Лета релативно бавно и бучно. Машките единки се огласуваат со придушено квакање кое звучи како „кво, кво“, а женските со тивко крекање. Силно е изразен половиот диморфизам. Не е особено плашлив вид, но претполага да е изолиран и е молчалив. Нурнува ретко и лошо.
Исхрана
[уреди | уреди извор]Се храни најмногу со зоопланктон: ситни ракови, мекотели и др. Заедно со зоопланктонот зема и одредени количества фитопланктон, кој го лови на површината од водата, притоа процедувајќи ја низ доброразвиениот филтраторен апарат на клунот.
Размножување
[уреди | уреди извор]Гнезди во близина на водата, прикриена од грмушки и висока трева. Снесува меѓу 7 и 13 светложолтеникави јајца, со големина 55 x 37 mm и маса од 40 g. Јајцата ги излежува само женката во текот на 23-27 денови. Младите пилиња се испилуваат доволно развиени за да можат да се движат и хранат самостојно.