Станци
Станци | |
Панорама на селото | |
Координати 42°10′37″N 22°21′59″E / 42.17694° СГШ; 22.36639° ИГД | |
Регион | Североисточен |
Општина | Крива Паланка |
Област | Дурачка Река |
Население | 134 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1330 |
Повик. бр. | 031 |
Шифра на КО | 15048 |
Надм. вис. | 1038 м |
Станци на општинската карта Атарот на Станци во рамките на општината | |
Станци на Ризницата |
Станци — село во областа Дурачка Река, во Општина Крива Паланка, во околината на градот Крива Паланка.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во областа Дурачка Река, во високиот југоисточен дел на територијата на Општина Крива Паланка, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Македонска Каменица.[2] Селото е планинско и раштркано, чии маала се издигаат на надморска височина од 900 до 1.060 метри. Од самиот град Крива Паланка селото е оддалечено 6 километри.[2]
Селото се наоѓа длабоко во Осоговските Планини и изобилува со вода. Во самото село се влеваат две помали реки, Голема и Козједолска. Поради положбата на вливот, селото го добило своето име. Кај вливот се наоѓа Средното маало со четиригодишното училиште, што претставува главниот дел на селото.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Вигња, Кураиска или Долно Маало, Бачевиште, Крива Њива, Мушково, Рупи, Бојаџина Падина, Рамниште, Селиште, Попово, Козичино, Каменита Падина, Извор, Вуково Ливадче, Баштевска Ливада, Дебели Рид, Стојанова Њива, Петрева Њива, Ваклино Водино, Гребенџин Гроб, Бел Камен, Варош, Портарица, Бабино Гумно, Сулејманово, Жугино, Манастирска Дупка, Околчеста Орница, Средње Брдо, Ширина, Горња Ширина и Ватов Гроб.[3]
Селото има разбиен тип. Се разликуваат следниве маала: Долно, Средно, Бабино Гумно, Портарица и Варош. Во секое маало главно живеат членови на истиот род.[3]
Селото Станци се наоѓа југоисточно од градот Крива Паланка. На североисток се граничи со селото Б’с, на исток со селото Костур, на југ со Општина Кочани и на југозапад и запад со селото Дурачка Река.
Историја
[уреди | уреди извор]Во XV век во Македонија била раширена појавата на места наречени Варош, па така маалото Варош веројатно потекнува од тој период и било средиште за рударско-ковачките производи.[3]
Во Долно Маало постојат две месности, Селиште и Попово. Преданието зборува дека на Селиште постоеле куќи, но дека таму народот изумрел или избегал.[3]
Во XIX век, Станци било село во Кривопаланечка каза на Отоманското Царство.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот зафаќа простор од 21,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 943 хектари, на пасиштата отпаѓаат 811 хектари, а на обработливото земјиште 319 хектари.[2]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[2]
Во минатото, во селото особено биле развиени ковачниците. Главно биле изработувани клинци и потковици, кои ги продавале во градот Крива Паланка.[3]
По месноста Вигња, но и по други топоними, се заклучува дека во селото постоеле рударски работи во минатото. Покрај рударството, мештаните се занимавале и со правење дрвен јаглен од бука. Бил изработен ситен, за ковачите, и крупен, за огрев на домаќинствата. Во 1945 година престанал овој занает.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Станци имало 350 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Станци имало 504 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]
По Првата светска војна селото било дел од општината Дурачка Река и имало 409 жители.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[7]
Станци, по број на население, преминало од големо во мало село, населено со македонско население. Така, во 1961 година селото имало 430 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 249 жители.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Станци живееле 203 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 134 жители, од кои 122 Македонци и 12 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 350 | 504 | 651 | 690 | 430 | 451 | 365 | 269 | 249 | 203 | 134 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
[уреди | уреди извор]Станци е село со македонско православно население, кое се верува дека е старинско. Селото има толку родови колку и маала. Секој род го добил името по маалото во кое живее.[3]
- Родови се: Варошани (15 к.), Средњемалци (15 к.), Долномалци (10 к.), Бабиногумновци (8 к.) и Портарци (6 к.). За сите се знае дека се старинци и единствено едно семејство (Максимовци) од родот Долномалци се дојдени од селото Б’с.
Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се:[14]
- Староседелци: Цековци (5 к.), Маџовци (7 к.), Куранци или Јовановци (3 к.), Арсовци (1 к.), Финевци со Ѓоргијовци (2 к.), Анчевци (3 к.), Стојановци (5 к.), Колевци со Ѓоргијовци (2 к.), Јаќимовци со Цековци (3 к.), Станчовци (2 к.), Максимовци (3 к.), Цековци втори (5 к.), Николинци (3 к.), Крстевци (3 к.), Јовановци (4 к.), Стојановци втори (6 к.), Стевановци (3 к.), Шабановци (3 к.), Масларци (10 к.), Додевци (2 к.), Анчевци втори (4 к.), Велковци (2 к.) и Кајмаканци со Петровци (4 к.).
- Доселеници: Јовевци (17 к.), доселени се од селото Б’с; Терѕијци или Ѓоргијовци (2 к.), доселени се од исто место како и Јовевци и Маџири (4 к.), исто потекло како претходните два рода.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Крива Паланка, која била една од малкуте општини, кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Кривопаланечка градска општина, во која покрај градот Крива Паланка, се наоѓале и селата Б’с, Варовиште, Дренак, Дрење, Дурачка Река, Киселица, Конопница, Кошари, Лозаново, Мартиница и Станци. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната Општина Дурачка Река, во која влегувале селата Б’с, Дренак, Дурачка Река и Станци.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0958 според Државната изборна комисија.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 182 гласачи.[16]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[17]
- Манастирска Дупка — средновековен сакрален објект.
- Реки[18]
- Станечка Река — тече низ селото, се влева во Дурачка Река
- Козја Река — тече низ селото, на која се наоѓаат Станечките Водопади
- Водопади[19]
- Станечки Водопади — најголем постојан водопад на Осоговските Планини
Редовни настани
[уреди | уреди извор]Во селото се одбележуваат следниве празници: Свети Архангел во маалото Варош, Свети Дух во Средно маало, Младенци во Долно Маало и Свети Симеон во маалото Портарица.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Од селото, по Првата светска војна, а најмногу по Втората светска војна се отселиле многумина. Иселеници се сретнуваат во Банат (Јабука и Велика Греда), овчеполските села (Џумајлија и Каратманово), штипското село Чардаклија, во градовите Скопје, Крива Паланка и во Кочани, во Лозница во Србија.[3][14]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Селските гробишта
-
Куќи во селото
-
Дел од селото
-
Мала хидроцентрала на Станечка Река
-
Амбар во селото
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 282-283. Посетено на 27 јули 2019.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Трифуноски, Јован (1973). Кривопаланачка област. Загреб: Хрватска академија на науките и уметностите. стр. 323–325.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 224.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 142-143.
- ↑ Списък на населените места в Македония, Моравско и Одринско, София 1917, стр. 29.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 27 јули 2019.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ 14,0 14,1 Величковски, Драган (2009). Славишки Зборник Бр.1. Крива Паланка: Градски Музеј - Крива Паланка.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 27 јули 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-12-13. Посетено на 27 јули 2019.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 28. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ Група автори (2016). „Значајни водопади во Република Македонија“. Студија за геодиверзитетот и геонаследството на Република Македонија и другите компоненти на природата (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. стр. 160. ISBN 978-9989-110-90-0.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Станци“ на Ризницата ? |
- Валавицата еден век вала јамболии Архивирано на 5 март 2016 г.
- Станечки водопади - туристичка атракција во Осоговието
|