Градец (Кривопаланечко)
Градец | |
Поглед на маалата Марковци, Петковци и Градаци на селото Градец | |
Координати 42°13′4″N 22°15′43″E / 42.21778° СГШ; 22.26194° ИГД | |
Регион | Североисточен |
Општина | Крива Паланка |
Област | Славиште |
Население | 283 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1330 |
Повик. бр. | 031 |
Шифра на КО | 15011 |
Надм. вис. | 862 м |
Градец на општинската карта Атарот на Градец во рамките на општината | |
Градец на Ризницата |
Градец — село во областа Славиште, во Општина Крива Паланка, во околината на градот Крива Паланка.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во областа Славиште, речиси во средишниот дел на територијата на Општина Крива Паланка, недалеку во западен правец од самиот град Крива Паланка, на оддалеченост од околу 4,4 километри. Од тие причини, селото припаѓа на рурбалната зона на градот.[2] Селото е ридско и од раштркан тип, чии маала се наоѓаат на надморска височина од 680 до 1.000 метри.[2]
Селото се наоѓа во близина на градот Крива Паланка, северозападно од него. Се протега на пространо нерамно земјиште, главно во сливот на малата Градечка Река, десна притока на Крива Река. Околни села се Лозаново на исток, Осиче на североисток и Габар и Т’лминци на запад.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Оров Рид, Градиште, Слепча Чука, Градечка Река, Пушкарски Рид, Солиште, Милева Нива, Могилица или Собориште, Милевски Чуки, Петровска Чука и други.[3]
Селото има особен разбиен тип. Се дели на Долен и Горен Градец. Многу од самите маала се поделени на помали групи на куќи, кои една од друга се доста издвоени.[3]
Дел | Маало | Бр. на куќи |
---|---|---|
Горен Градец | Милевско | 24 |
Пушкарско | 28 | |
Метковско | 23 | |
Крстовско | 21 | |
Долен Градец | Грујинско | 26 |
Мажничко | 21 | |
Кукајско | 21 |
Историја
[уреди | уреди извор]Во горниот северен дел на селото се издигнува височинката Градиште, на која се верува дека постоела тврдина, веројатно од римско време. Во југозападниот дел на селото се сретнуваат месностите Селиште или Подградиште. Кај Селиште се сретнуваат старини, како ѕидови од некогашни куќи, стари гробови, големи врчви, грниња, воденички камења и слично. Сепак, не се спроведени сериозни археолошки истражувања во областа.[3]
Повеќе автори наведуваат во средновековниот период, главно средиште на областа било селото Градец. Од житието на Свети Јоаким Осоговски, кој живеел крајот на XI и почетокот на XII век, може да се дознае дека во селото имало жупан. Меѓутоа, нема никакви податоци за судбината на таа населба.[3]
Маалата Милевци, Петковци и Крстовци се смета дека биле основани од тројца браќа.
Денешното село Градец е населено од македонски родови, доселено главно во XVIII век. Најстари се родовите кои живеат во Горен Градец, а нешто подоцна се населиле и родовите во Долен Градец.[3]
Во XIX век, Градец било село во Кривопаланечка каза на Отоманското Царство.
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот е голем и зафаќа простор од 23,1 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.041,8 хектари, на пасиштата отпаѓаат 739,5 хектари, а на шумите 225 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[2]
Површината на Градец со голи ридови, на кои има мала шума, мештаните главно ја користат за овоштарство. Најмногу преовладуваат сливите, јаболката и крушите. Поради непогодноста на почвата, мештаните за свои потреби одгледувале компир, ’рж, овес, а во многу помали количини пченица и пченка.
Населението, исто така, се занимава со ситно сточарство, односно одгледување за сопствени потреби на овци, говеда и живина.
Поради ова, населението главно работело надвор од селото, како рудари и градежници.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Градец имало 1.330 жители, од кои 1.290 Македонци и 40 Роми.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Градец имало 1.120 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]
По Првата светска војна селото било средиште на истоимената општина и имало 1.130 жители.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.200 Македонци.[7]
Од селото се иселил значителен дел на населението, но населеноста е уште добра. Во 1961 година броело 1.356 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 422 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Градец живееле 318 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 283 жители, од кои 266 Македонци, 1 Србин, 3 останати и 13 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.330 | 1.120 | 1.205 | 1.375 | 1.356 | 1.069 | 693 | 455 | 422 | 318 | 283 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
[уреди | уреди извор]Градец е македонско село, населено со македонски родови, кои се доселиле во XVIII век. Ниеден род не знае од каде се доселени.[3]
Според истражувањата од 1973 година, родови во селото се:
- Горен Градец: Пушкарци (28 к.), Милевци (24 к.), Петковци (23 к.) и Крстевци (21 к.).
- Долен Градец: Грујевци (26 к.), Мазници (21 к.) и Кукајци (21 к.).
Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ во 1953 година, родови во селото се:[14]
- Староседелци: Грујинци (7 к.), Вучковци (6 к.), Цветановци со Спасевци (2 к.), Ѓоргинци (2 к.), Бошковци (3 к.), Спасевци (2 к.), Воденичарци (1 к.), Баба Спасинци (2 к.), Алексинци (1 к.), Баба Станини (1 к.), Шарковци (1 к.), Пешинци (2 к.), Мендис или Симоновци (1 к.), Величковци (3 к.), Аврамци (1 к.), Стоилковци (1 к.), Коза или Павловци (1 к.), Милудиновци (2 к.), Беговци (1 к.), Пискинци (3 к.), Величковци втори (1 к.), Протогерци (1 к.), Качарци (2 к.), Куларци (3 к.), Камиљаци (2 к.), Коритарци (5 к.), Марковци (1 к.), Цветановци втори (2 к.), Ристовци (4 к.), Наставинци (1 к.), Пандаци (3 к.), Ѓошинци (4 к.), Симоновци (2 к.), Јаковци (3 к.), Ѓошинци Втори (1 к.), Павловци (2 к.), Стаменковци (1 к.), Мечкарци (3 к.), Дунковци или Митовци (4 к.), Казалбашовци (2 к.), Огорелци (1 к.), Вучевци (2 к.), Гаџарци (2 к.), Карадаци (4 к.), Грци (4 к.), Булутарци (1 к.), Милевци или Цупарци (22 к.), Петковци (8 к.), Дедо Марковци (7 к.), Самарџијци (4 к.), Величковци трети (2 к.), Саизовци (1 к.), Орозанци (1 к.), Шобанци (1 к.), Шијаци (2 к.), Коларци (1 к.), Мачиште (1 к.), Шољковци (2 к.), Ѓоргинци втори (1 к.), Пешинци втори (4 к.), Кордевци (5 к.) и Банговци (1 к.).
- Доселеници: Гољовци (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Подржи Коњ и Бучкинци (2 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Конопница.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Месна заедница „Градец“, создадена по Втората светска војна, каде работела и матична служба
- Подрачно основно училиште „Јоаким Крчовски“
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Крива Паланка, која била една од малкуте општини, кои не биле променети по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Крива Паланка.
Во периодот 1952-1955, селото било средиште на тогашната општина Градец, во која покрај селото Градец, се наоѓале и селата Габар и Осиче. Општината Градец постоела и во периодот 1950-1952.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0973 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватен објект.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 256 гласачи.[16]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта
- Градиште — римска населба, сместена на висок карпест рид во најсеверниот дел на селото. Не постојат потврдени археолошки истражувања.
- Цркви[17]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква, во која се наоѓале „одаи“ за секое од маалата на селото, но и за селаните од соседните села Габар, Огут и Метежево
- Испоснички пештери
Во XI век на просторот на Градец престојувал светецот Свети Јоаким Осоговски во испосништво во една пештера (испосница), пред да стане ктитор на манастирот кој го носи неговото име. Пештерата се наоѓа во ридовите над црквата „Свети Никола“ во село Градец.
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Духовден — вториот ден на овој празник се слави како селска слава. Првиот ден се посетува селската црква, додека вториот ден се собираат на месноста Могилица, покрај Милевско Маало. Третиот ден се посетува местото Ан во Грујинско Маало.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Од ова село има иселеници во огромен број. Калинци (4 к.), Николовци (3 к.) и Јовановци (1 к.) се иселени во селото Варовиште. Пушкарци (6 к.) се иселени во селото Дрење. Градчанци (2 к.) се иселени во селото Т’лминци. Тукарци (4 к.) се иселени во Трговиште во Србија. Стојче се иселил во селото Преод во Овче Поле. Гарчанци (3 к.) и Кукалци (2 к.) се иселиле во селото Лопате кај Куманово. Американци (2 к.) се иселиле во селото Клечевце кај Куманово. Градчанци (3 к.) се иселиле во селото Јачинце кај Куманово.
Уште иселеници има во Умин Дол кај Куманово, Облешево (четири семејства) кај Кочани, Горобинци, Мустафино и Свети Николе во Овче Поле, Потоа во селото Аргилци кај Штип. Во поедини скопски села (Мршевци). Во уште некои кумановски села. Во областа Банат во Војводина (Јабука, Качарево, Глогоњ) и во Крива Паланка (околу 30 семејства).[3]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Поглед на маалото Петковци
-
Стара куќа во селото Градец
-
Кладенец во маалото Дивјанци
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 84. Посетено на 19 мај 2019.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Трифуноски, Јован (1973). Кривопаланачка област. Загреб: Хрватска академија на науките и уметностите. стр. 273–275.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 224.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 142-143.
- ↑ „Списък на населените места в Македония, Моравско и Одринско, София, 1917, с. 30“. Архивирано од изворникот на 2014-04-07. Посетено на 2021-08-11.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 19 мај 2019.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Величковски, Драган (2009). Славишки Зборник Бр.1. Крива Паланка: Градски Музеј - Крива Паланка.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 20 мај 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-11-24. Посетено на 20 мај 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|