Прејди на содржината

Богомил Ѓузел

Од Википедија — слободната енциклопедија
Богомил Ѓузел
Роден 9 февруари 1939
Чачак, Кралство Југославија (денес Србија)
Починал 22 април 2021(2021-04-22) (возр. 82)
Скопје, Македонија

Богомил Ѓузел (Чачак, Кралство Југославија, 9 февруари 1939Скопје, Македонија, 22 април 2021) — македонски поет, есеист, драмски писател, раскажувач и преведувач. Негова сопруга е македонската писателка Лилјана Дирјан.

Роден е во Чачак, каде што татко му, Димитар Ѓузелов, работел како гимназиски професор со забрана за враќање во Македонија. По бугарската окупација во 1941 година неговото семејство доаѓа во Скопје, каде Ѓузел израснал и се школувал. Богомил Ѓузел е поет, раскажувач, драмски писател, есеист - припадник на третата повоена генерација македонски писатели, онаа генерација што се појавува во втората половина на педесеттите години на дваесеттиот век и која со своето дејствување ќе изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската книжевност, придонесувајќи за победата на оние сили кои се бореа за проширување на хоризонтите на творечките слободи и за внесување на македонската култура во Европа и во светот.[1]

Образование и работен век

[уреди | уреди извор]

Во 1963 година завршил англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј". Во 1963–1964 година работел како ТВ реализатор во РТВ Скопје. Во 1964/65 година бил на постстудиски престој на Универзитетот во Единбург, како стипендист на Британскиот совет. По враќањето, од 1966 до 1971 година, работел како драматург во Драмскиот театар, Скопје, потоа од 1971 до 1973 година, како програмски директор на Струшките вечери на поезијата. Од 1976 година работи како библиограф во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а од 1985 до 1999 година, како драматург во Драмскиот театар, Скопје. Од 1999 година е в.д. директор на Струшките вечери на поезијата, до пензионирањето во март 2004 година. Во меѓувреме бил секретар на Македонскиот ПЕН центар (1963–64), секретар на Друштвото на писателите за односи со странство (1970–72) и еден од основачите и прв претседавач на Независните писателите на Македонија (1994), на чиј двомесечник за литература и култура „Наше писмо“ е главен и одговорен уредник од неговото основање во 1995 година. Учествувал на Интернационалната програма за пишување во Ајова Сити, САД (1972/73) и на меѓународните поетски фестивали во Ротердам (1978 и 1995), Сан Франциско (1980), Херлен (1991), Магар, Израел, (2001), Мастрихт и Валенсија (2002), Берлин (2006), Лодев (2007), Сараево (2008), Загреб (2009), Вилнус (2010), Истанбул (2011). За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година.

Книжевно творештво

[уреди | уреди извор]

Творечкиот опус на акад. Богомил Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои триесетина се поетски збирки, над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници и сл., 85 единици се преводи на дела од странски автори, 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и сл. За творештвото на акад. Ѓузел се напишани и голем број на критики и осврти, како од домашни, така и од странски автори.

Есеите кои акад. Ѓузел ги објавуваше во периодиката и дел од кои се собрани во книгите „Историјата како маштеа” и „Бовча”, ни го покажуваат овој автор не само како еден извонредно луциден интелектуалец, кој поседува висока доза на информираност и на сестрано образование, туку и како творец кој на прашањата што ги зема во средиштетото на своето внимание знае да им најде оригинален и често неочекуван аспект. Овој вид текстови на акад. Ѓузел се плод на упатеноста на овој автор во суштинските прашања на нашата епоха, како и резултат на неговата страсна желба да им најде одговор кој ќе биде во согласност со неговите етички и естетски сфаќања. Ставот на акад. Богомил Ѓузел е секогаш став на еден вистински ангажиран интелектуалец кој сака да ги изнесе своите погледи јавно и гласно, и тогаш кога тие, според сите предвидувања, не би можеле да очекуваат да бидат пречекани со сеопфатна согласност. Европската ориентација, интелектуалната луцидност и универзалната широчина им обезбедуваат на неговите есеи едно траење кое далеку ги надминува околностите во кои тие се пишувани и поводите кои го предизвикале нивното појавување.

Кога се зборува за овој вид на творечки ангажман на акад. Ѓузел, секако не може да се испушти од предвид манифестот „Епското на гласање” во кој овој автор на еден мошне оригинален и провокативен начин ги изнесува своите ставови кои се однесуваат на сфаќањето на поезијата, на творечкиот чин како и на прашањата поврзани со културната и поетската традиција. Овој манифест одигра значајна улога во формирањето на македонската културна клима во тој миг и го покажа самостојниот однос на неговите потписници кон официјалната идеолошка и политичка матрица која во тој период важеше како општоприфатена. Појавата на овој поетски проглас предизвика еден голем бран на љубопитство за македонската поезија во некогашните ју-простори, и во круговите на книжевната наука сè уште е објект на истражувања и анализи.

Богомил Ѓузел е несомнено наш најзначаен преведувач и препејувач на поезијата од англофонското книжевно подрачје. Високопрофесионалиот однос кон комплексните проблеми што се отвораат при преводот на поетските дела од класиката, совесноста и истенчениот вкус го красат овој дел од творечката дејност на овој автор. Благодарение на неговиот преведувачки ентузијазам, на јазичното мајсторство и на еден навистина студиозен пристап, на македонски јазик, во негов превод, се приопштени најпознатите драмски дела на Вилијам Шекспир. Освен тоа, Ѓузел е преведувач на изборите од поезијата на Т.С. Елиот, В.Х. Одн , Е. Дикинсон, Шејмас Хини и др. а и составувач и преведувач на една сериозна и откривачка Антологија на современа американска поезија.

  • Медовина (1962)
  • Алхемиска ружа (1963)
  • Мироносници (1965)
  • Одисеј во пеколот (1969)
  • Бунар во времето (1972)
  • Тркало на годината (1977)
  • Стварноста е сè (1980)
  • Опсада (1981)
  • Празен простор (1982)
  • Мрак и млеко (1986)
  • Рушејќи го ѕидот (1989)
  • Одбрани песни (1991)
  • Гол живот (1994)
  • Хаос (1998)
  • Она (2000)
  • Одбрана поезија (1962-2002) (2002)
  • Историјата како маштеа (1969)
  • Куќа цел свет (1975)
  • Митостории (три драми) (1982)
  • Легенди (1984)

Изведувани, но неиздадени:

Награди и признанија

[уреди | уреди извор]

Богомил Ѓузел е добитник на најзначајната книжевна награда „Браќа Миладиновци” за најдобра поетска книга помеѓу две Струги (двапати) и наградата за преведувачки опус „Кирил Пејчиновиќ”. Исто така, добитник е и на главната награда на Меѓународната писателска средба во Загреб 2002 година.

  1. Македонски писатели, Друштво на писатели на Македонија, Скопје, 2004, стр. 86.